Новости
Средба со членовите на претседателството на Македонската академија на науките и уметностите
Четврток, 07 Февруари 2013
Средба со Горан Свилановиќ, Генерален секретар на Советот за регионална соработка
Понеделник, 04 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Горан Свилановиќ, Генерален секретар на Советот за регионална соработка.

Македонскиот претседател упати честитки до г. Свилановиќ за преземањето на функцијата Генерален секретар на Советот за регионална соработка и изрази уверување дека одличната соработка ќе се развива во континуитет, како за време на македонското претседавање со Просецот за соработка во Југоисточна Европа, така и во иднина.

На средбата беа разменети мислења во врска со реализацијата на целите на македонското претседавање со ПСЈИЕ, кои се во насока на градење на свеста на регионот за потреба од заеднички пристап кон намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатски промени. Во таа насока, претседателот Иванов изрази задоволство од експертската помош што Советот за регионална соработка ја обезбедува во процесот на изработка на концептот за Самитот на ПСЈИЕ.

Двајцата соговорници воедно ја констатираа значајната улога на Советот за регионална соработка во обезбедување на европска и евроатлантска интеграција на регионот. Во тој контекст, претседателот Иванов ја истакна идејата за формирање на Фонд за иднината во рамките на ПСЈИЕ, како механизам за продлабочување на соработката во регионот, што ќе обезбеди фондови за образовни, научни, културни, медиумски и други проекти што промовираат добри односи, соработка, взаемно разбирање и толеранција.

Проштална средба со амбасадорката на Кралството Мароко, Азиза Лимаме
Понеделник, 04 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба ја прими амбасадорката на Кралството Мароко, Н.Е. г-ѓа Азиза Лимаме. Претседателот Иванов се заблагодари за досегашниот придонес и напорите на амбасадорката Лимаме за продлабочување и унапредување на односите помеѓу двете земји и искажа задоволство од принципиелниот пристап на Кралството Мароко во однос на употребата на уставното име на Република Македонија. На средбата беше констатирано дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Мароко се развиваат по нагорна линија, во духот на пријателство и меѓусебна соработка и разбирање и беше истакната потребата од продолжување на успешниот политички дијалог, преку размена на посети. Двајцата соговорници искажаа интерес и за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, и ја потенцираа потребата од правно регулирање на билатералните односи во повеќе области. Претседателот Иванов и амбасадорот на Кралството Мароко разменија мислење и информации и за актуелните случувања во Мали, Сирија и Блискиот Исток.

min001
Успорувањето на интеграцијата на Балканот во ЕУ создава потенцијални идни конфликти – Обраќање на 49. Минхенска безбедносна конференција
Сабота, 02 Февруари 2013

Секое успорување на интегрирањето на Балканот во ЕУ создава потенцијални идни конфликти. Ако сакате проблемите да ги врзете за територија настанува конфликт. ЕУ ако го отвори просторот, проблемот на границите се надминува кога тие ќе исчезнат, подвлече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на сесијата „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказ“ во рамки на 49. Минхенска безбедносна конференција. Ако ЕУ се умори од проширување, младите на Балканот се уморија од чекање, а ние имаме одговорност пред генерациите кои доаѓаат, порача претседателот Иванов. Ако едни стандарди и принципи важат за основачите на ЕУ тие треба да важат и за идните членки. Не може фудбалот да се одвива на тој начин што додека трае играта да се менуваат правилата. Затоа, ние се чувствуваме погодени, за нас не важат правилата кои важат за другите држави, туку ние имаме дополнителни услови, истакна претседателот Иванов, додавајќи оти иднината се остварува денес.

НАТО, рече македонскиот претседател, од Македонија направи кандидат за „Гинис“, имаме 14 акциски планови за членство, 18 ротации на македонски мировници во Авганистан, а ги имаме сите обврски и ризици како учесници, меѓутоа, немаме ниту една привилегија. Затоа сме незадоволни од НАТО. ЕУ најде начин да биде иновативна и креативна, отвори дијалог на високо ниво. Ќе се  радуваме ако има таква креативност и од НАТО. Алијансата, сепак е архитектура која треба да се гради, порача претседателот Иванов на сесијата на која учествуваа и претседателите на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Азербејџан, Илхам Алиев и министрите за надворешни работи на Грузија, Маја Панџикидзе и на Казахстан, Ерлан Идрисов.min2
Балканот, потсети претседателот Иванов, доживеа многу трауми во 20 век. Имавме студена војна и жежок мир по распадот на Југославија. Конечно прв пат на Балканот имаме држави со демократски избрани влади, прв пат младите користат еден јазик - англиски. Ако ние како политичари, констатира тој, не овозможиме нашите држави да влезат што побрзо во ЕУ, тоа веќе го прават младите генерации кои наоѓаат начини тоа да го направат преку социјалните мрежи, не територијално. На Балканот денес е можен мир и добро е што ЕУ доби награда за мир за да ги потсети младите генерации дека ЕУ пред се е мировен проект, а потоа политички и економски, рече македонскиот претседател. Тој додаде оти неутрална сила  за оние кои денес живеат на Балканот е Судот за човекови права во Стразбур, како последна инстанца каде што граѓаните можат да ги тужат и сопствените држави за прекршување на своите права.

min3Осврнувајќи се на историските факти, за Балканот и за Кавказот, претседателот на Република Македонија посочи оти претставите за Балканот и за Кавказот секогаш ги создавале другите и затоа Балканот е буре барут, место каде постојано има конфликти и војни. Историјата не учи друго, дециден е претседателот Иванов, од 3.000 години пишана историја на светот, 2.700 се војни на планетата, а само 300 години има мир. Да биде парадоксот поголем подвлече, најголеми периоди на мир биле на Балканот.

Можност да се искажат македонските ставови за безбедноста - учество на 49. Конференција за безбедност во Минхен
Петок, 01 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска престојува во Минхен, Сојузна Република Германија каде што учествува на 49. Конференција за безбедност. Минхенската конференција е најеминентен форум за прашања од областа на безбедноста и тука секогаш се отвораат темите кои се и во наш интерес, затоа што тоа се предизвиции за регионот, но и за глобалната состојба. Учествувајќи на вакви форуми секогаш укажувам на тоа за што се залагаме ние, бидејќи имаме активно учество со 18 ротации во мисијата ИСАФ во Авганистан, секаде каде што сме повикани учествуваме во мировни мисии и придонесуваме за стабилноста во нашиот регион. Ова го нагласи претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска по отворањето на 49. Минхенска безбедносна конференција.

На маргините на 49. Конференција за безбедност во Минхен, претседателот Иванов оствари билатерална средба со шефот на дипломатијата на Кралството Шведска Карл Билд. Централна тема на разговорите беше интегративниот процес на Македонија во ЕУ за сето она што не очекува во тој процес за шведските искуства и се она што може да ни помогне во таа насока. Притоа, претседателот Иванов го нагласи значењето на почетокот на претпристапните преговори со ЕУ. Жалам што во декември не го добивме она што го заслуживме. Да го добиевме датумот, денес работите на внатрешен план ќе беа поинакви, истакна македонскиот претседател. Соговорниците се согласиja дека е неопходно дијалогот да се води во демократските институции, ја потенцираa неопходноста за поголема свест и одговорност на сите општествени политички фактори за стратешката цел и интерес на граѓаните на државата. Министерот Билд потенцира дека реалната перспектива што Македонија ја има во однос на добивање датум не треба да биде доведена во прашање и загрозена од внатрешни причини. Тој ги поздрави напорите на претседателот Иванов во насока на надминување на политичките состојби во Република Македонија. На средбата е разговарано и за актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името што се води во ОН.

Претседателот Иванов на маргините на 49. Конференција за безбедност во Минхен, оствари средба со претседателот на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ. На средбата се констатираа одличните односи и соработка меѓу двете земји. Двајцата претседатели ја потврдија натамошната меѓусебна соработка и взаемна поддршка на Македонија и Хрватска. Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете земји, како и за регионалните состојби.

Претседателот Иванов утре ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција на сесијата со која ќе претседава Марти Ахтисари, добитник на Нобеловата награда за мир и поранешен претседател на Република Финска, а ќе говори на тема „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказот“. На 49. Конференција во Минхен учествуваат 350 шефови на држави и влади, министри, експерти и други високи функционери од над 70 држави.

Претседателот Иванов на чествување на христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики во Тетово
Четврток, 31 Јануари 2013
 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 121 од 198