Новости
Со преведувачката насока се зближуваат две култури - Претседателот ја посети Катедрата за албански јазик и книжевност
Вторник, 20 Ноември 2012

Во пресрет на 22 ноември, кога ќе се одбележат 104 години од усвојувањето на албанската азбука, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја посети Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, најстарата високообразовна институција во Македонија која изведува настава на албански јазик.

Шефот на државата им го честиташе празникот на студентите и професорите кои го запознаа со нивната работа и со проблемите што ги имаат. Му се заблагодарија зашто е првиот функционер кој  ја посетил Катедрата во нејзиното неколкудецениско постоење.

„Јазикот е средство за комуникација, а таа е многу важна. Треба да научите да комуницирате за да не се гетоизирате. На оваа Катедра се учи и негува албанскиот јазик и традиција, а со преведувачката насока се зближуваат две култури кои опстојувале заедно со векови,“ посочи претседателот Иванов на средбата со деканот, наставниот кадар и студентите.

Студентите читаа поезија од Фатос Арапи и од Блаже Конески во препев на македонски, односно на албански јазик. Од претседателот се информираа за можностите што им ги нудат неколку иницијативи под негово покровителство, како Школата за млади лидери, признанието „Млад научник“ и стипендиите „Борис Трајковски“ за магистерски студии по јавна администрација на Сити колеџот во Солун.

Професорите му се пожалија на Претседателот дека нема обнова на кадарот и дека во преведувачката насока имаат само еден лектор, па ангажираат надворешни соработници. Претседателот Иванов им укажа дека желба за вработување кадар има, но дека причините се во општата економска состојба.

Проф. Ваљбона Тоска, раководител на Катедрата за албански јазик, истакна дека Катедрата е редок пример на интегрирано образование, зашто на насоката за преведување и толкување има и студенти на кои албанскиот не им е мајчин јазик, а многумина од нив по дипломирањето го говорат течно.

Катедрата за албански јазик и книжевнст е отворена во 1971/1972 година.

На Денот на албанската азбука, што беше повод за посетата на претседателот Иванов, се празнува годишнината од Битолскиот конгрес кој албанските интелектуалци од цел свет го одржале од 15-ти до 22 ноември 1908.  Педесет делегати-учесници на Конгресот од повеќе градови унифицирале современо и единствено писмо за сите Албанци. Усвоиле одлука да се прифати латиничното писмо и буквите да се адаптираат на особеностите на албанскиот јазик.


Претседателот Иванов со порака: Најавата за средба на Нимиц со Јолевски и Василакис е позитивен чекор
Сабота, 17 Ноември 2012

Македонија очекува придвижување на спорот со Грција по поканата на Нимиц за новата рунда преговори. Македонскиот шеф на државата, во изјава за медиумите денеска во Виена, истакна дека македонската страна во Њујорк настапува со усогласени ставови.

„Добро е што придвижува процесот на преговори за спорот за името меѓу Македонија и Грција. Лично инсистирав и барав тој процес да почне да се динамизира,“ истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.

Претседателот Иванов ја оцени најавата за средба на преговарачот Метју Нимиц со двајцата учесници во овој процес - преговарачите Зоран Јолевски и Адемантиос Василакис, како позитивен чекор.

„Да видиме по состанокот кои идеи ќе бидат изнесени и кои се размислувањата на Нимиц во оваа ситуација. Ние како државен врв сме во координација и нашиот претставник Јолевски ги знае ставовите на државата. Се надеваме дека Василакис исто така ќе дојде со ставовите од грчката Влада и дека овој процес ќе почне да се придвижува. Секоја статус-кво состојба не му одговара никому,“ нагласи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател престојуваше во работна посета на Виена, каде се обрати на Конгресот „90 години Паневропа“, а оствари средби и со претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, со претседателот на Меѓународната паневропска унија Ален Тереноар, како и со Комесарот за регионална политика Јоханес Хан.


Ван Ромпуј лично ќе се заложи за она што Македонија го заслужува – средба со претседателот на Европскиот совет
Сабота, 17 Ноември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на синоќешната средба во Виена со претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, побара поддршка, засилен ангажман и помош за деблокада на македонските евроинтеграции.

На средбата со претседателот Иванов, претседателот на Европскиот совет посочи на очекувањата од декемврискиот Самит на Европскиот совет, за она што е препорака од Европската комисија  конечно да биде ефектуирана и Македонија да добие датум за почеток на преговорите.

Првиот човек на Европскиот совет даде ветување за негов поголем ангажман за натамошен напредок во регионот. Оценката на Херман Ван Ромпуј е дека во наредниов период ќе има позитивни придвижувања и позитивен моментум за земјите од  Западен Балкан.

„Ван Ромпуј укажа дека од првиот ден откога е на оваа функција настојува Западен Балкан да добие своја шанса, и да почне да се придвижува во евроинтеграциите,“ истакна претседателот Иванов, посочувајќи дека Западен Балкан заслужува да биде дел од ЕУ.

Македонскиот претседател нагласи дека Европската унија без Балканот не е Европа.

„Ван Ромпуј укажа дека лично ќе се заложи за она што Македонија го заслужува. Тоа е пораката, меѓутоа ќе видиме кога ќе дојде Европскиот самит каков ќе биде одговорот. Важно е дека она што е до нас, сме го оствариле, а извештаите на Европската комисија тоа го потврдуваат,“ додаде претседателот Иванов.

Претседателот Иванов во рамки на учеството на Конгресот „90 години Паневропа“, оствари средба и со претседателот на Меѓународната Паневропска унија, Ален Теренорар, кој нагласи дека не е можно да се гради Европа без еден нејзин значаен дел – Балканот. Тој посочи дека Паневропската унија силно го поддржува и го помага проширувањето, а во тој контекст Република Македонија е целосно неоправдано попречена. Претседателот Иванов на средбата со Тереноар истакна дека помошта од сите пријатели и партнери на Македонија, а особено од Паневропската унија, е високо ценета.

Шефот на државата во Виена оствари средба и со Комесарот за регионална политика Јоханес Хан, на која беше договорено зајакнување на контактите со Република Македонија, и пренесување на европските искуства за апсорција за средствата коишто Унијата ги доделува за регионален развој.

Со денешната средба со комесарот Хан, и со посетата на Музејот на Ернст Фукс, претседателот Иванов ја заокружи работната посета на Виена.


Потврдена австриската поддршка за ЕУ интеграцијата на Република Македонија – средба со австрискиот претседател Фишер
Петок, 16 Ноември 2012

Интегративните процеси не треба да бидат попречувани од билатерални прашања, таквите процеси треба да течат паралелно, а како и досега, Република Македонија може да смета на австриска поддршка за деблокада на статус кво состојбата во ЕУ интеграцијата.

Ова денеска го потврди австрискиот претседател Хајнц Фишер на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов кој престојува во посета на Виена.

Претседателот Иванов, изрази благодарност за отворената и принципиелна поддршка од Република Австрија, нагласувајќи дека со деблокадата на процесот сите добиваат - Република Македонија ќе го продолжи својот пат, Републкика Грција ќе има поевропски сосед и по стандарди и критериуми, а деблокадата ќе биде добра вест и поттик и за другите земји од регионот. 

Автрискиот претседател Фишер истакна дека проширувањето нема да биде комплетирано без Западен Балкан, продолжувањето на проширувањето ќе ги подобри состојбите во државите на Балканот, а со тоа ќе се променат состојбите на целиот регион.

На средбата стана збор и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов потенцира дека Репубика Македонија е активно вклучена и е силно посветена на натамошното продлабочување на регионалната соработка.

„Република Македонија е еднакво отворена и сака да гради односи на добрососедство и да ја максимизира соработката со сите свои соседи. На Балканот, ЕУ-интегративните процеси се алатка за надминување на билатералните разлики. Поголемата комуникација и соработка меѓу соседите само ќе ја зголеми веројатноста за надминување на разликите меѓу балканските држави, а паралелниот процес на интеграција ќе го донесе долго посакуваниот мир, стабилност и просперитет на Балканот,“ посочи претседателот Иванов.

На средбата билатералните односи и економската соработка беа позитивно оценети, а беше укажано дека очигледна е и континуираната позитивна динамика во политичкиот дијалог. Претседателот Иванов упати покана до претседател Фишер за учество како специјален гостин на следниот Самит на Процесот за соработка во ЈИЕ и Дијалогот на цивилизации, следната година во Охрид.

Македонскиот претседател во рамки на посетата на Виена попладне ќе се сретне со претседателот на Меѓународната Паневропска унија, Ален Тереноар, како и со пратеникот на ЕП и претседател на Паневропа за Германија, Бернд Поселт, а вечер ќе се обрати на Конгресот „90 години од Паневропа“.


Наградата за мир е награда за сите, за Македонија – Одбележан Меѓународниот ден на толеранцијата
Четврток, 15 Ноември 2012

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, денеска во Народната канцеларија во Скопје беше одржана презентација на имплементираниот проект „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“. Проектот беше спроведен на иницијатива и под покровителство на претседателот Иванов, а во соработка со Геостратешкиот институт „Глобал“ и општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари.

Целта на проектот, кој се спроведуваше од март до октомври годинава, беше децата од различни етнички и културни средини преку спортот да се запознаат меѓу себе и да научат да ги почитуваат различностите на другиот.

На денешната презентација беа изнесени позитивните искуства од почетокот на оваа идеја, спроведувањето на проектот, па сè до добивањето на специјално признание за заложбите на Претседателот за промоција и унапредување на мирот преку спортот, на Меѓународниот форум „Мир и спорт“ што се одржа во Сочи, Русија, на почетокот на ноември.

„Македонија е земја на различности, земја во која луѓето се почитуваат меѓу себе, земја во која младите поколенија имаат желба да се дружат, да учат едни за други и да споделуваат искуства, знаења и свои вредности,“ истакна претседателот Иванов на денешниот настан.

Во оваа пригода Претседателот се потсети на детството кога, како што посочи, „родителите со сила сакаа да нè внесат од надвор дома, бидејќи по цел ден бевме надвор со другарчињата и заедно растејќи се осознававме меѓу себе, и се дружевме со млади ромчиња, турчиња, албанчиња во таа наша секојдневна игра“.

„Денес родителите се обидуваат своите деца да ги изнесат надвор да играат, затоа што новите технологии, интернетот и фејсбукот, овие нови генерации ги тера да седат дома,“ истакна претседателот Иванов и додаде дека со овој проект децата ги изнесовме на ист терен и покажавме како треба младите поколенија да комуницираат, да се запознаваат меѓу себе и да учат за значењето на толеранцијата.

Наградата од Сочи, како што посочи претседателот Иванов, е награда за сите, награда за Македонија.

„Наградата за мир ни беше единствено нам доделена, како пример на земја во која од секогаш се почитуваат различностите, и земја која се обидува својата традиција, своето наследство преку спортот тоа да го покаже, сè со цел да има мир и разбирање,“ истакна претседателот Ѓорге Иванов.

Денешниот настан, кој претставуваше одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата со конкретни резултати, со своето присуство го поддржаа и амбасадорите на САД, Пол Волерс, на Велика Британија, Кристофер Ивон, и на Холадија, Мариа Хенриет Шурман. На промоцијата на проектот учествуваа и градоначалниците на општините и дел од децата кои беа во него вклучени, голем број македонски спортски легенди, спортски новинари и многубројни поддржувачи на спортот.

Изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници во Народната канцеларија на претседателот Иванов
Петок, 09 Ноември 2012

По повод Светскиот ден на науката, денес во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, се одржа изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, во организација на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија – Народна техника и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

На изложбата беа претставени проектите на средношколците кои беа наградени на Државниот натпревар на млади истражувачи - НАУКА НА МЛАДИТЕ, што го организира Народна техника, како и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Учествуваа млади научници од Скопје, Прилеп, Берово, Велес и Пехчево.

Претседателката на Народна техника, проф. Христина Спасевска, изрази благодарност до претседателот Иванов што им овозможи денешната изложба да биде организирана во Народната канцеларија, како и за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните кои имаат за цел да ја промовираат науката меѓу младите.

„Сојузот на здруженијата за техничка култура - Народна техника, веќе 65 години организира натпревари на кои младите научници се натпреваруваат со свои проекти. Наградените ученици воедно стануваат носители на стипендии од Министерството за образование и наука. Денес овде во Народната канцеларија се претставени експонати од млади научници од средните и основните училишта кои веќе учествувале на нашите натпревари и ги зеле најпрестижните први награди. Исто така, овде се претставени и проектите на младите научници од Факултетот за електротехника и информатички технологии од областа на автоматика, роботика и телекомуникации. Се потрудивме да направиме собир од младите научници од основните и средните училишта, и младите научници од факултетите кои можат овде да разменат искуства и мислења, и да иницираат понатамошни заеднички проекти,“ истакна проф. Спасевска.

Во своето поздравно обраќање деканот на ФЕИТ, проф д-р Миле Станковски, на присутните основци, средношколци и студенти им го честита Денот на науката, повикувајќи ги да се занимаваат со наука и да дојдат на студираат на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

„Нашите студенти на многу меѓународни натпревари освојуваат врвни места. Еден таков пример е од минатата недела кога група наши студенти од електроника по втор пат го освои првото место на Балканскиот натпревар по роботика и електроника. И минатата и оваа година потврдија дека се навистина најдобри на Балканот,“ истакна деканот Станковски. 

Демонстраторот на ФЕИТ, Бранислав Гиразов кој работеше на подготовка и координација на студентите – добитници на првото место на Балканскиот натпревар по роботика и електроника во Бања Лука, истакна дека најголемата заслуга за наградата ја имаат студентите од втора, трета и четврта година, кои резултатот го постигнаа преку самостојна работа со минимум супервизија.

„Натпреварот траеше една недела. Претходно имаше некои основни запознавања со задачата, но по пристигнувањето на Електро-техничкиот факултет во Бања Лука имавме пет дена да ја изработиме роботската рака со која ќе учествуваме на натпреварот. Имаше вкупно 6 противнички екипи, покрај нас и од Ниш, Белград, Нови Сад, Бања Лука и Романија. По цели денови работевме во лабораторија и на крај успеавме да го составиме целиот систем. Напорната работа нè доведе до успех. Ние победивме во натпреварувачкиот дел, каде имаше борба на робот против робот. Во борбените натпревари немавме изгубена партија, па завршивме како шампиони,“ истакна демонстраторот Гиразов, кој најави дека студентските тимови од ФЕИТ планираат да се натпреваруваат и на други меѓународни натпревари.

Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.


 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 126 од 198