|
Македонски и грчки нуркачи заедно го чистеа Дојранското Езеро - Одбележан Светскиот ден на водите во Дојран
|
|
|
Македонски и грчки нуркачи денеска заедно учествуваа во акција за чистење на водите на Дојранското Езеро, по повод одбележувањето на Светскиот ден на водите, иницијатива покрената во 1992 година од страна на Обединетите нации. Акцијата беше поддржана од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
Тука сме да го одбележиме Светскиот ден на водите и да укажеме на совеста на луѓето дека треба да се грижат за водите. Водите се ограничен ресурс и знаете дека без вода нема живот. Со оваа акција за чистење на езерото покажуваме колку треба да бидеме посветени, за нас, и за идните поколенија. Убаво е да се види на ова место како македонските и грчките нуркачи го чистат езерото, затоа што езерото е заедничко, ни припаѓа и нам и на Грција. Со овој симболичен гест се покажува дека оваа акција која е заедничка може да даде резултати, со цел да ја сочуваме околината и да се грижиме за идните поколенија", изјави претседателот Иванов во Дојран.
Минатата година Светскиот ден на водите во Република Македонија беше одбележан со четиримесечна акција за чистење на езерото во кањонот Матка, која беше поддржана од претседателот Иванов и од aмбасадата на Кралството Норвешка.
Македонскиот претседател запрашан за неговите очекувања за претстојните локални избори во Република Македонија кои што треба да се одржат во недела, рече дека очекува да поминат во најдобар ред и упати апел до сите учесници да придонесат тие да бидат фер и демократски.
Очекувам изборите да поминат во најдобар ред како што доликува и секој граѓанин да го искористи своето демократско и уставно право да го даде својот глас за тој што смета дека најмногу може да направи за неговата средина. Од понудата што беше во кампањата граѓаните ќе се определат слободно кому ќе го дадат својот глас. Меѓутоа повикувам, како и досега сите избори што сме ги имале, и овие да поминат во најдобар ред пред се затоа што секаде не следат и гледаат како се одвиваат овие изборни циклуси. Не доликува после 21 година во демократија повторно да правиме некои работи што сме ги имале во минатото. Затоа апелирам до сите чинители, до сите учесници на локалните избори да придонесат изборите да поминат во најдобар ред, а тие што ќе се обидат да го попречат изборниот процес треба најстрого да се санкционираат, изјави претседателот Иванов во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Дојран.
|