Новости
Централно одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“
Понеделник, 07 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Свети Климент Охридски" во Скопје. Со божиќната литургија чиноначелствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ. Претседателот Иванов, по завршувањето на литургијата, на граѓаните од православна вероисповед им го честита Божик и им посака здравје, радост и среќа. На сите што денес го слават големиот христијански празник им го честитам Божик, им го честитам раѓањето Христово. На сите им посакувам многу здравје, многу радост и среќа во текот на целата година. Во духот на нашата традиција, посакувам како што сме сплотени за време на празниците, така да бидеме во текот на целата година. Да бидеме меѓу себе солидарни, да си помагаме меѓу себе и да се почитуваме, истакна претседателот Иванов и ги поздрави православните христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди". Кај семејството Иванови, оваа година паричката од бадниковото лебче се паднала во домот, изјави македонскиот претседател.
На литургијата присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски, амбасадорот на САД, Пол Волерс, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, како и други личности од јавниот живот во државата. Во Соборниот храм на божиќната литургија со свештенослужителите беше и архимандритот Никодим Царкњас, борец за правата на Македонците во Грција. Претседателот Иванов, по литургијата присуствуваше на Божиќната трпеза која традиционално  ја организира поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан.


alt

alt
Детскиот хор „Златно славејче“ на коледе во домот на семејството Иванови
Недела, 06 Јануари 2013

Триесетина деца од детскиот хор „Златно славејче“ денеска по повод бадник и коледарските обичаи го посетија домот на семејството Иванови. Со коледарската песна, пред вратата на претседателската резиденција „Златните славејчиња“ го најавија нивното пристигнување. На влезот ги пречекаа Претседателот Иванов, неговата сопруга Маја и синот Иван. Откако ја слушнаа "Коледе леде", домаќините ги поканија децата во нивниот дом каде што им поделија бадникарски пакетчиња. Семејството Иванови своите гости ги почестија со сок и со посни колачиња, а децата, покрај со прегратка, им се заблагодарија пеејќи неколку новогодишни и божикни песни. Иван, синот на претседателот Иванов, заедно со златните славејчиња го збогатија прекрасниот божиќен амбиент пеејќи песна од македонскиот незаборав Тоше Проески, кој исто така во детството членуваше во детскиот хор „Златно славејче“.

Големо е задоволството што денеска во нашиот дом, гости се „златните славејчиња“ и што со коледарски божикни песни ни го развеселуваат овој прекрасен и голем празник. Желба на секое дете е да биде коледар, изјави Иван Иванов и додаде дека со задоволство се навраќа на целата таа приказна и на сите тие убави моменти од неговото детство кога и тој бил коледар. - И да Ви признаам, изутринава пред да дојдете, јас бев кај дедо ми и ја испеав коледарската песна. Во нашиот дом секогаш со голема почит и со многу радости се дочекуваат овие празници, а така ќе биде и денеска, и вечерва, и утре. Ви посакувам преубави празници исполнети со многу здравје, среќа, љубов, радости, многу музика...Нека е за многу години празникот. Честит Божик!, изјави Иван Иванов, синот на македонскиот претседател.

Изненадување за гостите беше запознавањето со домашниот миленик на Иванови. Децата од хорот „Златно славејче“ се запознаа и дружеа со шарпланинецот Алек.

alt

Новогодишна посета на припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната ,,Мирче Ацев" во Прилеп
Вторник, 01 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили на АРМ, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, денеска ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната ,,Мирче Ацев" во Прилеп кои се на должност за време на Новогодишните празници.

Традиционално како Врховен командант првиот ден од Новата година го поминувам со припадниците на Армијата на Република Македонија. Овој пат тоа се припадниците на артилерискиот баталјон. Честитајќи им ја Новата година преку ним упатувам честитки до сите припадници на АРМ, особено до војниците во меѓународните мировни мисии во странство кои исто така, придонесуваат за угледот на Македонија во светот. Нашата армија, според сите стандарди, задоволува се што бара НАТО и се надеваме еден ден ќе го заслужиме тоа што ни припаѓа, да бидеме дел од Алијансата, изјави претседателот Иванов по средбата со војниците.

Традиционалната посета на Врховниот командант беше искористена за отворање на реактивираната касарна „Мирче Ацев" во Прилеп. Претседателот Иванов напомена дека заживувањето на касарната е значајно не само за животот во градот, туку и од стратегиски аспект.

Претседателот и младите лидери им поделија новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Понеделник, 31 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, каде заедно со членовите на Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери (ИСЛАА) им подари новогодишни пакетчиња и играчки на децата кои се лекуваат во Клиниката, честитајќи им ја Новата година со желби за побрзо оздравување.

Ивана Атанасовска, претседател на Иванов Школа за лидери - алумни асоцијацијата, истакна дека и оваа година во соработка со проектот „Прегратка на дар“ и со целосна поддршка од претседателот Иванов, ја организираа оваа хуманитарна акција за подарување новогодишни пакетчиња, кои годинава се донација од фабриката „Витаминка“, како и играчки рачно изработени од децата од градинките низ Македонија.

„Наша најголема новогодишна желба е овие дечиња што поскоро да оздрават, да се вратат во своите домови и да си ја продолжат својата безгрижна детска игра. Ако денеска успеавме барем малку да им го разубавиме денот со нашите подароци, тоа е за нас најголем новогодишен подарок,“ посочи Атанасовска.

Таа изрази благодарност до претседателот Иванов во името на сите членови на алумни асоцијацијата,  за неговата несебична поддршка за сите нивни активности и хуманитарни акции, и им ја честиташе Новата година на дечињата кои се лекуваат во клиниката, на сите оние кои се грижат за нив, како и на сите граѓани на Република Македонија.

Проектниот менаџер на хуманитарната акција „Прегратка на дар“, и член на ИСЛАА, Емилија Џуровска, истакна дека акцијата има за цел да внесе хуманост уште во раните возрасти кај децата во градинките кои рачно изработуваат играчки за да им посакаат среќни празници на дечињата кои се принудени за новогодишните празници да останат во болниците. На тој начин ги пренесуваат нивните желби тие побрзо да оздрават.


Претседателот приреди новогодишен прием за децата на македонските мировници
Четврток, 27 Декември 2012

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија кои се во мировни мисии, како и за децата на загинатите припадници на АРМ од мировната мисија „Алтеа”.

Во Домот на АРМ, децата на македонските мировници имаа можност да ја проследат новогодишната претстава „Дедо Мраз во земјата на пингвините”, а по завршувањето на претставата Претседателот им подели и новогодишни пакетчиња.

Претседателот Иванов на децата им посака годината што доаѓа да им биде полна со здравје, среќа, успех во учењето и радосни детски денови исполнети со смеа.

Децата имаа можност преку видео линк да ги поздрават и нивните родители  кои во моментов се во мировните мисии во Авганистан и во Босна и Херцеговина.


Претседателот Иванов ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело
Среда, 26 Декември 2012

Трговскиот центар Skopje City Mall, на архитектите Грегори Ибанез, Звонко Тасевски, Крсте Петров и консултантот Илија Божиновски од фирмата ДСЦ Дизајн,  е најуспешното реализирано архитектонско дело за 2012 година.

Големата годишна награда за архитектура, вечерва беше врачена од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој е нејзин традиционален покровител. 

Во своето пригодно обраќање, претседателот Иванов истакна дека Македонија може да се пофали со значајна традиција на македонски градители, чии градби се познати пошироко во регионот.

„Македонската архитектура претставува одраз и на традициите, вредностите и светогледот  на македонскиот народ, па оттука секоја генерација архитекти има предизвик и обврска да ја усовршува и збогатува сликата на македонската архитектура.  Одговорноста не е само кон нашите современици, туку и кон идните генерации.  Впрочем,  тие исто така ќе бидат сведоци на она што ние сме им го оставиле како архитектонско наследство,“  истакна претседателот Иванов, притоа упатувајќи честитки до овогодинешните добитници на наградата. 

Свеченото доделување на наградата го организира Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во рамки на традиционалната новогодишна средба на архитекти. Големата годишна награда, годинава беше доделена по 36-ти пат, а истата претставува преглед на архитектонските дела во тековната година и валоризација на најуспешното достигнување во архитектурата.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 123 од 198