Новости
Претседателот Иванов го посети бугарскиот Културно-информативен центар во Република Македонија
Понеделник, 22 Октомври 2012
Нашиот тим се вика Република Македонија – Завршна конференција на проектот за јакнење на заедништвото преку спортот
Четврток, 18 Октомври 2012

Спортот нема споредна туку исклучително важна улога во општеството бидејќи зближува, поврзува и гради заедништво, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во обраќањето на Меѓународната конференција „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, завршна активност во рамките на истоимениот проект инициран од Геостратешкиот институт „Глобал“.

Претседателот, кој е главен покровител на настанот, истакна дека мултиетничкиот спорт е инклузивна активност преку која се гради подобра иднина за македонското општество во целина. Талентот на поединците, како што посочи Претседателот, освојува натпревари, а тимската работа освојува првенства.

„Мултиетничкиот спорт е токму тоа - тимска работа и на домашен терен и надвор на првенствата. И тоа не само во спортот, туку во секоја сфера на животот. Нашиот тим се вика Република Македонија со сите нејзини граѓани и со сите нејзини заедници, независно од полот и возраста,“ истакна претседателот Иванов.
 
Како пасиониран поддржувач на спортските активности, тој ја искористи можноста да го најави идниот проект – Обележување на спортски ден во Република Македонија. „Овој спортски ден ќе се одбележи така што секој од нас еден ден во годината ќе го одвои на дружење преку спортот“, подвлече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека спортот гради солидарност и има моќ да ги поврзе луѓето со еднаква сила со која ги поврзува клубовите и шампионите со нивните посветени навивачи.

"Живееме во мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како инклузивна, а не ексклузивна човекова активност, спортот подразбира учество наместо изолација. Затоа силно го поддржувам мултиетничкиот спорт и верувам дека така ќе ја осовремениме вековната традиција на толеранција, заедништво и меѓусебно почитување."

Американскиот амбасадор Пол Волерс, еден од поддржувачите на овој проект, во својот говор исткан дека активностите спроведени во негови рамки придонесоа за зближување на младите луѓе од цела Македонија, без разлика на нивното етничко, верско, социјално и културно потекло, во развивањето подлабоки и побогати чувства за себе и за другите.

Претседателот на Геостратешкиот институт „Глобал“, Иван Анастасовски, во чија организација беше одржана оваа конференција, истакна дека преку спортот и преку ваквите проекти ќе им се одговори на оние темни сили кои во Македонија сакаат да заговараат нешто друго.

„Денеска повторно се собравме овде, но не да кажеме дека сме завршиле, туку да покажеме дека сме големо семејство составено од сите заедници, вери и националности и од сите возрасти,“ истакна Анастасовски.

Меѓународната конференција претставува завршна активност на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ чиј покровител е претседателот Иванов, а кој изминатава година се спроведе во повеќе општини во Македонија со цел децата од различна етничка и верска припадност преку спортот да го развиваат духот на заедништво, меѓусебно разбирање и почитување.

Како главен покровител и поддржувач на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, на претседателот Иванов му беше доделена Благодарница. Организаторите на проектот му заблагодарија на Претседателот за неговата особена посветеност и заложба за овој и сите други проекти кои ги зближуваат младите луѓе од Македонија и придонесуваат за градење на меѓуетничкиот соживот.

Иновациите го движат општеството кон напредок – Претседателот ја посети изложбата на иновации и пронајдоци МАКИНОВА
Среда, 17 Октомври 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Меѓународната изложба на експонати, иновации и пронајдоци МАКИНОВА, како и изложбата на иновации од изразен еколошки карактер ЕКОНОВА, кои се одржуваат во рамките на најголемата и најреномираната саемска манифестација ТЕХНОМА 2012.

Со оваа изложба, организирана од Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ) и Народна техника, се одбележуваат 55 години иновативно творештво во Македонија. Оваа манифестација им овозможува на граѓаните поблиску да се запознаат со новите пронајдоци, но и да ги презентираат секојдневните проблеми за кои се неопходни нови научни и технолошки решенија.

Претседателот Иванов беше запознаен со голем број иновации, нови технологии и производи, и технички унапредувања наменети за домаќинствата, деловните објекти и индустриските компании. Во рамки на изложбата е застапено и младинското истражувачко креативно творештво, со основна цел популаризација на науката и техниката кај младите.

Како посветен поддржувач на иновациите и новите технички пронајдоци, претседателот Иванов ја поздрави неуморната иницијатива на иноваторите од Македонија, потенцирајќи го нивниот неспорен придонес кон економскиот и техничко-технолошкиот развој на нашата држава. Тој ја изрази својата поддршка за нивните пронајдоци, честитајќи им на сите досегашни успеси.

„Иновациите го движат општеството кон напредок, го олеснуваат животот на луѓето и ги совладуваат препреките и предизвиците. Македонските иноватори се едни од најугледните и најголемите амбасадори на нашата земја во светот, за што сведочат многубројните добиени награди и признанија на меѓународно ниво. Нивната работа покажува дека идејата и креативноста се најголемиот капитал на едно општество и најголем двигател на развојот. Затоа им е потребна поддршката од сите нас,“ посочи претседателот Иванов.

Во рамки на посетата на изложбата на иновации и технички пронајдоци, претседателот Иванов ги обиколи и останатите хали на Скопскиот саем, да се запознае со изложувачите на овогодинешниот Меѓународен саем ТЕХНОМА, еден од најважните промотори на развојот на индустриското стопанство во регионот, кој повеќе од три децении го следи напредокот на најновите достигнувања во областа на технологијата и ја интензивира меѓународната размена.


Реакциите резултираа со враќање на придавката „македонски“ во извештајот на ЕК – изјава на претседателот Иванов
Среда, 10 Октомври 2012

Идентитетот на еден народ спаѓа во оние базични категории за кои не може да се прави компромис со никого, истакна денеска претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, во изјава за медиумите во однос на враќањето на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија, како и за неговите најави дека нема да го прими документот ако таа биде повторно изоставена.

Претседателот Иванов, во изјавата за медиумите на маргините на одбележувањето на 45-годишнината од формирањето на МАНУ, оцени дека вредеа сите настојувања и политички битки за „македонски“ да се врати во извештајот.

„Како што се вели меѓу народот, ако не се борите, однапред сте изгубиле. Затоа толку бев упорен токму за ова, затоа што во изминатите два извешти на ЕК тоа беше изоставено. Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по кој било дел од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого,“ изјави претседателот Иванов, нагласувајќи дека секогаш мораме соодветно да реагираме кога има обиди нешто што е наше да ни биде ускратено.

Шефот на државата поради изоставувањето на продавката „македонски“ во претходните два извештаи на Европската комисија, лани и во 2010 година, испрати писма до претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, во кое му укажа дека таквата практика на Брисел ги навредува чувствата на македонскииот народ. Претседателот Иванов во писмата до Барсо нагласи и дека тоа не помага ниту за изнаоѓање решение за наметнатиот спор за името од страна на Грција.

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија во декември 2011, најави и дека нема да го прими новиот извештај на ЕК ако во него не е содржана придавката „македонски“.

Претседателот Иванов се сретна со претседателот на Република Српска Додик и со македонските иселеници во Бања Лука
Петок, 05 Октомври 2012

Вториот ден од офцијалната посета на Босна и Херцеговина претседателот Ѓорге Иванов во Бања Лука оствари средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на која  уште еднаш беа потврдени пријателските односи и истакната потребата од интензивирање на економска соработка.

Претседателот Иванов,  на средбата беше информиран за внатрешно политичката и економска состојба во Република Српска и БиХ. Во разговорите, Додик истакна дека Република Српска негува пријателски односи кон Република Македонија и го поздрави зголемувањето на економската активност на македонски компании на тендери во Република Српска. Взаемен беше заклучокот дека економската соработка треба да се унапредува, а влезот на градежната компанија „Гранит“ се смета како добар почеток.

Претседателот на Република Српска го информираше претседателот Иванов за планираните инвестициски проекти и ги покани македонските компании да учествуваат на нив. Македонскиот претседател ја потенцираше потребата од  што побрзо потпишување на Договорот за ослободување од двојно оданочување, со цел унапредување на економската соработка.

Претседателот Иванов и Додик разменија мислења и за состојбата во регионот, а македонскиот претседател нагласи дека поголемата инфраструктурна и енергетска поврзаност,  како и  ЕУ и НАТО интеграцијата ќе придонесат за трајна стабилност и просперитет на Балканот. 

Претходно претседателот Иванов оствари средба со претставници на Здружението на Македонците во Бања Лука, кои првпат се посетени од македонски претседател. Иванов разговараше со нив и притоа истакна дека го радува што меѓу нив гледа многу успешни луѓе, кои се лојални на државата во која што живеат и истовремено ги негуваат врските со својата матична татковина.
“Во минатото живеевме заедно и очекуваме иднината повторно да не обедини. Затоа толку внимание посветуваме на Европа “, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател најави дека преку програми и проекти на министерствата за образование и култура ќе им се помогне на македонските здруженија.

Македонската заедница во Бања Лука, според одредени проценки, брои околу 500 лица, но нивниот број ќе се знае по пописот на населението во БиХ, најавен за следната година.
Македонците во Бања Лука велат дека се почитувани и омилени меѓу своите сограѓани во Република Српска, но оти им недостасува поголема поддршка од Република Македонија. Особено се радуваат на културни манифестации кои, како што велат, им помагаат за одржување на македонскиот дух.

Во рамки на посетата на Бања Лука, претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Народното собрание на Република Српска, Игор Радојчиќ.

Претседателот Иванов одликуван со орден од Европското движење на Босна и Херцеговина
Четврток, 04 Октомври 2012

Европското движење на Босна и Херцеговина на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му додели Орден за заслуги во евроинтегративниот процес на Босна и Херцеговина.  Признанието му беше доделено на претседателот Иванов за неговиот придонес  во процесот на помирување на народите во регионот, за економска соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина и за значајната поддршка на Сараево на патот за влез во Европската Унија.

Заблагодарувајќи се за искажаната чест  претседателот Иванов изјави дека ова признание за него претставува награда за Република Македонија, за сето она што го прави за европската идеја да стане европска реалност.

“На нашиот рeгион му треба Европа, но и на Европа и треба Балканот бидејќи ЕУ без Балканот се уште не е Европа. На Балканот му е потребна европската идеја затоа што, како што вели Жан Моне - Ја градиме Европа, го градиме мирот. Токму тој мир му треба на нашиот регион, бидејќи токму тој мир носи просперитет, носи и развој”, истакна Иванов по повод доделувањето на признанието.  Нам, додаде тој, ни е потребен дијалог, бидејќи преку дијалог можеме да дојдеме до сите решенија.

 “Преку дијалогот да го градиме мирот, затоа што мирот нема цена. За нас на Балканот, Европа значи пред се мир и нешто што ни доаѓа од иднината. Посакувам на сите граѓани на БиХ европска иднина”, изјави претседателот во неговото обраќање по доделувањето на Орденот.

Европското движење на БиХ од 2010 година го доделува Oрденот за највиски заслуги за процесот на евроинтеграции на БиХ. Оваа година добитници на ова високо признание за економска соработка, за процесот за помирување на народите и поддршка на евроинтеграцијата покрај  претседателот Иванов се и словенечкиот претседател Данило Тирк и сопственикот на германската интернационална компанија "Мегле', Тони Мегле.

 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 128 од 198