Новости
Претседателот Иванов побара од босанските власти да помогнат во истрагата за смртта на Трајковски
Четврток, 04 Октомври 2012

Босанската страна да помогне за завршување на истрагата за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, побара денеска во Сараево македонскиот претседателот Ѓорге Иванов,  кој е во официјална посета на Босна и Херцеговина.

Претседателот Иванов, побара од надлежните органи во БиХ да помогнат да се дојде до вистината за смртта на Трајковски, да ги уважат стручните експертизи на Комисијата на Република Македонија и да преземат се што е потребно за затворање на истрагата.
- Го отворивме и прашањето кое стои се уште незатворено за случајот со смртта на нашиот поранешен претседател Трајковски за конечно да има институционална завршница за да не се создаваат шпекулации, изјави на прес-конференција по средбата со својот домаќин претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.

Претседавачот Изетбеговиќ, пак, истакна дека босанската страна ќе помогне на секој начин оваа голема истрага да се заврши.

Во фокусот на разговорите денеска во Сараево беше и потребата од интензивирање на економската соработка меѓу двете држави што подразбира потпишување на повеќе билатерални договор,  меѓу кои и Договорот за избегнување на двојно оданочување. Во таа насока, денеска беше потпишана Спогодбата за соработка во областа на здравството и медицинските науки.

Претседателот Иванов на средбата ја афирмираше  потребата да се реализира проектот „Јадранско-јонска магистрала“ и нејзино поврзување со коридорите 8 и 10. Апелираше овој проект да биде на највисоко ниво во агендата на двете држави.

Со цел унапредување на економските релации, претседателот Иванов и Изетбеговиќ искажаа поддршка за учество на македонски компании на Мајскиот бизнис форум што ќе се одржи идната година во Сараево.

Во однос на заедничката стратешка цел, членството во ЕУ и НАТО, македонскиот претседател изјави  дека Македонија и понуди помош на БиХ во однос на евроинтеграциските процеси преку потпишувањето на спогодби и споделување на искуства.

На средбата во Сараево уште еднаш беше констатирано дека Македонија и Босна и Херцеговина имаат пријателски односи и дека нема отворени прашања.

Одговарајќи на новинарско прашање за писмото од грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос до шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, претседателот Иванов рече дека „со Република Грција имаме билатерален договор од 1995 година (Времената спогодба) и таа треба да се почитува“.

За утрешното најавено гласање доверба на Владата во Скопје, шефот на државата изјави дека е нормално во демократијата да постои таков процес и тоа секогаш ги принудува коалициските партнери да размилуваат како ќе делуваат во иднина.

- Ние на Балканот сме 20 години во период на независност и создавање демократски институции. Досега поминавме низ неколку изборни циклуси и имаме стабилни институции. Во однос на прашањето за гласање доверба на Владата, треба и ние да се навикнеме како и западните демократии дека секогаш опозицијата има право да ја контролира власта. Бидејќи ние имаме едно лошо искуство од сето она што беше на Балканот и кај населението се создава страв да не настане криза, рече шефот на државата.

Македонскиот претседател во рамки на посетата оствари  средби со членови на колегиумот на Двата дома на Парламентот и средба со претседателот на Советот на министри, Вјекослав  Беванда.

Претседателот Иванов ја посети базата во Бутмир и пoложи венец на споменикот на загинатите мировници на АРМ
Четврток, 04 Октомври 2012

Во рамки на официјалната посета на Босна и Херцеговина, претседателот Иванов ја посети базата ЕУФОР, во Бутмир каде положи венец на спомен обележјето на загинатите припадници на АРМ и оствари средба со македонскиот медицински тим "Алтеа" од Република Македонија. 

Во состав на македонскиот тим се 10 медицински лица и еден воен правник, помошник правен советник во Командата на ЕУФОР. Тие на претседателот Иванов му подарија стаклена плакета, заблагодарувјаќи му за поддршката што им ја дава на припадниците на АРМ во мировни мисии.


Учеството на македонски претставници во мировни мисии е потврда на определбата на Република Македонија за силен придонес кон заедничка безбедносна и одбранбена политика и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, истакна претседателот Иванов во разговорот со македонските мировници.

Претседателот Иванов оставри  средба и  со командантот на ЕУФОР, генерал Роберт Бриегер, со кој разменија мислењa за актуелните состојби во регионот.

Најуспешно учество на Генералното собрание на ОН досега – средба и со посредникот во спорот за името Нимиц
Четврток, 27 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, пред крајот на неговата посета на САД, на маргините на 67. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба и со посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за името, Метју Нимиц.

Амбасадорот Нимиц, по средбата со македонскиот претседател во Њујорк, изјави дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со спорот меѓу Македонија и Грција, е значајна, и на неа треба да се обрне внимание.

„Мислам дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата заслужува да биде проучувана и набљудувана. Јас не сум експерт за овој конкретен аспект, тоа не спаѓа под мојот мандат, кој е медијација меѓу двете земји според резолуциите на Советот за безбедност и Времената спогодба. Но, јасно е дека МСП е една од најголемите светски институции и неговите одлуки заслужуваат полна почит,“ изјави амбасадорот Нимиц по средбата со претседателот Иванов.

Долгогодишниот посредник во спорот најави дека негов следен чекор ќе биде организирање на средба на двајцата именувани преговарачи, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, и тоа веројатно во рок од еден месец, а дека размислува и да го посети регионот, кога ќе направи проценка дека е најдоброто време за тоа. Амбасадорот Нимиц истакна дека во Њујорк, освен со Иванов, имал средба и со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, и притоа добил уверувања дека двете страни се подготвени за разговори. Додаде дека од Аврамопулос добил уверување дека исклучително тешката финансиска состојба на Грција не значи дека оваа земја нема капацитет да работи и на решавање на спорот за името.

Тој го истакна и личниот ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој по неодамнешната посета на Македонија телефонски разговарал со грчкиот премиер Андонис Самарас, да се интензивираат разговорите.

„Тоа е добра вест за мене, бидејќи овие разговори навистина беа бавни во изминатата година, од повеќе причини. Решение требаше одамна да се најде, и овој спор создава многу фрустрации во меѓународната заедница и во регионот. Знам дека генералниот секретар на ОН силно сака ова да се случи, и даде навистина силни инструкции да се види што може да се стори за да ги приближиме двете земји,“ изјави Метју Нимиц.

Според претседателот Иванов, личниот ангажман на Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун за интензивирање на разговорите, е најзначајното придвижување во спорот за името кое произлезе од годинешново Генерално собрание на Обединетите нации.

„Доколку ги споредувам досегашните три заседанија на Генералното собрание на кои учествував, ова сметам дека е најуспешно, бидејќи беше многу содржајно, почнувајќи од средбата со генералниот секретар Бан Ки-мун, која беше на негово инсистирање. Секретарот Бан ги пренесе неговите сознанија по посетата на Македонија, кога вети дека лично ќе се ангажира за надминување на спорот за името. Се чувствува неговата посветеност по средбата, која ја имавме во Македонија,“ изјави претседателот Иванов по неговото обраќање во ОН.

Претседателот додаде дека секретарот Бан дал лична инструкција до неговиот пратеник за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, да се интензивираат разговорите на Македонија и Грција, и дека оттаму произлегува и повикот на Нимиц да се организира средба на двајцата посредници во текот на месецот.

Македонскиот претседател истакна дека во изминатиот период имало многу одлагања на разговорите, за што вината е во обидите на грчката страна да се избегне продлабочување на разговорите.

„Од грчка страна постојано има одлагања, доаѓаат избори, сега економската криза е причина за одлагање. Со ова прашање се блокирани нашите стратегиски цели и нас тоа не оптоварува. Грција нема никаков товар од тоа. Не чувствува потреба да го стави на врв на агендата ова прашање,“ истакна претседателот Иванов.

За да има можност да се надмине спорот за името, посочи претседателот, потребно е враќање на спорот во рамките поставени од Времената спогодба и Резолуцијата 817 на Советот за безбедност на Обединетите нации, со кои се бара да се водат разговори за разлика за името. Според него, низ годините, ова прашање се прошири и на други теми кои не се дел од резолуцијата, како што се идентитетот, македонскиот јазик, топонимите, и во последно време историските прашања.
 

Средба со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун – Разговорите да се водат без навлегување во идентитетските прашања
Среда, 26 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 67, Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, оствари билатерална средба со Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун. Централна тема на разговорите беше процесот за разрешување на проблемот со името, при што претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија во разговорите секогаш зазема активна и конструктивна позиција и покажува посветеност за придвижување на разговорите во рамката предвидена од ОН.

Генералниот секретар информираше за разговорот што го водел со грчкиот премиер Андонис Самарас, за спорот меѓу Македонија и Грција за името, и најави дека и со други активности ќе поттикнува решавање на спорот.

„За време на неговата посета на Македонија тој вети дека лично ќе разговара со премиерот на Грција, Самарас, и на оваа средба ме информираше за содржината на неговиот разговор и за тоа што било договорено меѓу нив. Средбата која беше навистина содржајна беше можност и за взаемно информирање за актуелните настани и прашања поврзани со спорот што го имаме со Грција. Генералниот секретар вети дека повторно ќе разговара и со господинот Нимиц, за да може да се интензивира оваа дебата која ја имаме веќе 19 години. Ние како држава не можеме да чекаме уште 19 години, да се истоштуваме во еден ирационален спор кој е единствен во историјата на ОН,“ изјави претседателот Иванов по средбата со Бан Ки-мун.

На средбата,претседателот Иванов потсети дека конструктивноста на Македонија и добрата волја на македонската страна е потврдена и од највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата. Македонскиот претседател истакна дека обврска на Република Грција е во иднина да ја почитува одлуката на Судот, како и Времената спогодба потпишана меѓу двете страни.

Претседателот Иванов го информираше генералниот секретар Бан дека Македонија е подготвена во секој момент да седне на масата за разговори со Грција, и истото го очекува и од другата страна, суштински, а не само декларативно.

Претседателот Иванов побара од својот соговорник да се заложи спорот да се води исклучиво во рамките предвидени од резолуциите на Обединетите нации посветени на спорот, Времената спогодба и со почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Македонскиот претседател особено го осуди проширувањето на спорот кон теми кои навлегуваат во слободното изразување на националниот идентитет, јазикот и културата.

„Од наша страна беше потенцирано дека е неопходно Грција да се придржува до рамката во која се водат овие разговори, односно да се почитуваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и сега пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Секое отстапување од рамката доведува до бескрајно водење на овие разговори кои никогаш не можат да доведат до решение ако се навлегува во идентитетски прашања, за кои никој на овој свет не разговара, или пак сака некој да му го оспори неговиот идентитет’, изјави претседателот Иванов.

Претседателот додаде дека прашањата од историјата се актуелни за историчарите, додека Македонија има обврска, преземена пред ОН, да разговара за разликата со Грција околу името.

На средбата во Њујорк, претседателот Иванов му се заблагодари на генералниот секретар Бан Ки-мун за посетата во јули оваа година, што е прва официјална посета на генерален секретар на ОН на Република Македонија. Претседателот Иванов посочи дека Македонија исклучително ја почитува Организацијата на Обединетите нации, и активно придонесува во реализирањето на целите на ОН. Претседателот Иванов и Генералниот секретар Бан разговараа и за македонскиот придонес кон регионалната соработка, во интеграциите со Европската Унија и НАТО, а македонскиот претседател информираше и за подготовките за македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа во 2013 година, како и за Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите.
 

Билатерални средби на претседателот Иванов на маргините на 67, Генерално собрание на Обединетите нации
Вторник, 25 Септември 2012

На маргините на 67. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари неколку билатерални средби со шефови на држави и влади. 

На средбата со емирот на Катар,  Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани, беше искажано заемно задоволство од позитивниот тренд во односите и соработката. Двајцата соговорници се согласија дека политичкиот дијалог е континуиран и придонесува за јакнење на врските и пронаоѓање на можностите за интензивирање на соработката, особено во сферата на економијата.

За време на разговорот, шеикот Ал Тани го потврди интересот на Катар за инвестирање во Македонија, во областа на производството на електрична енергија, во земјоделството и прехранбената индустрија. Шеикот Ал Тани минатата година ја посети Македонија, при што беа потпишани договори кои создаваат правна рамка за планираните катарски инвестиции во Македонија.

На средбата беше договорено да продолжат контактите на сите нивоа, особено меѓу институциите надлежни за областите во коипостои интерес за катарски инвестиции. И двете земји да преземат мерки за натамошно јакнење на правната рамка.

Во Њујорк, претседателот Иванов се сретна и со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Луксембург, Жан Анселборн. Претседателот Иванов на средбата побара поддршка со цел на декемврискиот Европски совет да се донесе одлука за почнување на преговорите за прием на Македонија во Европската унија.

На средбата, претседателот Иванов ги нагласи трите последователни позитивни препораки на Европската комисија за отворање на преговорите, и истакна дека Македонија има реални очекувања за паралелно движење на интеграциите со ЕУ и разговорите со Грција за надминување на спорот за името. Вицепремиерот Анселборн одговори дека Македонија може да смета на поддршката на Луксембург и изразил надеж дека Македонија наскоро ќе стане членка на ЕУ.

Претседателот Иванов во Њујорк оствари средба и со премиерот на Кралството Бутан, Џигме Тинли на која беше разговарано за можноста за воспоставување на билатерални односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов истакна дека Македонија има силен интерес за унапредување и засилување на соработката со земјите од Азија

Средба со претседателот на САД Обама на приемот организиран во чест на шефовите на делегации на Генерално собрание на ООН
Понеделник, 24 Септември 2012

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Њујорк присуствуваше на приемот организиран од претседателот на САД во чест на шефовите на делегации кои учествуваат на 67. Генерално собрание на Обединетите нации, при што оствари средба и со американскиот претседател Барак Обама. На средбата, за време на приемот, кој го приреди американскиот претседател, претседателот Иванов побара да продолжи поддршката што САД ја даваат на Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО.

Претседателот Обама истакна дека САД даваат силна поддршка за интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Американскиот претседател воедно изрази благодарност за придонесот што Македонија го дава во воените мисии како што е мисијата во Авганистан.

Американскиот претседател на средбата со претседателот Иванов го охрабри дијалогот на Република Македонија и Грција за надминување на спорот за името, во надеж дека ќе се дојде до решение. Претседателот Обама изјави дека знае оти е потребно да се работи за реализирање на македонскиот влез во НАТО.

 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 129 од 198