Новости
Претседателот Иванов одржa предавање на Универзитетот Џорџтаун во Доха и го посети Паркот на науката и технологијата
Вторник, 29 Јануари 2013

Со предавањето на тема „Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите“ на Универзитетот Џорџтаун во Доха, претседателот на Република Македонија, д-р  Ѓорге Иванов, ја заврши официјалната посета на Државата Катар.

Балканот и Заливот се крстосници на цивилизаците кои биле направени од империите, трговијата, културата и религијата. Тоа се места каде цивилизациите не се судираат, туку комунцираат, разменуваат и се поврзуваат создавајќи плодна почва за дијалог меѓу цивилизациите, истакна претседателот Иванов. Македонскиот народ, како што посочи тој, секогаш бил на страната на мирот и заедништвото.

Општествата на Балканот се мултиетнички, како резултат на долгиот период на опстојување на империите на овој простор. Македонија живеела и живее во светот на различноста почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот не научил на соживот, толеранција и меѓусебно помагање, рече македонскиот претседател. Република Македонија, како што додаде претседателот Иванов,  е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог.

Нашата посветеност ја покажуваме преку градење и развивање на блиски и пријателски односи со земји кои припаѓаат на различни цивилизации и на билатерално и на мултилатерално ниво. Нашиот мултиетнички и мултирелигиски демократски модел е извор на голем креативен потенцијал - мост за взаемно разбирање, почитување и соживот, нагласи претседателот Иванов.

Говорејќи за претстојниот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, чиј домаќин оваа година ќе биде Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот и за зближување и разбирање меѓу луѓето. Во својот говор, Претседателот ја потенцираше идејата за отворен простор, кој нуди оторање на пазарот и можност за успех.

Европската идеја е мировен проект и затоа сите ние што живееме на Балканот се надеваме дека со интегрирање во Европската унија, конечно доаѓа мирот на овие простори. Со ЕУ доаѓаат европски стандарди, критериуми и принципи, и кога сето тоа ќе се почитува, граѓаните ќе имаат правна сигурност и желба за потрага по среќа. Се додека сме надвор од тој отворен простор, како што додаде, ние сме подложни на меѓусебни конфликти, недоверба и нетрпеливост, истакна  претседателот Иванов. Македонскиот претседател  во предавањето посочи дека најголемо богатство на секоја држава се нејзините луѓе и оти е потребно да се почитуваме меѓу себе.

Ако се инвестира во образованието на луѓето, ако се овозможи комуникација, толеранција кон другиот, ако се почитуваме меѓусебно, тогаш доаѓа периодот на мир, нагласи Иванов и додаде дека конфликтите се резултат на отсуство на комуникација, нетолерантност и меѓусебно непочитување. Потенцирајќи ја важноста на образованието на младите, претседателот Иванов во оваа прилика покани двајца студенти од „Џорџтаун“ универзитетот да бидат учесници на следната „Школа за млади лидери“,  што под негово покровителство се одржува секоја година во Охрид. Предавањето на претседателот Иванов го најави Емир Хасановиќ, синот на македонскиот амбасадор во Катар, кој е единствен студент од Република  Македонија на овој универзитет.

Македонската делегација предводена од претседателот Иванов, денеска го посети и Паркот на науката и технологијата во Доха. Овој Научно-технолошки парк ги развива технологиите во енергетиката, животната средина, здравството и информатичко-комуникациските технологии. Научно-технолошкиот парк се простира на 15 милиони метри квадратни и е признаен како мотор за истражување, иновации и претприемаштво во Катар.

Претседателот Иванов и министерот Сарачини остварија средба и со генерaлниот директор на „Групацијата Катара“ која се занимава со хотелиерство, На средбата беше договорено, во март, Република Македонија да ја посети делегација од Катар, при што се очекува да се конкретизираат одредени проекти. Министерот за економија, Ваљон Сарачини, изјави дека и при денешната посета на претседателот Иванов на повеќе институции и невладини организации во Доха,  разговарано е токму за конкретни проекти во насока на продлабочување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар.

katar001
Катар е заинтересиран за инвестирање во енергетиката и туризмот во Македонија - Официјална посета на Катар
Понеделник, 28 Јануари 2013

Формирање Мешовит комитет за економска соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар и во најскоро време отворање амбасада во Скопје, е исходот од денешната средба во Доха меѓу претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и катарскиот емир, Хамад бин Калифа ал-Тани. Воедно, на средбата  беа разменети мислења и информации за досегашните билатерални односи и за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес. Посебен акцент беше ставен на можностите за развивање на економската соработка. Претседателот Иванов информираше дека вршителот на должност, Мохамед бин Рашид Хамад Сабих, веќе е во Скопје и ги прави сите подготовки амбасадата на Катар да биде отворена во најкратко време. До пред само три години немавме склучено никаква билатерална спогодба со Катар. По интензивните контакти правната рамка меѓу двете земји е оформена, а во таа насока денеска е потпишан и Меморандумот за разбирање во сферата на туризмот, изјави по средбата со Емирот ал-Тани,  претседателот Иванов.

Македонскиот претседател и Емирот од Државата Катар разговараа за катарски инвестиции во Република Македонија, при што како што нагласи претседателот Иванов бил пројавен интерес за соработка во сферата на високото образование, како и во областа на културата што се должи на неодамнешната посета на КУД Танец на Доха. Оваа посета е во функција на одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и се надевам дека економската соработка која ја потикнуваме во најкраток период ќе ги даде своите резултати, изјави претседателот Иванов. Со цел натамошно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави, покрај Меморандум за разбирање за туристичка соработка меѓу двете земји, беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу стопанските комори на Република Македонија и на Државата Катар. Во официјалната делегација предводена од претседателот Иванов е и министерот за економија Ваљон Сарачини.

Во рамки на официјалната посета, претседателот Иванов оствари средба и со Премиерот и Министер за надворешни работи на Катар, Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани. Централна тема на средбата со катарскиот премиер беа можностите за развој на економската соработка. Без разменети мислења за конкретни потенцијални проекти во кои би можело да се инвестира, од сферата на инфраструктурата и енергетиката, туризмот и земјоделието. Премиерот и Министер за надворешни работи на Државата Катар ја повтори подготвеноста за инвестирање во Република Македонија во наведените области и ја истакна желбата во наредниот период да ја посети Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека добрите политички односи во наредниот период треба да се валоризираат и конкретизираат со конкретни економски проекти. Воедно, македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжат контактите меѓу двете држави на тој план.

За време на престојот во Државата Катар, претседателот Иванов ќе го посети и Универзитетот Џорџтаун, каде ќе одржи предавање на тема „ Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите". Ова претставува прва официјална посета на претседателот Иванов на Катар, на покана од Емирот Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани, а  која се реализира после дводневната официјална посета на Емирот на Државата Катар на Република Македонија, на 17 и 18 октомври 2011 година.

Најсреќните да ја споделуваат среќата со другите – одбележување на празникот Водици во Валандово и во Гевгелија
Сабота, 19 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици, присуствуваше на свечениот чин на фрлање на крстот во осветените води во Валандово и во Гевгелија. 

Претседателот Иванов истакна дека празнувањето на Водици претставува традиција за нашиот народ, и изрази задоволство што со текот на годините неговото одбележување на југот на Македонија прераснало во регионална манифестација на која присуствуваат граѓани од сите општини во околината. На сите оние што ќе бидат најсреќни им го честитам фаќањето на крстот, со желба да бидат среќни преку целата година, но и да ја споделуваат среќата со другите, истакна Претседателот Иванов, додавајќи дека празничните обичаи овозможуваат да се помине време со блиските и заеднички да се прослави.

На свечениот чин на одбележување на Богојавление-Водици на градскиот базен во Валандово, осветениот крст го фати Даниел Занов, на кого претседателот Иванов му подари уникатен крст изработен со македонски рубини. Занов истакна дека благодарение на тоа што бил најбрз и најсреќен меѓу учесниците, успеал да си ја исполни најголемата желба – да го фати крстот, но и  нагласи дека ќе продолжи и понатаму да учествува на свечената манифестација.На празнувањето на Богојавление-Водици во Гевгелија, најсреќен беше Илија Ѓорѓиев од с.Мрзенци, кој крстот од осветените води на реката Вардар го фати по вторпат. Многу сум среќен, моето чувство ќе го споделам со сите жители на општина Гевгелија. Светиот крст ќе го однесам во сите христијански домови за да им донесе на моите сограѓани здравје и среќа во новата година, изјави Ѓорѓиев.
Претседателот Иванов честитајќи го празникот на сите православни верници, на најсреќните им посака многу здравје и среќа и им упати порака, уникатниот крст секогаш да ги потсетува на овој голем ден. Богојавление-Водици е празник кој го одбележува крштевањето како еден од столбовите на христијанството, во чест на денот кога Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Чинот на фаќање на крстот означува соединување на човекот со Христа, па оттука се верува дека носи многу здравје, среќа и благосостојба.

Посета на Република Македонија на амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на ГС на ОН за прашањето за името
Петок, 11 Јануари 2013

Личниот претставник на Генералниот Секретар на Обединети Нации, Метју Нимиц денеска оствари работна посета на Република Македонија, во рамки на активностите поврзани со неговиот мандат за надминување на разликата околу името.

Притоа тој имаше средби со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и со Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на кои им ги пренесе видувањата за неговата посета на Атина и таму искажаните заложби за посветеност на процесот.

На средбите беше повторена македонската поддршка за засилен ангажман на медијаторот Метју Нимиц. Тој детално беше запознат со македонската посветеност за отстранување на оваа препрека, која ги загрозува евро-атлантските интеграциски текови во регионот на Југоисточна Европа. Во тој контекст, му беа презентирани бројните билатерални иницијативи покренати од македонска страна кои целат кон приближување на двете земји. Многу од нив се истакнати во писмото упатено од Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски до Претседателот на Владата на Република Грција, Андонис Самарас. Во разговорите, македонската страна ја реафирмира искрената заложба за наоѓање решение за разликата околу името и уште еднаш го потенцираше нашиот интерес за што поскорешно затворање на ова прашање, како и интерес за динамизирање на процесот. Исто така, беше нагласена потребата од преземање чекори кон возобновување на довербата меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој контекст, улогата на органите на Обединетите Нации беше оценета како исклучително корисна и во тој контекст беше охрабрена заложбата на медијаторот за поинтензивна комуникација и посети на двете земји.

Државниот врв на божиќен ручек кај поглаварот на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија
Среда, 09 Јануари 2013
Вие сте идоли на младите генерации и наши најдобри амбасадори - прием за Македонската машка ракометна репрезентација
Вторник, 08 Јануари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на Македонската машка ракометна репрезентација, во пресрет на нивното учество на Светското првенство во ракомет,  кое ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија.

Претседателот Иванов им порача на македонските ракометари да веруваат во себе и во своите квалитети, истакнувајќи дека успесите постигнати на минатогодишното Европско првенство треба да бидат дополнителен мотив за освојување на висок пласман и на претстојното првенство во Шпанија. Изразувајќи поддршка во името на сите граѓани на Република Македонија, Претседателот им посака многу среќа и успех на македонските репрезентативци на претстојните натпревари.

Онаму каде што е репрезентацијата, таму е и Македонија. Вие сте идоли на младите генерации и благодарение на вас многу млади го одбрале и ќе го одберат спортот. Вие сте нашите најдобри амбасадори и не се сомневам дека повторно ќе направите целиот свет да зборува за Македонија, порача македонскиот претседател.

Капитенот на машката ракоментна репрезентација Кире Лазаров, заблагодарувајќи му на претседателот Иванов за времето кое, како што рече, секогаш го издвојува за нив и за спортот воопшто, истакна дека ќе направат се достојно да ја презентираат Македонија во светот. Ќе се бориме нема да калкулираме и се надеваме дека на крај сите ќе се радуваме на нашите успеси, истакна Лазаров.

По минатогодишното освоено  петто  место на Европското првенство,  Претседателот на Република Македонија ги одликуваше членовите на Македонската ракометна репрезентација со „Медал за заслуги за Македонија“, за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план, и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

 
Почеток < Пред 121 122 123 124 125 126 127 128 129 130 Следно > Крај
Страница 122 од 198