Новости
Прием на македонските карате репрезентативци кои се натпреваруваа на Европското првенство во Турција
Вторник, 19 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на македонската карате репрезентацијата, кои учествуваа на Европското првенство за кадети и постари јуниори, кое се одржа од 8 до 10 февруари во Коња, Република Турција.

Повод за приемот на делегацијата на Карате федерацијата на Македонија е остварениот успех на македонските репрезентативци, кои освоија еден златен и два бронзени медали на Европското првенство каде учествуваа 800 натпреварувачи од 44 земји.

Македонскиот Карате репрезентативец Виктор Пендаровски освои бронзен медал во категоријата јуниори, Моника Пендаровска освои бронзен медал во категоријата кадети, додека Берат Јакупи освои златен медал во категоријата постари јуниори, со што се закити со третиот златен медал во неговата кариера и воедно стана единствен македонски спортист кој е трикратен континентален шампион во три различни возрасни категории.

На средбата, претседателот Иванов упати честитки за постигнатиот голем успех на македонските каратисти и воедно им порача во иднина со максимални заложби и ревносен спортски живот, да продолжат достојно да ја претставуваат Република Македонија на големите спортски натпреварувања во сениорска конкуренција.

„Спортските успеси се успеси со кои сите млади луѓе непосредно се идентификуваат. Со врвните резултати кои константно ги бележите, а особено со освоените медали на ова Европско првенство, вие покажавте дека сте исклучително позитивен пример за сегашните и идни млади генерации. Победата сплотува, а ние сплотени во нови спортски победи можеме да ја повториме радоста која ни ја донесоа кошаркарите и ракометарите", истакна претседателот Иванов. Воедно, Претседателот нагласи дека спортот е особено значајна област за интеграција и развивање на меѓусебна толеранција, за што говори и реализираниот проект „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување", кој наиде на голема заинтересираност кај младите. „Спортот е активност која во голема мера го јакне духот. Спортот како активност значи првенствено верба во себе и умствена победа над сопствениот дух, а потоа и бележење на вистински спортски победи," додаде претседателот Иванов.

Македонските каратисти го информираа претседателот Иванов за тековните активности преку кои со несмален интензитет се подготвуваат за учество на идните првенства, со надеж дека во блиска иднина каратето ќе стекне квалификација на олимписки спорт. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази уверување дека доколку каратето стане олимписки спорт, членовите на Карате федерацијата несомнено ќе бидат потенцијални освојувачи на олимписки медали.

Воедно, членовите на македонската Карате федерација се заблагодарија за континуираната поддршка и искажаните признанија од македонскиот претседател.

Поддршка на проекти за развој на иновации и претприемништво - средба со министрите Сарачини и Кралев
Понеделник, 18 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за образование и наука, г. Панче Кралев и министерот за економија, г. Ваљон Сарачини.

На средбата, претседателот Иванов беше информиран за процесите на подготовка на проектите од заемен интерес и надлежност на ресорните министерства, кои се поддржани од македонскиот претседател, во областа на иновациите, претприемништвото, обновливи извори на енергија, како и за тековните подготовки на проектот „Технолошки Паркови".

Во овој контекст, претседателот Иванов, министерот Сарачини и министерот Кралев, ја потенцираа потребата од усогласување на правната рамка во насока на обезбедување на полесен пристап до фондовите на Европската унија, наменети за поддршка на иноваторството. Воедно, беа разменети мислења и информации за можностите за унапредување на условите за стекнување на меѓународни студентски стипендии.

Претседателот Иванов ги поздрави иницијативите за поттикнување на образовниот и професионален потенцијал во нашата земја и воедно истакна дека едуцираниот кадар кој е подготвен да спроведува применливи научни истражувања е неопходен за обезбедување раст на економијата и целокупен напредок на општеството.

Во таа насока, претседателот Иванов ја посочи и востановената традиција на доделување на признанието „Најдобар млад научник", преку која Претседателот континуирано ги поттикнува младите научници од различни сфери да дадат свој научен придонес во развојните текови на нашата земја, како и проектот„ Претприемништво", чија цел е поттикнување на претприемачкиот дух кај младите.

Одбележан празникот Св. Трифун - традиционално закројување на лозите во Струмичко
Четврток, 14 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на лозовите насади на „Далвина“ во Хамзали, општина Босилово, присуствуваше на прославата на православниот празник „Свети Трифун“ - заштитник на лозарите. По божествената молитва за успешна работа и бериќет, што ја одржа митрополитот европски Пимен, со симболично отсекување на лозовите стракови, симболично беше започнато кроењето на лозовите насади на „Далвина“. Претседателот Иванов до сите лозари и винари во Македонија упати честитка, со желба за успешна и бериќетна година. На денешниот ден „Свети Трифун“, на сите лозари им посакуваме многу бериќет, а на винарите многу квалитет. Тоа е желба која се посакува на овој ден кога се закројуваат лозите и преку тој обичај се продолжува една многу долга традиција, во нашиот народ кога им се помага на лозарите и им се посакуваат многу желби за родна и квалитетна година. Овој пат сме во Струмичко, за да се види дека не се само Тиквешијата и Повардарието винарски краеви, туку дека и овде се инвестира и се развива лозарството, изјави претседателот Иванов. На покана на македонскиот претседател, на настанот присуствуваа амбасадорот на Соединетите Американски Држави, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, амбасадорот на Француската Република, амбасадорот на Унгарија и амбасадорот на Република Полска. Претседателот Иванов заедно со гостите ја посетија винаријата „Далвина“ во Хамзали, која со своето квалитетно вино станува сериозен конкурент, како на домашниот, така и на светскиот пазар.
alt

Средба со амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија
Среда, 13 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени досегашната соработка со Мисијата на ОБСЕ и изрази очекување дека ОДИХР со внимание ќе ги следи локалните избори во март оваа година. Воедно, македонскиот претседател изрази задоволство од неодамнешната средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, на која беа разменети мислења околу случувањата на внатрешно-политички план во Македонија и беше упатена заедничка порака за фокусирање на сите политички фактори на ЕУ агендата и напредокот на земјата во евроинтегративниот процес.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во државата, бојкотот на Собранието и можностите за надминување на ситуацијата. Претседателот Иванов го запозна соговорникот за активностите и иницијативите кои ги преземал за надминување на состојбата, и воедно изрази надеж дека интересите на државата и на граѓаните ќе надвладеат  над партиските или личните интереси на поединци. Амбасадорот Брет ги поздрави напорите на претседателот Иванов, и двајцата соговорници се согласија дека од суштинско значење за натамошниот интеграциски процес на Република Македонија е демонстрирање на внатрешно единство, функционирање на институциите во полн капацитет и надминувањето на политичката состојба.

Честитки за освоените медали на Светските Зимски Олимписки игри - Прием за делегацијата на Специјална олимпијада на Македонија
Петок, 08 Февруари 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими делегацијата на Специјална олимпијада на Македонија, која учествуваше на Светските Зимски Олимписки игри, одржани од 25 јануари до 05 февруари, 2013 година во Пјонгчанг, Јужна Кореја, каде што нашите олимпијци остварија извонредни резлтати. Во конкуренција од 3014 атлети кои се натпреваруваа во седум спортови, Димче Михајловски освои златен медал во алпско скијање, Даниела Паневска и Димитар Мегеров освоија по еден сребрен и по еден бронзен медал во дисциплината алпско скијање, додека Катерина Крстева освои две четврти места во алпско лизгање.

Претседателот Иванов упати честитки до членовите на делегацијата за постигнатиот успех и истакна дека континуирано ги следи и цврсто ги поддржува активностите на Специјалната олимпијада на Македонија. Во името на сите граѓани на Македонија, ви го честитам овој огромен успех, кој на сите нас ни ги стопли срцата. Секоја цел е достапна и секој сон е остварлив, доколку се работи посветено и одговорно. Вие тоа го покажавте и ја направивте горда цела Македонија, порача претседателот Иванов. Македонскиот претседател потенцираше дека спортот е еден од најуспешните начини за интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби, како и за подигнување на свеста кај пошироката јавност за пружање соодветна помош и поддршка на овие лица. Претседателот Иванов истакна дека учеството на вакви меѓународни спортски настани придонесува и кон афирмирање на нашата земја.

Членовите на делегацијата на Специјалната Олимпијада на Македонија ги поздравија сите досегашни иницијативи на претседателот Иванов за поддршка и промоција на нивните активности и изразија надеж за уште поголеми успеси во иднина. Претседателот Иванов приреди прием за членовите на Специјална олимпијада на Македонија и после нивното учество на Светските Летни Олимписки Игри во Грција во 2011 година и на Европските Игри на Специјална Олимпијада во Полска во 2010 година.

Началникот на ГШ, Горанчо Котески му реферираше на претседателот Иванов за борбената готовност на АРМ за 2012 година
Четврток, 07 Февруари 2013

Во Домот на АРМ во Скопје денеска се одржа брифинг за борбената готовност на АРМ за 2012 година, на кој присуствуваа: Претседателот на  Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана Фатмир Бесими, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, командантите на потчинетите команди и единици, клучниот персонал од Министерството за одбрана и началниците на организационите единици на ГШ на АРМ.

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили од страна на Началникот на ГШ на АРМ беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2012 година, согласно функционалните области на АРМ, а кои се однесуваат на: персоналниот менаџмент, заштита на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските и комуникациите и буџетирањето. Врз основа на извршената сеопфатна годишна анализа на Генералштабот, беше донесен заклучок дека АРМ во изминатата година успешно ги извршуваше мисијата и поставените задачи, при што и покрај објективните потешкотии и ограничувања, борбената готовност беше на потребното рамниште. Во оваа прилика, од страна на НГШ на АРМ посебно беше истакнато успешното извршување на клучните задачи и проекти на Армијата кои ја одбележаа измината година, како што се: одбележувањето на Јубилејот „20 години АРМ“, воведувањето во употреба на новата борбена униформа, успешно извршување на меѓународните мисии надвор од Република Македонија, асистенција на институциите при елементарни непогоди и спасување, донесување на голем број правила и правилници за регулирање на животот и работата во АРМ и извршување на редовните задачи.

Како главни предизвици, но и мерки кои во 2013 година ќе придонесат за понатамошно подигање на борбената готовност и јакнење на моралот на припадниците на АРМ беа издвоени: предлог и усвојување на планот за модернизација на АРМ од страна на Владата на Република Македонија, продажба на неперспективната и стара опрема на АРМ, доделување на финансиски средства во буџетот на МО од продажба на имотот со кој располага МО, реализација на проектот „АРМ мој дом“, пополна на Армијата со професионален, резервен и регрутен состав, подобро функционирање и координација на клучните сектори во МО со соодветните секции во ГШ на АРМ и понатамошно подигнување на степенот на обученоста на припадниците на АРМ.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 120 од 198