Новости
Македонски и грчки нуркачи заедно го чистеа Дојранското Езеро - Одбележан Светскиот ден на водите во Дојран
Петок, 22 Март 2013

Македонски и грчки нуркачи денеска заедно учествуваа во акција за чистење на водите на Дојранското Езеро, по повод одбележувањето на Светскиот ден на водите, иницијатива покрената во 1992 година од страна на Обединетите нации. Акцијата беше поддржана од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Тука сме да го одбележиме Светскиот ден на водите и да укажеме на совеста на луѓето дека треба да се грижат за водите. Водите се ограничен ресурс и знаете дека без вода нема живот. Со оваа акција за чистење на езерото покажуваме колку треба да бидеме посветени, за нас, и за идните поколенија. Убаво е да се види на ова место како македонските и грчките нуркачи го чистат езерото, затоа што езерото е заедничко, ни припаѓа и нам и на Грција. Со овој симболичен гест се покажува дека оваа акција која е заедничка може да даде резултати, со цел да ја сочуваме околината и да се грижиме за идните поколенија", изјави претседателот Иванов во Дојран.

Минатата година Светскиот ден на водите во Република Македонија беше одбележан со четиримесечна акција за чистење на езерото во кањонот Матка, која беше поддржана од претседателот Иванов и од aмбасадата на Кралството Норвешка.

Македонскиот претседател запрашан за неговите очекувања за претстојните локални избори во Република Македонија кои што треба да се одржат во недела, рече дека очекува да поминат во најдобар ред и упати апел до сите учесници да придонесат тие да бидат фер и демократски.
Очекувам изборите да поминат во најдобар ред како што доликува и секој граѓанин да го искористи своето демократско и уставно право да го даде својот глас за тој што смета дека најмногу може да направи за неговата средина. Од понудата што беше во кампањата граѓаните ќе се определат слободно кому ќе го дадат својот глас. Меѓутоа повикувам, како и досега сите избори што сме ги имале, и овие да поминат во најдобар ред пред се затоа што секаде не следат и гледаат како се одвиваат овие изборни циклуси. Не доликува после 21 година во демократија повторно да правиме некои работи што сме ги имале во минатото. Затоа апелирам до сите чинители, до сите учесници на локалните избори да придонесат изборите да поминат во најдобар ред, а тие што ќе се обидат да го попречат изборниот процес треба најстрого да се санкционираат, изјави претседателот Иванов во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Дојран.

Постигнувањата на младите научници се доказ дека Македонија има потенцијал во сите научни области - доделено признанието „Најдобар млад научник ” за 2012 година
Петок, 08 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес, на свечена церемонија, по трет пат го додели признанието „Најдобар млад научник" за врвни научни достигнувања. Носител на признанието за 2012 година е Катерина Бачева за научноистражувачка работа во областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина, со посебен акцент на испитувањата на загадувањето на животната средина во Репубика Македонија со тешки метали.

Како што истакна претседателот Иванов, изборот на најдобар млад научник придонесува кон развојот на младата македонска научна мисла, а покажаната креативност и постигнувањата на младите научници не охрабруваат да заклучиме дека Република Македонија има голем потенцијал во сите научни области.

„Оттука треба да направиме се младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа", нагласи претседателот Иванов.

Честитајќи и на Бачева за признанието, претседателот Иванов истакна дека темата на која е посветена нејзината истражувачка дејност, здравата животна средина, е од суштинска важност не само во нашата земја, туку и во светот. Притоа, македонскиот претседател го поздрави фактот што сета своја академска и научна кариера Бачева ја остварува во Република Македонија и својата иднина ја гледа токму во својата родна земја.

Катерина Бачева е родена 1984 година во Кавадарци, а своето образованието Магистар по хемиски науки го стекнала на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Од 2010 година Бачева е демонстратор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, а во 2011 е прифатена за изработка нејзината докторска дисертација на тема „Дистрибуција на тешки и токсични метали во примероци од животната средина во околината на рудникот Алшар".

„Да се добие едно вакво признание од Претседателот на државата, за еден млад човек кој се наоѓа на самиот почеток од својата научно-истражувачка кариера, е од огромно значење. Тоа ме поттикнува да продолжам и понатаму поинтензивно да се занимавам со наука и да дадам придонес во научните истражувања во Република Македонија", истакна Бачева, изразувајќи задоволство што државата преку вакви иницијативи ја поттикнува научно-истражувачката дејност и наоѓа начин да го вреднува и награди трудот на младите научници.

Како што посочи претседателот Иванов, доделувањето на денешното признание, кое се совпаѓа и со меѓународниот ден на жената 8 март, очекува да претставува поттик и мотивација за сите наши млади научнички.

М-р Бачева е автор на две монографии и има објавено 20 научни трудови, од кои 11 во списанија со фактор на влијание. Зад себе има и 28 презентации на научни собири, од кои 13 на меѓународни научни собири.

Нејзината научноистражувачка работа е од областа на аналитичка хемија и хемија на животната средина со посебен акцент на испитувањата на загадувањето на животната средина во Репубика Македонија со тешки метали, посебно на воздухот, водите и почвите, со примена на современи инструментални техники како што се атомската апсорпциона спектрометрија и атомската емисиона спектрометрија со индуктивно спрегната плазма. Катерина Бачева е воедно член на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и на Македонско еколошко друштво.

Признанието „Најдобар млад научник" за врвни научни достигнувања, претставува традиционална манифестација, чија цел е стимулирање на развојот на научната и истражувачката мисла, со особен акцент на младите македонски научници до 30-годишна возраст.

Претседателот Иванов ги посети најдобрите математичари-учесници на светски онлајн-натпревар
Среда, 06 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Народната канцеларија во Скопје ги посети учениците кои учествуваат на 48-часовен меѓународен онлајн-натпревар по математика,

Меѓународниот натревар трае 48 часа, а конечниот пласман ќе биде познат утре. Организатор во Република Македонија е скопската приватна гимназија „Алгоритам" и учествуваат најдобрите математичари од основните и средните училишта. Тие, на Светскиот ден на математиката, се во трка со свои врсници од цел свет за што пократко време да решат што повеќе задачи и математички проблеми. Најдобрите што ја претставуваат Македонија се избрани од околу 2.000 на државниот натпревар што го организираше „Алгоритам", под покровителство на претседателот Иванов.

Претседателот Иванов ги поздрави младите математичари, им посака уште многу успеси и ги поттика во иднина со уште подобри резултати да ја претставуваат Македонија во Европа и Светот. Македонскиот претседател истакна дека и во иднина ќе ја дава својата поддршка на вакви натпревари, кои се особено важно за унапредување на математиката, која како научна област претставува основа на процесот на техничко-технолошки развој.

Директорката на гимназијата Алгоритам, Марина Божинова, изрази благодарност за поддршката и покровителството од страна на претседателот Иванов и истакна дека особено ги цени континуираните заложби на Претседателот за поттикнување на научниот потенцијал кај младите.

- Во целата држава овој месец се случуваше револуција во решавање задачи. Во Македонија беа решени 9 милиони задачи, се натпреваруваа деца од целата држава. Софтверот селектираше 120 најдобри ученици и направивме тимови. Во моментов сме трети во светот, а од Европа пред нас е само Турција. Ако некоја земја не турне, повторно ќе бидеме меѓу првите десет во светот. Тоа е успех кој треба да им се припише на учениците, кои потврдуваат дека математиката не е нешто нерешливо, изјави директорката на „Алгоритам" Марина Божинова.

Таа соопшти дека неколку ученици веќе освоиле златни медали затоа што се високопласирани во поединечна конкуренција (топ 100) и признанијата ќе им бидат пратени по пошта.

Седмоодделенецот Ѓорѓи Пенков од ОУ „Гоце Делчев" од Неготино е на 70 место во светот и второ во Македонија.

 Се трудев многу да го постигнам ова место. Во една минута засега можам во делење да решам 92 задачи. Тоа не е малку зашто треба и брзо кликање, рече Пенков.

Елена Левковска, трета година во гимназијата „Алгоритам", денеска освои два златни медала на натпреварот во категоријата од 14 до 18 години.

Решив 68 задачи на потешко ниво, а тоа е е 98,7 проценти од сите можни. Во категоријата сме седум, а јас го држам второто место во „Алгоритам" според поени, рече Левковска.

Гимназијата „Алгоритам" секоја година стипендира по тројца најдобри математичари, со цел да се поттикнат што повеќе ученици за таа природна наука.

Академските граѓани се движечка сила за развој и напредок на општеството – средба со најдобрите студенти од Државниот Универзитет во Тетово
Среда, 06 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими студентите со највисок просечен успех на факултетите од областа на општествените науки, при Државниот Универзитет во Тетово.

Во рамки на средбата, 30-ината најдобри студенти имаа можност да ги споделат своите видувања и ставови во насока на подобрување на квалитетот на образовниот систем во земјата.

Претседателот Иванов истакна дека од особено значење е унапредувањето на практичниот дел од наставата, кој суштински ги подготвува студентите за совладување на професионалните вештини. Во тој контекст, Претседателот го потенцираше инвестирањето во процесот на обука и доусовршување на наставниците, што претставува една од клучните заложби во рамки на европските и светските образовни текови. Во моите континуирани средби со најдобрите студенти од повеќе Универзитети низ земјава, постојано нагласувам дека академските граѓани се движечка сила на процесот на развој и напредок на нашата земја. Знаењето и искуството кои ќе ги стекнете во образовниот процес, треба во иднина да ги вложувате во развивање на сите аспекти на општеството, порача претседателот Иванов.

Зејџана Османи, студентка од трета година на факултетот за политички науки на диспензираните студии на ДУТ во Скопје, смета дека во иднина треба да има повеќе дебати од ваков тип и со другите државни институции и со повеќе фактори во државата кои ќе ги согледаат студентските проблеми. За мене лично оваа средба беше посебно значајна бидејќи имавме можност со претседателот на државата да дебатираме отворено за сите наши, проблеми, прашања и барања. Разговаравме за условите на Универзитетот, за студиските програми, соработката на нашиот Универзитет со други универзитети, како и соработка со компании, рече Османи.Магдалена Божиновска, студентка на Филолошкиот факултет на наставна програма по македонски јазик и литература, изјави дека предмет на дискусија на средбата првенствено, бил Болоњскиот систем. Тоа што недостига моментално е практична работа и настава, како кај нашиот Универзитет така и кај другите. Сакам да изразам голема благодарност до претседателот Иванов кој што не прими тука во неговиот Кабинет за да ги слушне нашите идеи и проблеми во врска со досегашното и понатамошното студирање. Целта, се разбира, е да имаме што подобри резултати и поквалитетно студирање, рече Божиновска.

На средбата се разменија мислења и за актуелните можности за студентски размени со странски универзитети, олеснување на пристапот на студентите до стручни книги и дата-бази на податоци, како и за подобрување на студентскиот статус преку вклучување на студентите во проекти организирани од факултетите и унапредување на соработката со институциите преку истите. Воедно, претседателот Иванов им честиташе на најдобрите студенти од Државниот Универзитет во Тетово за досега постигнатиот успех и им посака уште поголеми достигнувања на академски и професионален план.

Претседателот Иванов одржа предавање на Правниот факултет во Кичево
Вторник, 05 Март 2013

Претстојните избори, изборните модели, состојбите во Парламентот, меѓународното право, пресудата од Хаг и нејзиното влијание врз прашањето за името, беа темите за кои се интересираа и поставуваа прашања студентите од Правниот факултет во Кичево,каде претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа предавање на тема „Владеење на правото".

„Кај овие студенти како идни правници, кои се веќе навлезени во тајните на занаетот, оваа тема предизвика голем интерес и со оглед на прашањата кои ги поставуваа и тоа што го констатираа, станува збор за една научна установа во која пред се гледам голем просперитет. Иако темата „Владеење на правото" е апстрактна и обемна, секогаш се сведува на она што е наш реален живот, на сите предизвици кои ги делиме и со кои се соочуваме, на теми кои ги среќаваме секојдневно и затоа студентите пројавуваат интерес за нив ", изјави претседателот Иванов додавајќи дека со задоволство ја прифатил поканата да биде нивни гостин.

Претседателот Иванов оствари средба и со деканот на Правниот факултет, д-р Илија Тодоровски, кој го запозна Претседателот со наставните програми и функционирањето на факултетот и на која беше дискутирано за процесите во високото образование во Република Македонија.

На новинарско прашање, како го коментира назначувањето на новиот министер за одбрана и протестите кои се случија како реакција за неговиот избор, претседателот Иванов изјави: 

„Навистина се уште се свежи сеќавањата на она што се случуваше во Македонија во 2001 - та и многу рани не се залечени од тој конфликт. Затоа e чувствителна темата и неговиот избор предизвика такви реакции. Меѓутоа, јас како Врховен командант им порачувам на сите што се во Армијата и надвор од Армијата, дека не треба да се грижат за Армијата. Во мојот мандат се сменија тројца министри, но Армијата остана тоа што е. Секогаш со највисоки оценки и запример во извршување на сите обврските во земјите каде сме поканети. Ќе се сменат многу министри, врховни команданти, претседатели на држави, но Армијата ќе остане тоа што била и ќе зацврстува и секогаш ќе биде пример како другите институции да функционираат".

Запрашан какви се изгледите Македонија годинава да добие датум за почеток на преговори, со оглед на тоа дека се надмина политичката состојба, претседателот Иванов изјави дека очекува Македонија после четири позитивни извештаи да го добие заслужениот датум за преговори.

„ Она што е наша обврска е да го исполнуваме, иако наруши и ни одзема многу време оваа тн. политичка криза. Сепак, со она што го остваруваме и ако локалните избори поминат во најдобар ред ние заслужуваме да добиеме датум, затоа што тоа ни припаѓа , тоа нема да го добиеме како подарок. После четири добиени позитивни извештаи, датумот е нешто што и припаѓа на Република Македонија", изјави македонскиот претседател за време на посетата на Кичево.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 118 од 198