Новости
Во функција на граѓаните пред сè - Претседателот Иванов на средба со граѓани во Народната канцеларија во Скопје
Среда, 07 Ноември 2012

Педесетина граѓани денеска во Народната канцеларија во Скопје имаа можност да се сретнат со претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, да ги изнесат своите ставови и мислења за севкупните состојби во општеството, како и за проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права и интереси.

Македонскиот претседател ги запозна граѓаните со активностите во вршењето на неговите уставни и законски надлежности и притоа даде свои оценки и мислења.

„Сите што сме избрани од граѓаните сме во функција на остварување на интересите на граѓаните. И секогаш поаѓам од тоа што е за нив од животен интерес, што е нивен приоритет. Сите овие средби се на некој начин и проверка на тоа што го работиме и остваруваме и колку е тоа во интерес на граѓаните,“ истакна претседателот Иванов.

Прашањата на граѓаните најмногу се однесуваа на проблемот со името, на меѓуетничкиот соживот, на невработеноста, но имаа и бројни предлози за подобрувања во многу општествени сфери.

„Мојата перцепција за претседателот Иванов е што не се работи за политичар кој главно ги штити интересите за покачување на неговиот рејтинг или во интерес на неговата партија, туку тој работи во интерес на својата држава како патриот и навистина чесно,“ истакна  пензионерот Недан Јовановски, кој во оваа прилика го праша претседателот Иванов како странските државници гледаат на проблемот за името со Грција и дали ја разбираат состојбата во нашата држава.

Во одговорот претседателот Иванов му посочи дека во секоја прилика пред странските државници постојано инсистира на прашањата кои не засегаат и на решавањето на овој проблем. Претседателот додаде дека секогаш треба да се потенцира зачувувањето на нашиот идентитет.

„И јас го поддржувам  тоа, бидејќи Претседателот е голем поборник за нашиот идентитет и затоа му порачав да продолжи така, а ние се гордееме со таков претседател,“ додаде пензионерот Јовановски.

По неколку претходни обиди Исмаил Бафтијари денеска успеа да се сретне со претседателот Иванов и притоа побара мислење од него за меѓуетничкиот соживот, но и за перспективата на младите луѓе и проблемот со невработеноста.

„Од одговорот сум задоволен. Видов дека Претседателот има разбирање за сите проблеми. Тој ми одговори дека во тек се инвестиции во Македонија, со што ќе се отворат нови работни места за граѓаните, а тоа ќе доведе до намалување и на невработеноста.  Претседателот Иванов лично е вклучен и поддржува многу младински активности, дали во областа на спортот или образованието, и гледам дека ги разбира нивните проблеми,“ изјави студентот Бафтијари,“

Претседателот Иванов посочи дека порано имаше многу повеќе поплаки и претставки, најчесто за тоа како функционираат институциите, каде граѓаните наидуваат на проблеми во остварување на одредени права, но при последните средби сè повеќе изложуваат иницијативи, сугестии, идеи за одредени прашања.

„Најчесто секако тука е проблемот со името, идентитетот, нивните сфаќања како тоа влијае на нивниот живот. Има и многу корисни иницијативи за иновации кои ги оствариле, но не можеле да ги реализираат, и како може институциите за нив да се заинтересираат, за некои нивни иновации да се применат со можност да се отворат работни места. Еве денес имавме иницијативи како да се подигне квалитетот на образованието. Споделени беа искуства од луѓе кои целиот живот  го посветиле на образованието,а кои сега се во пензија, но со целото нивно искуство даваа предлози за добробит на сите што живееме во Македонија,“ истакна претседателот Иванов.

Според Претседателот, со отворањето на Народните канцеларии во Скопје, Битола и Тетово се реализира неговата заложба за блискост и непосреден контакт со граѓаните на Република Македонија. Токму Народните канцеларии се еден од начините непосредно да се слушнат граѓаните, нивните идеи, сугестии, иницијативи и предлози.

„Тоа беше дел од мојата изборна програма, со цел да ја доближиме институцијата Претседател до обичниот граѓанин. И денот денеска  е посветен токму на тоа, на средба со граѓаните. Оценките се позитивни, затоа што кај граѓаните се чувствува потребата да остварат личен контакт, не само преку дописите што ги доставуваат, не само преку претставките, туку имаат желба и за лична комуникација. Тоа нив им причинува лично задоволство, и е можност да ги искажат своите ставови, можност лично на шефот на државата да му пренесат сознанија од својот секојдневен живот. од нивните пријатели и колеги. Мислам дека ова е една добра иницијатива и добра практика, која гледам дека и другите институции ја применуваат, затоа што сепак тоа е, како што кажав на почетокот во функција на граѓаните пред сè,“ нагласи македонскиот рпетседател.

Тој им заблагодари на граѓаните за нивното денешно присуство, посочувајќи дека без нивниот конкретен придонес нема да биде возможно градењето на успешни и функционални политики.

На денешната средба на граѓаните со претседателот Иванов во Народната канцеларија во Скопје, меѓу останатите присуствуваа и дел од членовите на навивачката група „Комити“, кои пред македонскиот претседател ги претставија активностите кои тие ги спроведуваат, како и проблемите со кои се соочуваат. Во знак на благодарност за разбирањето покажано од страна на македонскиот претседател, навивачката група Комити на претседателот Иванов му подари шал и мациа со нивното лого.

Народната канцеларија во Скопје беше отворена во април 2010 година. Од нејзиното отворање досега е посетена од неколку илјади граѓани.


Претседателот Иванов во Сочи со Награда за мир од меѓународната организација “Мир и Спорт”
Петок, 02 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од меѓународната организација “Мир и Спорт” во рамки на форумот кој се одржува во Сочи, доби посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот. Наградата му ја додели претседателот и основач на организацијата “Мир и Спорт“, Жоел Бузу.

“Тоа е мотив за секого и потврда дека доколку искрено се пристапи кон секоја идеја, кога тогаш тоа ќе даде резултати и меѓународна промоција. Иако сме мала земја покажавме дека можеме да работиме со младите и да им укажеме дека Македонија е земја на различности и дека кога се спортува тие разлики немаат влијание, туку има мотивација да се натпреварува”, изјави престедателот Иванов.

Според Претседателот, иницијативата на Принцот Алберт Втори од Монако преку спорот да се промовира мирот е една благородна идеја која потикнува спортистите што повеќе да се вклучат и да имаат поголема улога во промовирањето и креирањето на мирот.

“Преку спортот многу повеќе може да се помогне особено во оние средини кои немаат моќ сами да се справат со наследството што им го оставиле. Во тие средини преку спортот луѓето ја чуствуваат моќта на мирот, односно да се биде во мир и да може да се натпреваруваат и постигнуваат резултати, кои потоа им овозможуваат да се пробиваат во меѓународните асоцијации и натпревари”, истакна претседателот Иванов.

Во Македонија изминатата година под покровителство на претседателот Иванов беше реализиран проектот “Спортот како фактор на толеранција заедништво и почитување”. Со него беа опфатени над 300 деца од различна етничка и верска припадност од 6 општини. Основната цел на проектот беше преку спортот децата да се запознаваат меѓу себе и да научат да ги почитуваат различностите на другиот.

Претседателот Иванов, и годинава беше еден од главните говорници на Меѓународниот форум "Мир и спорт", на кој учествуваат повеќе од седумстотини делегати од стотина земји, меѓу кои политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници од Меѓународниот олимписки комитет, и голем број спортисти со светско реноме.

Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот.
 

Партнерство и поддршка преку спортот – во Сочи Претседателот се сретна со рускиот министер за спорт, Витали Мутко
Среда, 31 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во црноморскиот град Сочи оствари средба со рускиот министер за спорт Витали Мутко, на која основен акцент беше ставен на воспоставувањето билатерална соработка во областа на спортот, првенствено преку потпишување на договори и спогодби, но и взаемна поддршка и цврсто партнерство во меѓународните спортски федерации.

На средбата, одржана на маргините на шестиот Меѓународен форум "Мир и спорт", двајцата соговорници изразија подготвеност за размена на тренери за потребите на спортските школи, обучување на кадри, користење на спортски капацитети, како и за соработка меѓу високообразовните установи преку вклучување во специјализирани образовни процеси за надградба во областа на спортот.

„Русија е отворена за соработка со Македонија. Имавме конструктивна средба. Разговаравме за соработката во делот на спортот и во поучувањето на кадри од Македонија и од Руската Федерација,“ истакна рускиот министер Мутко.

Претседателот Иванов го информираше рускиот министер за активностите и проектите што ги спроведува македонската Влада за унапредување и развој на спортот, создавање на висококвалитетни кадри, како и за поттикнување на спортскиот дух кај младите преку изградба на спортски терени, игралшта и сали.

Македонскиот претседател оцени дека форумот, кој се одржува под поковителство на принцот од Монако Алберт Втори, секоја година има се поголемо значење и тоа не само меѓу спортистите, туку и кај политичарите и пошироката меѓународна заедница. Како што нагласи претседателот Иванов, спортот помага да се разрешат многу прашања и пред да се најдат на политичката агенда.

Претседателот Иванов, и годинава е еден од главните говорници на Меѓународниот форум "Мир и спорт", на кој учествуваат повеќе од седумстотини делегати од стотина земји, меѓу кои политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници од Меѓународниот олимписки комитет, и голем број спортисти со светско реноме.

Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот. По минатогодишното учество на меѓународниот форум “Мир и спорт“, што се одржа во Монако, во шест општини во Република Македонија се спроведе проектот “Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, чиј покровител беше претседателот Иванов.

 

Во план е отворање на катарска амбасада во Скопје - Проштална средба со катарскиот амбасадор Солтан Саад ал Мораики
Понеделник, 29 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими Амбасадорот на Катар, Н.Е. Солтан Саад ал Мораики На срдечната средба македонскиот претседател му заблагодари на амбасадорот на Катар за неговата досегашна посветеност во продлабочувањето на соработката и севкупните односи меѓу двете земји.

Двајцата соговорници изразија очекување за интензивирање на контактите во периодот кој следи, како и очекување за максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакнување на економската соработка. Во тој контекст, амбасадорот Солтан Саад ал Мораики го потврди интересот на Катар за инвестирање во Македонија, во неколку области и истакна дека се разгледуваат повеќе можни проекти.

На средбата беше констатирано дека двете земји имаат одлични билатерални односи, за што сведочат и редовните средби на највисоко политичко ниво, и беше постигната согласнот за поинтензивна и поблиска соработка во сите сфери од заеднички интерес. Воедно беше разговарано и за планираното скорешно отворање на катарска амбасада во Скопје.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ги вреднува напорите што Државата Катар ги прави во насока на градење на мирот во исклучително сложениот регион на Блискиот Исток и Северна Африка, при што се издвојува ангажманот во рамките на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации; ангажман кој беше потврден и со значајната поддршка на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во Охрид во 2003 година.

На прошталната средба, претседателот Иванов меѓу другото пренесе поздрави до Емирот на Катар, Шеик Хамад бин Калифа и изрази задоволство што за време на неговата посета на Република Македонија беа потпишани неколку билатерални договори од повеќе области, од кои во идна се очекуваат и конкретни резултати.

 

Теоретското знаење да се примени во пракса - Средба со најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“
Понеделник, 29 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од втора година на студиите на шесте факултети по општествени науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Дво-часовната средба со Претседателот, претставуваше прилика 30-тината најдобри студенти од општествените науки да ги изложат своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби.

Воспоставената практика за редовни средби со најдобрите студенти од сите Универзитети во земјава се заснова врз убедувањето на претседателот Иванов дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат предвид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

„Оваа средба со претседателот Иванов претставува еден несекојдневен настан за нас најдобрите студенти кои имаме просек 10.00. Претседателот ни даде можност да ги споделиме проблемите и предизвиците со кои се соочуваме во студентскиот живот, но и да разговараме за новиот кредит трансфер систем, за успесите кои ги постигнуваме со овој начин на студирање, но и за други прашања поврзани со образовниот процес во нашата држава. Македонија заслужува квалитетен кадар, и само со реформите кои се преземаат во образованието би можеле да ја подигнеме нашата земја на повисоко ниво,“ истакна Флорина Бакиевска, студент на Правниот факултет.

Претседателот Иванов им честиташе на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, и го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со успешни млади луѓе кои се дел од академската елита на нашата држава. Претседателот нагласи дека го радува фактот што студентите отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Тој посочи дека Универзитетите се институциите од каде што треба да почне реформата и кои треба да понудат програми според потребите на пазарот и општеството.
 
"Нашата држава треба да биде конкурентна на светскиот пазар на трудот, а тоа се постигнува само со квалитетно образование. Не е поентата во Македонија да има само образовани луѓе, туку луѓе кои ќе умеат да го применат теоретското знаење во пракса", им порача претседателот Иванов на најдобрите студенти од битолскиот универзитет.
 
На средбата студентите имаа можност да ги споделат своите мислења околу високообразовиот процес во земјава, а притоа да ги истакнат предностите и недостатоците од истиот. Студенти од Правниот факултет во Битола и Економскиот факултет во Прилеп посочија дека се незадоволни од недостатокот на пракса, а доколку истата ја има, често не се во можност да научат нешто релевантно. Тие воедно искажаа и загриженост за перспективите за вработување по дипломирањето.

"Одговорноста за вашиот личен успех или неуспех е само ваша. За жал, ние се уште функционираме според застарена матрица по која очекуваме државата да ни најде работа. Развивајте ги претприемачките вештини. Битно е додека уште студирате да се самоорганизирате, да работите. Само ако сте упорни ќе постигнете успех. Квалитетот кога–тогаш ќе излезе на виделина,“ посочи претседателот Иванов.

Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид.

„Претставува чест и задоволство денеска да се биде тука, затоа што не секој има ваква прилика да разговара очи в очи со Претседателот. Ова всушност претставува признание за целиот труд кој сме го вложиле во текот на студиите и во образованието. Добро е што имаме можност да ги изложиме предностите и придобивките кои ги имаме на нашите факултети, но и забелешките и проблемите со кои се соочуваме,“ изјави Христина Амбаровска, студент на Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи – ФАМИС.

Студентот од Србија со македонско потекло, Ненад Смиљков, кој студира на Економскиот факултет во Прилеп, изрази благодарност за овозможената стипендија и можноста која Македонија му ја дава да студира тука.

„Исто така, сметам дека ваквите настани, како денешната средба со Претседателот, се многу добри воедно и за вмрежување на самите студенти, најдобрите од сите факултети, затоа што токму тие се идните лидери кои треба да ја водат Република Македонија понатаму,“ истакна Смиљков.

Ова е четврта од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во текот на годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово. 

Идејата на овие средби е да се истакне дека образованието станува врвен приоритет. Покрај тоа, претседателот Иванов со многу активности го поддржува усовршувањето на студентите, како и нивните успеси, пред се преку воспоставувањето на Школата за млади лидери, која секоја година се одржува под негово покровителство, а и со доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“.


Спорот меѓу МПЦ и СПЦ не е нерешлив - Српскиот претседател Николиќ во официјална посета на Македонија
Петок, 26 Октомври 2012

Претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, на покана од шефот на македонската држава д-р Ѓорге Иванов од денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, што воедно е и прва официјална посета на српскиот претседател откако беше избран на оваа функција.

Во духот на традиционалните добрососедски односи, на билатералната средба двајцата претседатели разменија мислења за евроинтеграциските процеси на двете земји, со заедничка констатација дека економската соработка меѓу Србија и Македонија  се одвива во добар правец, но дека е потребно интензивирање на трговската размена.

Во однос на постоечкиот спор помеѓу Српската и Македонската православна црква, по средбата со својот српски колега, претседателот Иванов посочи дека како претседатели треба да помогнат да се воспостави дијалог и да почне комуникацијата меѓу свештените лица и црквите.

„Имаме добра волја да помогнеме во дијалогот, но ние не сме тие кои носат решенија за такви прашања според надлежноста што ни е дадена со Уставот на нашите држави, и знаеме до каде можеме да одиме како државници. Црковните прашања бараат црковен одговор,“ истакна претседателот Иванов.

Српскиот претседател Николиќ нагласи дека не гледа нерешлив спор меѓу Македонската и Српската православна црква, изјави во Скопје.

„Многу работи зависат од добрите односи на Македонија и Србија како држави и ако успееме да ги убедиме сите граѓани дека нашето пријателство е искрено, тогаш и нашите цркви ќе почнат поинаку да размислуваат за својот спор,“ подвлече претседателот Николиќ.

Прашан за неговиот став, од времето кога ја предводеше опозицијата, дека ако биде претседател на Србија ќе го промени односот кон уставното име на Република Македонија, кажано во контекст на признавањето на Косово, српскиот претседател Николиќ децидно одговори дека Србија не размислува за промена на ставот кон името на Република Македонија.

„Јас не сум во опозиција, денес сум претседател на држава. И за многу работи мора да размислувам така како што тоа ќе се одрази на судбината на државата и на народот. Тоа беше емотивно реагирање кога Македонија ја призна независноста на Косово и Метохија. Но, тогаш кога Србија го откажа гостопримството на амбасадорот на Македонија во Белград реков дека тоа е срамота,“ истакна претседателот Николиќ.

Во однос на спорот меѓу Грција и Македонија, српскиот претседател посочи дека и двете земји и се пријатели на Србија и дека како што е загрижен за својата држава да стане членка на ЕУ, така е загрижен и за Македонија.

„Ја гледам гордоста на Македонија која инсистира на името, но и гордоста на Грција која исто така инсистира на името, и сметам дека треба да се разговара затоа што без разговор ништо не може да се реши,“ нагласи претседателот Николиќ.

Македонскиот претседател во врска со евроинтеграциите посочи дека и Македонија и Србија имаат препреки на тој пат, но дека сите проблеми кои постојат можат да се решат со дијалог, бидејќи само така се доаѓа до решение.

„Од интерес на Македонија е да има интензивни разговори со јужниот сосед кој претставува препрека за нас на патот кон ЕУ. Се надевам дека ќе се најде решение ако се има желба за тоа,“ истакна Иванов.

Како што посочи и претседателот Николиќ,  Србија и Македонија имаат испреплетено минато, заедничка иднина и заедничка цел - членство во ЕУ, на кој пат имаат проблеми, но прават сè да ги остварат потребните стандарди.

Во рамки на посетата, претседателот на Република Србија утре ќе го посети  валандовското село Сретеново, а заедно со претседателот Иванов во Валандово ќе присуствуваат на 13-та традиционална манифестација „Валандовска ракијада 2012“, а ќе посетат и две македонски винарии.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 127 од 198