Новости
Дом полн со љубов – семејството на претседателот Иванов во посета на згрижувачкото семејство Петровски
Среда, 15 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со сопругата, г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, денеска, по повод 15 мај, Меѓународниот ден на семејството, го посетија семејството Петровски во скопската населба Драчево, кое во моментов згрижува четири социјално загрозени деца.

Топлината на домот на 66-годишната Трајанка Петровска во изминатите 28 години ја имаат почувствувано околу 50 деца. Вели дека грижата за нив ја исполнува и и дава здравје и виталност.

„Имав ќерка која почина на 15 години и поради тоа се одлучив да чувам деца, покрај моите четири. Се пријавив во социјално да бидам згрижувач на деца, за здравје на моите деца. И ден денеска чувам и ќе чувам се додека ме држи здравје. Ќе продолжам да чувам, без разлика дали е мало или поголемо дете. Ги прифаќам сите деца. Ме исполнува тоа што чувам деца. Ми дава здравје, виталност, енергија. Се грижам за нив, чистам, перам, ги бањам, ги носам во училиште", вели Петровска.

Најмалиот член на семејството има 9 месеци, додека најголемиот член е на 13 годишна возраст. Дел од децата што ги чувала во изминатите години се веќе во брак, имаат свој дом и вели дека често ја посетуваат. Традицијата на чување деца ја продолжува и семејството на нејзиниот син Оливер, кој денеска го запозна претседателот Иванов со нивната хумана мисија.

Македонскиот претседател изразувајќи длабока почит кон делото на семејството Петровски, укажа дека бескрајната хуманост на овие луѓе е пример за сите наши граѓани.

„Македонија од секогаш била земја во која сите се помагале меѓусебно, ги споделувале своите радости и маки. Македонците насекаде се познати по добрина. Вашето семејство е еден восхитувачки пример за тоа", порача претседателот Иванов во домот на семејството Петровски.

Тие од семејството Иванови добија пригодни подароци, неопходни за задоволување на нивните секојдневни потреби.

Г-ѓа Трајанка, искажувајќи ја својата желба за куќа полна со деца, вети дека се додека е во можност ќе им пружа грижа на оние на кои им е најпотребна.

Претседателот Иванов го посети Валандово
Вторник, 14 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска престојуваше во работна посета на Валандово, во придружба на директорот на Турската агенција за координација и развој, Махмут Чевик.

Во родното Валандово претседателот Иванов и неговиот гостин остварија средби и разговори со градоначалникот Николче Чурлиновски, со претставници на бизнис секторот од општината и наставници од гимназијата „Гоце Делчев" кои беа насочени кон остварување соработка и учество во заеднички проекти со турскиот бизнис сектор.

„Сите разговори се водеа со цел да се согледаат потенцијалите што ги има општина Валандово и можностите за размена на искуства, сознанија и наоѓање партнери за инвестирање од страна на турскиот бизнис сектор. Разговаравме за сферите на интерес на општина Валандово во кои може да се соработува, односно за понудата на општината за областите во кои конкретно може да се соработува. Се надевам дека посетата ќе вроди наскоро со конкретна соработка и зафати од кои граѓаните на Валандово и валандовско ќе имаат бенефит", изјави претседателот Иванов.

Директорот на Турската агенција за координација и развој, Махмут Чевик изрази голема благодарност за довербата што ја има од претседателот Иванов и вети во наскоро време средба меѓу бизнисмените од двете земји.

Тој најави доаѓање на експерти од областа на земјоделството кои во Валандово ќе го снимаат теренот за одгледување индустриска калинка и градење фабрика за нејзина преработка, како и помош за текстилната индустрија и земјоделските паралелки од валандовската гимназија за реализирање проекти.

Во рамки на денешнава посета на Валандово претседателот Иванов со својот гостин Чевик оствари средба и со жителите на селото Дедели.

Церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија, по повод Денот на Европа
Недела, 12 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. г. Аиво Орав,  денеска извршија традиционална церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, вила „Водно“. Церемонијалната размена на знамињата се одвива во рамки на планинарскиот марш, што се одржува во организација на Европското движење на Република Македонија и на Делегацијата на Европската унија во Скопје, како дел од активностите на одбележувањето на 9 мај - Денот на Европа.

На учесниците на планинарскиот марш, кои предводени од амбасадорот Орав пристигнаа во претседателскиот Кабинет, претседателот Иванов им упати срдечни честитки по повод Денот на Европа. Воедно, Претседателот на Република Македонија порача дека планинарскиот марш треба да ги симболизира напорите за движење во нагорна линија на сите сегменти во општествениот живот и државата.

По извршената церемонијална размена на знамињата на Република Македонија и Европската унија, планинарскиот марш продолжи кон врвот Водно, каде традиционално се поставуваат двете знамиња.

Форум за млади „Улогата на религиите во градењето на толерантна младина" - Трета светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог
Сабота, 11 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа поздравно обраќање на Форумот за млади - „Улогата на религиите во градењето на толерантна младина", кој се одржа во рамките на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.

„Единствено дијалогот е она што може да овозможи стравовите, предрасудите и погрешните претстави да се менуваат. Затоа постојано моја мисла е дека човек кој комуницира тој се интегрира, човек кој не комуницира се гетоизира. Кога се разговара, тогаш се доаѓа до решение. Договорот подразбира двајца. Мора да се разговара. Затоа поуката, апелот, повикот до сите млади е што повеќе да разговараат“, порача претседателот Иванов во поздравното обраќање.
Македонскиот претседател посочи дека 20 век оставил големи трауми во човештвото и додаде оти голем дел од тие конфликти, војни биле и во основа и на предрасуди, стравови, стереотипи кои постоеле во минатото и кои се уште траат.

„Еве 100 години после Балканските војни гледаме дека некои се уште ја користат истата реторика, истиот речник, во 21 век не го признаваат правото на други сами да се идентификуваат, не признаваат човечко достоинство сами да се одредите она што сте. И во иднина тоа ќе се случува. Нема да се промени се. Меѓутоа останува дилемата како денешните млади кога ќе бидат на наша возраст ќе се соочат во светот кој доаѓа“, истакна претседателот Иванов.

„Знаеме дека и многу конфликти во нашиот регион биле инспирирани од сфаќањата кои потекнувале од религијата. Некои ја злоупотребувале затоа што тоа многу силно мобилизира, ги потикнува чувствата на луѓето и дава некоја сигурност што другите групи, заедници не им ја даваат. Ние имаме позитивно искуство затоа што долги периоди од нашата историја сме живееле во отворени простори“, потенцира претседателот Иванов. Тој отворен простор, нагласи Претседателот, создава кај луѓето претстава за другите дека треба да се живее заедно.
„Не ни е Европа нас цел како економска благосостојба, како што други ја толкуваат. На луѓето кои живеат на овој простор Европа им е враќање на мирот, на стабилноста, на сигурноста затоа што едни стандарди, едни принципи, едни критериуми ќе важат за сите“, додаде претседателот Иванов.

Модераторот на Форумот, Мухамед Мешиќ, од Тузла, кој е правник, хебреист, јапанолог и јазичен гениј кој зборува седумдесетина јазици, рече дека оној момент кога ќе ги разбереме другите имаме потреба од разбирање на самиот себеси. „Верските заедници ги градеа и зачуваа човечките традиции за илјадници години. Разновидноста на ова наследство е клучната придобивка на човештвото во денешниот свет. Улогата на пораките во религиските подучувања го обележуваат човештвото, достоинството и се неопходни за секој. Сите млади треба да соработуваат. Сите верски и политички лидери треба да работат заедно за да создадат свет на достоинство и разбирање за генерациите што доаѓаат“, додаде Мешиќ.

Форумот за млади кој се одржа во рамки на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, се стреми да прерасне во нејзин дел кој континуирано ќе се развива и надградува. На Форумот за млади учествуваа млади номинирани од верските групи и религиозните заедници во Република Македонија, како и претставници од трите генерации на Школата за млади лидери, која се организира под покровителство на претседателот Иванов. Воедно, како специјални гости на Форумот беа поканети претставници од домашни и странски младински организации, кои, меѓу другото, во своите активности посветуваат внимание на меѓурелигискиот дијалог, односно на прашањата од областа на религијата, културата и духовните вредности.

Да бидеме обединети за просперитет и успех на сите нас – порака од претседателот Иванов на Велигден
Недела, 05 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата г-ѓа Маја Иванова, утрово присуствуваше на Светата Златоустова литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски" во Скопје, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.

„Христос Воскресе-Навистина Воскресе. За многу години да ни е Велигден. На сите христијани кои денес го слават овој голем празник им посакувам се најубаво, многу здравје, радост и среќа во животот. Да има многу добрини и многу убавини", изјави претседателот Иванов по литургијата.

Како што сме сложни и обединети овие денови, потенцираше претседателот Иванов, така да бидеме и во државата, сите што живееме, за просперитет и успех на сите нас.

„Да им се посветиме на нашите семејства, особено на нашите деца. Да им даруваме многу љубов, многу радост и да им даваме многу надеж. Кога сме обединети можеме да ги совладаме сите предизвици со кои се соочуваме за добро на сите нас што живееме во Република Македонија", рече претседателот Иванов.

По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов беше примен од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.

Ноќта спроти Велигден, претседателот Иванов, придружуван од сопругата Маја и синот Иван, присуствуваше на Свечената Воскресна литургија во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител".

SedonaForumSAD
Силна поддршка за членството на Македонија во НАТО на форумот во Седона - Аризона, САД
Недела, 28 Април 2013

Силна поддршка за македонските евро-атлански интерации од Форумот Седона, неколкудневната конференција на политички и бизнис лидери од САД и од светот, која Институтот на американскиот сенатор Џон Мекејн ја организираше во Аризона.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој учествуваше на форумот, изјави дека имал можност да ги претстави македонските интереси и да добие поддршка за македонското барање за деблокирање на интеграциите.

„Се отвори прашањето за нашето членство во НАТО, за сето она што ние сме го направиле и нашиот придонес кон НАТО, и зошто се уште чекаме да станеме членка. Се разви таа дебата, и имавме од соговорниците нивни ставови и констатации, дури и лични сведоштва од луѓе кои учествувале на самитот во Букурешт кога не станавме членка на НАТО. Така да овие форуми се извонредна можност преку размена на мислења и искуство со врвни луѓе од светската политика, од Сенатот на Америка, претседатели на други држави, да се согледа состојбата од поинаков аспект. Не она што е присутно дневно во медиумите, што го знаеме како состојба, туку да се влезе подлабоко во суштината на одредени проблеми кои ја менуваат светската политика. Го искористив моментот да ги кажам нашите ставови и позициите на Македонија по сите тие прашања", изјави претседателот Иванов.

Канадскиот министер за одбрана Питер Мекеј, по заедничкиот панел со македонскиот претседател, рече дека неговата земја е активен поддржувач на македонските интеграции. За време на панелот, Мекеј предупреди дека НАТО мора да внимава на типот на пораката која ја праќа до државите кои бараат членство и придонесуваат кон мировните мисии, само за да бидат одбиени од Алијансата.

„Како прво, сакам да кажам дека имавме многу успешна посета на претседателот на Македонија во Канада, и ни беше навистина драго за таа посета. Постои силен и траен однос меѓу нашите држави. И навистина сме благодарни за придонесот кој Македонија го дава за мисиите на НАТО, за мисијата во Авганистан каде сте спектакуларни. Лично сум ги видел македонските војници во Авганистан, тие се професионалци, дисциплинирани, и работата си ја вршат со големо ниво на самодоверба. И тоа го забележуваат и други држави, низ НАТО сојузот и имаат доверба во македонските војници. Се надеваме дека ќе видиме како продолжува патот напред за аспирациите на Македонија. За ова да биде потребно натамошно разгледување, а Канада е поддржувач на македонските аспирации. Канада е гласен поддржувач на проширувањето на НАТО, и, според моите проценки, Македонија е на многу високо, истакнато место во иднината на НАТО, поради вашиот силен придонес и посветеноста на мирот и сигурноста", изјави министерот Мекеј.

На панелот посветен на состојбата на Европската Унија, на кој претседателот Иванов говореше заедно со грузискиот претседател Михаил Сакашвили и поранешниот премиер на Русија Михаил Касјанов, македонскиот претседател го претстави проблемот предизвикан од грчкото вето, и непочитувањето на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Претседателот Иванов го претстави и македонското искуство со организирање политички модел со почитување на различностите и мултиетничкиот карактер на државата.

„НАТО е особено важна институција за сите мултиетничките општества, за да ги промовира вредносите зад кои стои како што се владеењето на правото, демократијата и слободата. Ние бараме почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и се надеваме дека во иднина ќе има решение за Македонија", изјави македонскиот претседател , кој на форумот во Седона учествуваше на покана на сенаторот Џон Мекејн, чиј неодамна формиран Институт собира експерти и решавачки политичари во областа на надворешната политика.

На првиот ден на форумот, македонскиот претседател се сретна со потпретседателот на САД Џо Бајден. На форумот учествуваа голем број актуелни и поранешни американски сенатори, особено од влијателниот комитет за надворешна политика, потоа бизнис лидери и странски политички фигури. Најголемиот дел од форумот беше затворен за јавноста, со цел да се обезбеди доверливост на дискусиите.

alt

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 114 од 198