Новости
sedona
Претседателот Иванов на Седона Форумот во Аризона
Сабота, 27 Април 2013

Форумот Седона, затворен собир на високи политички и бизнис претставници од САД и од светот, синоќа почна со работа во планините во близина на градчето Седона во Аризона.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој беше поканет од страна на Институтот на американскиот сенатор Џон Мекејн кој е организатор на овој форум, имаше средба со американскиот потпретседател Џо Бајден. Иванов, на вечерата со која се отвори форумот, беше на свечената маса со потпретседателот Бајден, сенаторот Мекејн, како и претседателот на Грузија,Михаил Сакашвили.

Претседателот Иванов, кој во САД допатува од посетата на Канада, имаше и подолга средба со канадскиот министер за одбрана Питер Мекеј, кој исто така учествува на форумот Седона.

sedona2Кандски министер за одбрана честита за врвниот професионализам на нашите војници во мисиите на НАТО и истакна дека секогаш кога е во посета на Авганистан со задоволство се среќава со македонските мировници. Воедно, канадскиот министер изрази интерес да ја посети Република Македонија и му честита на претседателот Иванов за успешната посета на Канада. МекКеј особено ја акцентираше посетата на претседателот Иванов на Канадскиот воен колеџ и фактот што врвни претставници на АРМ имаат посетувано обуки на канадските воени школи.

Потпретседателот Бајден кој во Белата куќа, е задолжен за формулирањето на американската политика кон балканските држави во воведната дискусија на форумот со сенаторот Мекејн, се заложи за помирување меѓу балканските држави, со отворена дискусија за тешкиот период на блиското минато, и соочување со злосторствата извршени од секоја страна.

- Мораме да дојдеме до ситуација да откриеме кој е одговорен за извршентие дела, и како дошло до тоа што се случило. Единствен начин да ги победиме демоните е ако искрено и директно признаеме што се случило. Толку напорно работевме во Босна и во Косово, јас и сенаторот Мекејн бевме меѓу најсилнтие гласови кои бараа да се отвори трибунал за воени злосторства. Потребно е секоја нација да го прифати тоа што го сториле нејзините претставници, не смее да се дозволи луѓето да велат дека не знаеле што се случувало. Најдобрата работа што ја направи Германија беа трибуналите за воените злосторства, бидејќи на тој начин станаа голема демократија како што се денес. Инсистираме истото да се случи и во Србија, и на Балканот. Тоа е пат за нацијата да нема да молчи околу овие настани, изјави Бајден во своето обраќање, во кое фокусот го стави на актуелните домашни политички настани во САД како што е расправата околу законите за пристапот до оружјето.

sedona3Претседателот Иванов ќе учествува на денешната панел дискусија, која ќе биде посветена на интеграциите во Европа.

Главна тема на Седона Форумот е ширењето и одбраната на демократијата во светот. Мекејн, како водечки републикански сенатор задолжен за надворешната политика, преку својот институт работи на градење на американската политика кон светот, пред се Иран, Авганистан и другите клучни кризни жаришта, но и кон Европа. На конференцијата учествуваат водечките сенатори и поранешни сенатори ангажирани во областа на надворешната политика, како Кели Ајот и Џо Либерман. На форумот учествуваат и некои од поранешните архитекти на американската надворешна политика како Пол Волфовиц, но и водечки деловни личности како Џеф Имелт од Џенерал Електрик и Бил Сајмон од Волмарт.

Претседателот Иванов го претстави македонскиот модел на демократија на Универзитетот во Аризона
Сабота, 27 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на својот претстој на Аризона, го посети и Државниот универзитет на Аризона, каде одржа предавање за македонската демократија, во мултиетничко општство.

Претседателот Иванов оцени дека македонскиот модел на меѓуетничка интеграција, е уникатен придонес на Македонија кон европската дебата за интегрирање на етничките заедници, но, воедно, е и една од причините поради кои во некои европски држави има резерви кон Македонија.

„Согласно македонскиот модел на демократија, кога се носат законите кои се од областата на културата или идентитетот, освен мнозинството од пратениците, мора да постои мнозинство од немнозинските заедници. Сите закони кои се однесуваат на идентитет, култура, образование, мора да имаат две мнозинства, и кој и да дојде на власт, не може да ускрати права кои се достигнати. Како што се менуваат општествата, така треба да се менуваат и моделите на демократијата. Имигрантските општества, како САД, нашле решение за ова прашање. Меѓутоа, Европа е исправена пред голем предизвик. Некои се плашат од овој македонски модел, оти под него треба конечно да признаете дека населението им е мултиетничко. Дека има малцинства кои заслужуваат да бидат вклучени, религиозни групи кои бараат признавање", изјави македонскиот претседател.

Претседателот, во своето предавање, се заложи за формирање отворен простор на Балканот, во кој слободно ќе се соработува меѓу некогаш поделените држави, како предуслов за мир во регионот.
На предавањето присуствуваа голем број Македонци кои предаваат или студираат на Државниот универзитет на Аризона, во градот Темпе, кој е дел од поголемата метро зона на Феникс и е збратимен град на Скопје.

Предавањето беше посветено на Мери Чонкоф, доселеничка во Аризона по потекло од Егејска Македонија, познат промотор на македонската и балканската култура во оваа американска држава, во чија чест функционира фонд за студентска соработка меѓу универзитетот „Свети Кирил и Методиј" во Скопје и Државниот универзитет на Аризона.

На прашањето, како Македонците во дијаспората, можат да и помогнат на својата матична земја, претседателот Иванов ги повика да бидат успешни во тоа што го работат.

„Сакаме Македонија да ја градиме во височина, со највисоките стандарди, највисоки критериуми и принципи. Најголеми права на заедниците, чувства на припадност меѓу луѓето. На Македонија најмногу ќе и помогнете ако успеете во животот и бидете успешен човек. Колку има успешни Македонци, толку е успешна и Македонија", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател посети и дел од лабораториите на Колеџот на технологија и иновација на Универзитетот на Аризона, каде професорот Кирил Христовски ги претстави најновите достигнувања во развојот на нано-технологијата, и нејзината примена во чистењето на отпадните води и отстранувањето на штетните материи. Присуствуваше и на презентација на Центарот за реакции, модерен систем за брза и ефикасна обработка на податоци и формирање на сценарија во случаи на елементарни негодони.

Македонскиот претседател ја посети и црквата во изградба „Свети Архангел Михаил", која е верски центар на неколкуилјадната македонска заедница во Феникс. Добредојде на претседателот Иванов му посакаа Џим Лозановски, претседателот на црковната општина во Феникс и отец Ристо Ристовски, од македонската црква „Света Богородица" во Лос Анџелес, кој е свештеник и во црквата во Феникс. Македонскиот претседател и амбасадорот Зоран Јолевски, дадоа и симболичен придонес кон изградбата на црквата и изразија надеж дека наскоро Македонците во Феникс ќе ја довршат изградбата на храмот во северните предградија на оваа метропола.

Претседателот Иванов на отворање на почесниот конзулат во Тусон, Аризона
Петок, 26 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во американскиот град Тусон, во сојузната држава Аризона, го отвори почесниот конзулат на Република Македонија.

Титулата почесен конзул, во овој индустриски град на крајниот југ на САД, му припадна на долгогодишниот активист за правата на Македонија, Џејсон Мико.

Мико е поранешен близок соработник на претседателот Борис Трајковски, застапувач на Македонија во Вашингтон, колумнист во Дневник и еден од авторите на филмот „Името е име" со кој на странската публика и се претставуваат македонските ставови за спорот за името со Грција.

- Џејсон Мико е еден од многубројните Американци кои доаѓаат во Македонија да ни помогнат. Односите меѓу Македонија и САД не се само пријателски, тоа се партнерски односи. Навистина сме благодарни сето тоа што Соединетите Американски Држави, државата Аризона, и Џејсон Мико го прават за Македонија. За соработката со неговиот голем пријател, и мој пријател, претседателот Трајковски. Затоа сме заедно во сите мировни операции, и во Ирак, и во Авганистан, и секаде каде што сме повикани, изјави претседателот Иванов на свеченоста по повод отворањето на конзулатот.
Мико кусо ја претстави Македонија како земја од која многумина можат да учат за толеранцијата и пријателството и држава која спроведува економски реформи за да обезбеди просперитет за своите граѓани.

- Мислам дека божјото провидение ме испрати во Македонија, и не можам а да не го спомнам мојот омилен цитат од Библијата - среде ноќта апостол Павле имаше визија од човек од Македонија, кој го повика, дојди во Македонија и помогни ни. Македонците секако сакаат да дојдете кај нив, да ги посетите. Како почесен конзул, ќе барам начини како подобро да ја промовираме Македонија тука, во Аризона, изјави Мико.

Амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски во своето обраќање се присети на соработката со Мико, во кабинетот на покојниот претседател Борис Трајковски.

- Со своите ставови за многу прашања, Џејсон Мико си обезбеди посебно место кај голем број Македонци. Затоа, наша голема чест беше да му понудиме да биде македонски почесен конзул во Аризона и горди сме што ќе ја претставува нашата земја, истакна Јолевски.
На отворањето на конзулатот беа присутни и претставници на македонската заедница во Аризона, како и на властите на оваа американска сојузна држава. Седиштето на конзулатот ќе биде во Расел Паблик, компанија од областа на односите со јавноста.
Мет Расел, директорот на Расел Паблик, изјави дека е горд што неговата компанија ќе биде седиште на почесниот конзулат и рече дека и во иднина ќе продолжи да работи на развивање на односите меѓу Македонија и САД.

- Ова е навистина голема чест за Расел Паблик, да бидеме компанија – домаќин на почесниот конзулат на Македонија. Сум имал можност да работам со Џејсон Мико, почесниот конзул. Од него научив многу за Македонија, за вашите луѓе, културата. Гордост ни е што можеме да учествуваме во промовирање на убавите вести за Македонија и за вашите луѓе, рече Расел.

Претседателот Иванов ја продолжува посетата на САД, со престој во Феникс, каде ќе одржи предавање на државниот универзитет на Аризона и ќе го посети градот Темпе, збратимен град на Скопје, кој е центар на соработката меѓу двете земји во овој дел на САД.

Во Аризона претседателот Иванов ќе учествува на форумот Седона, собир на високи политички и бизнис претставници на САД, на кој годинава присуствуваат и поканети лидери од Источна Европа.

На форумот, под покровителство на водечкиот републикански сенатор од Аризона Џон Мекејн, ќе учествува и потпретседателот Џо Бајден, во чие портфолио во Белата куќа спаѓаат и состојбите на Балканот. Предвидено е на форумот во Седона да учествуваат и сенаторите Линдзи Греем, Џон Кил, Кели Ајот, пензионираниот сенатор Џо Либерман, министерот за одбрана на Канада Питер Мекеј, извршните директори на Џенерал Електрик Џеф Имелт и на Волмарт – Бил Сајмон, претседателот на Грузија Михаил Сакашвили, поранешниот премиер на Русија Михаил Касјанов, дисидентскиот водач од Белорусија Андреј Саников и други учесници.

alt

Исклучително успешна посета на Канада – оценка на претседателот Иванов по средбите во Торонто и во Отава
Четврток, 25 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како исклучително успешна ја оцени неговата шестдневна посета на Канада, за време на која одржа низа средби со претставници на канадските власти, со претставници на општествениот живот и со тамошната македонска заедница.

Во изјава за медиумите на крајот од престојот во Канада, македонскиот претседател објасни дека за време на средбите биле разгледани повеќе можности за продлабочување на соработката меѓу двете земји во повеќе области.

„Врз основа на сите средби, контакти и разговори што ги водевме, можам да кажам дека станува збор за исклучително успешна посета на Канада, бидејќи се поттикнаа многу можни идни соработки и можности за продлабочување на веќе воспоставените соработки. Особено на средбата со претседателот на Сенатот беа иницирани многу нови иницијативи и идеи преку кои може двете општества да комуницираат, да се надополнуваат и да разменуваат свои искуства. Тоа, пред се, се однесува на соработката во високото образование и на продлабочување на веќе поттикнатата економска соработка која постои. Тука голем придонес има и македонската заедница во Канада, бидејќи е влијателна и почитувана и токму поради тоа што досега го направила македонската заедница за канадското општество, постои подготвеност кај канадските лидери да се продлабочува таа соработка. Имаме и прифатена покана претседателот на Сенатот веќе на есен да ја посети Македонија и за сите тие иницијативи за кои разговаравме да можеме да видиме практична реализација. Од аспект на домаќините и сите разговори што со нив ги имавме, можам да заклучам дека беше извонредно успешна посетата", изјави претседателот Иванов.

Тој посебно се осврна на средбите со претставниците на македонската заедница во Канада.

„Нешто што беше истакнато и од сите присутни, и од македонската заедница, е фактот што веќе во еден град во Канада три улици носат македонски имиња. Беше импресивно да се присуствува на чин кога се пее македонската химна, се подигнува македонското знаме и кога на македонската заедница и се одаваат сите оние почести и признанија што ги заслужува како дел од овој мозаик, кој е наречен Канада", изјави претседателот Иванов, говорејќи за одржаната свеченост во општината Маркам.

Прашан за изразениот интерес од негова страна за либерализација на канадскиот визен режим за македонските граѓани, претседателот Иванов објасни дека веројатно првиот бран на визната либерализација ќе ги опфати стручните кадри за кои постои огромна потреба во Канада.

Во однос на можностите за поголемо вклучување на македонската заедница од Канада во општествените текови во Република Македонија, претседателот Иванов објасни дека веќе е овозможено дијаспората да има свој преставник во Собранието и свој глас во институциите. Посочи дека треба да се искористат можностите на новото време за пофрекфентна комуникација на македонската дијаспора со својата матична земја, со цел реализација на иницијативи од заеднички интерес.

Претседателот Иванов својата посета на Канада ја заврши со посета на Универзитетот Карлитон во Отава, каде беа донирани 130 тома македонска книжевност во библиотеката на универзитетот.

По посетата на Канада, претседателот Иванов од 25 до 28 април ќе престојува во работна посета на Аризона, САД.

Македонскиот претседател ќе учествува на Форумот Седона - 2013, во организација на „Институтот за меѓународно лидерство – Меккејн", на кој ќе учествуваат видни личности од политичкиот живот од повеќе држави во светот и на кој претседателот Иванов ќе има свое обраќање.

Во рамки на работната посета на Аризона, претседателот Иванов ќе го посети и Државниот универзитет „Аризона", каде ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу Државниот универзитет „Аризона" и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Воедно, претседателот Иванов ќе одржи предавање во рамки на Choncoff Lecture Series на тема „Македонскиот модел на толеранција и различности, лекции од минатото или рецепт за иднината".

Македонскиот претседател ќе присуствува и на свеченото отворање на почесниот конзулат на Република Македонија во Тусон, Аризона, и ќе оствари средба со македонската заедница во Феникс.

Македонија има долгорочен интерес за интензивирање на политичкиот дијалог со Канада – Претседателот Иванов на средби со претседателите на Сенатот и на Долниот дом на канадскиот парламент
Среда, 24 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Отава одржа средби со Претседателот на Сенатот на Канада, Почесниот Ноел Кинсела, и со Претседателот на Долниот дом на канадскиот парламент, Почесниот Ендру Шиир.

На средбите претседателот Иванов со своите соговорници оцени дека двете земји ги карактеризираат одлични билатерални односи и позитивна развојна динамика на истите, без отворени прашања.

Претседателот Иванов го нагласи долгорочниот интерес на Република Македонија за интензивирање на политичкиот дијалог сo Канада преку размена на посети на високо ниво и во тој контекст ги реафирмираше поканите до Генералниот гувернер Дејвид Џонстон и до премиерот Стивен Харпер за посета на Република Македонија.

Претседателот на Сенатот, Кинсела, ја прифати поканата за официјална посета на Република Македонија во најскоро време.

На средбите е искажано задоволство од постигнатото ниво на парламентарна соработка меѓу двете земји, и беше поздравено неодамнешното формирање на Парламентарната група за пријателство со Македонија во канадскиот Парламент. Уверен сум дека позитивниот развој на парламентарната димензија ќе придонесе за натамошно интензивирање на соработката во сите останати области од заемен интерес, истакна претседателот Иванов, нагласувајќи ја подготвеноста и интересот на Република Македонија за јакнење на економската, културната и научно-образовната соработка. Во тој контекст, на средбата со претседателот на Сенатот е разговарано за конкретни проекти во областа на високото образование и изразена е заложба, во соработка со надлежните институции од двете земји, да се иницира отелотворување на истите во најскоро време.

Претседателот Иванов ги запозна соговорниците за актуелностите во процесот на разговорите за прашањето за името. Во тој контекст, претседателот Иванов ја нагласи конструктивноста на Република Македонија и изрази задоволство од зголемената динамика на процесот. Посочи дека пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја потврдува конструктивноста на Република Македонија, како и иницијативите за соработка со Грција.

На средбите е истакната значајната улога на македонската иселеничка заедница во Канада, како врска меѓу двете земји што и натаму треба да се одржува и зацврстува.

На средбите претседателот Иванов изрази посебен интерес за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, а во таа смисла и за зголемување на директните канадски инвестиции во Република Македонија. Претседателот Иванов го посочи и интересот за унапредување на успешната соработка во доменот на одбраната, како и во други области од заемен интерес, пред се културата, науката и образованието.

Македонскиот претседател искажа интерес за либерализација на канадскиот визен режим кон Република Македонија, како и за унапредување на договорната правна рамка помеѓу двете држави.

Претседателот Иванов со своите соговорници размени мислења и за состојбите во Регионот, нагласувајќи дека цел на Република Македонија е и понатаму да се подобрува заемната доверба во Регионот на Југоисточна Европа и да се промовира добрососедството. Претседателот Иванов своите соговорници ги запозна и со регионалните иницијативи „Процес за соработка на земјите од Југоисточна Европа" (ПСЈИЕ) и форумот „Дијалог на цивилизациите".

Во Армиската менажа на Отава (The Army Mess of Ottawa) се одржа прием на кој претседателот Иванов беше пречекан од Канадската свечена регимента и од г-ѓа Грета Хејл, Почесниот полковник на Пешадиската гарда на Генералниот гувернер на Канада, и на македонскиот претседател му подари специјален Свечен Меч со Посвета од Канадската свечена регимента.

Македонија го очекува денот кога ќе стане членка на НАТО – Прием во чест на претседателот Иванов во Отава
Вторник, 23 Април 2013

Република Македонија го очекува денот кога ќе може да ги споделува не само ризиците и одговорностите, туку и привилегиите што ги дава членството во НАТО-Алијансата, истакна Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во обраќањето на Приемот што во негова чест се одржа во Националниот Центар за уметности во Отава, Канада.

Пред присутните сенатори, членови на Македонско-Канадската Група за пријателство во Парламентот на Канада и дипломатски претставници од Отава, претседателот Иванов изрази благодарност за канадската поддршка на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО. Го нагласи очекувањето на македонските граѓани за што поскоро членство на земјата во Алијансата.

„Како претседател на Република Македонија, навистина сум горд што македонските мировници остануваат рамо до рамо со Канада во стремежот за поголема безбедност, демократија и човекови права во светот. Инспирирани од овие споделени вредности, остануваме сосредоточени за постигнување на стремежот за Македонија како рамноправна членка на европското и евроатлантското братство на народи. Ѝ благодарам на Канада за поддршката што ја дава за нашето членство во НАТО. Моите сограѓани и јас, го очекуваме денот кога заедно ќе можеме да ги споделуваме не само ризиците и одговорностите, туку и привилегиите што ги дава членството во Алијансата", рече претседателот Иванов во својот говор на приемот во негова чест.

Македонскиот претседател пред присутните посочи и на сличностите што Македонија и Канада ги имаат во однос на почитувањето на толеранцијата, соживотот и почитувањето на различноста.

„Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. Канада денес е модел на мултикултурно општество кое е пример за многу земји во светот. Во основата на тоа е искуството на нашите мултиетнички, мултијазични и мултирелигиозни општества. Општества кои овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат традиција на соживот и почит", рече претседателот Иванов.

Споделените вредности, истакна претседателот Иванов, се предуслов за градење, развивање и унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Канада.

„Искрено ме радува што Канада има максимално позитивен однос кон македонската заедница, која е најцврстата гаранција за нашите односи. Како претседател на Република Македонија, но пред сè како Македонец, горд сум што во Канада се прифаќа македонскиот етнички и културен придонес. Македонските заедници во некои европски земји, за жал, се соочуваат со предизвици кои се незамисливи за канадското општество. Во некои европски земји, кај некои европски политичари постои фрустрираност од концептите на мултикултурализмот и мултиетничноста. Тоа се концепти создадени за луѓе со отворени умови, луѓе кои живеат во отворен економски, културен и интелектуален простор. Тоа се концепти на кои не треба да има алтернативи. Тоа се концепти што нудат напредок. Во вакви услови, сосема е разбирливо што македонската заедница во Канада е толку успешна и општествено ценета и почитувана", рече претседателот Иванов, истакнувајќи ја својата увереност дека Република Македонија и Канада ќе продолжат да ги градат своите односи во духот на пријателството, разбирањето и посветеноста кон вредностите.

На приемот се одржа изложба на уметнички ракотворби со мотиви на македонски женски носии, преставени од 15-тина девојки облечени во автентични и богати носии од разни делови на Македонија. Во рамки на приемот се одржа и дегустација на македонски вина.

Претседателот Иванов, во рамки на својата посета на Канада, во Отава ќе одржи средби со Спикерот на Преставничкиот дом, Почесниот Ендру Шиир и со Спикерот на Сенатот, Почесниот Ноел Кинсела.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 115 од 198