Новости
KanadaOtvoranjeUlici
Свечено откриени три улици со македонски имиња во општината Маркам во Канада
Понеделник, 22 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во канадската општина Маркам присуствуваше на церемонија на откривање на три улици кои, во чест на македонската заедница, ќе ги носат имињата „Битола“, „Пелистер“ и „Даме Груев“.
 
На чинот на откривањето на новите имиња на улиците му претходеше и церемонија на подигнување на македонското знаме пред Граѓанскиот центар на Општината Маркам,проследено со интонирање на химните на Канада и на Македонија.
 
„Македонскиот град Битола е познат како градот под Пелистер. Не случајно, веднаш до улицата „Битола“ има уште една улица со македонски топоним – „Пелистер“. Како во Македонија, така и овде, во Канада, „Битола“ се наоѓа под „Пелистер“. Но, постои една друга, суштинска сличност, а тоа е посветеноста кон мултиетничкиот, и мултирелигискиот и мултијазичниот соживот на сите граѓани. Секоја на својот начин, Македонија и Канада, се посветени на моделот на интеграција без асимилација. Модел што е присутен и тука, во Маркам. Модел што ви овозможува вам, Македонците од дијаспората да ги чувате, градите и унапредувате нашите македонски традиции, јазикот, културата. Вие сте сликата за Македонија во Маркам, во Онтарио, во Канада. Вие сте дел од Македонија, како што Македонија е нераскинлив дел од својата дијаспора. Ве охрабрувам да продолжите да придонесувате кон ова прекрасно место, и да ја одржувате позитивната слика за нашата заедничка татковина Македонија“, рече претседателот Иванов пред повеќе од 100 учесници од македонската заедница и официјални лица на општината Маркам, присутни на церемонијата.
 
Македонскиот претседател упати благодарност до градските татковци на Маркам, оценувајќи дека со именувањето на овие улици придонесуваат кон зацврстувањето на односите меѓу двете пријателски земји.
 
„Моите домаќини ми кажаа дека уште од своето формирање, пред повеќе од два века, градот Маркам беше отворен за луѓе од различна етничка, верска и културна припадност. Тие со себе го донесоа и креативниот потенцијал и го инвестираа во овој прекрасен град“, рече претседателот Иванов.
 
„Македонија, пак, својата посветеност кон различноста ја негува со векови и милениуми. Траги од тој македонски придонес има и во Маркам. Впрочем, недалеку од тука се наоѓаат едно основно и едно средно училиште, кои го носат името на мајката на 20 век – Мајка Тереза. Таа се роди и израсна во Скопје, Македонија. Нејзината родна куќа беше опкружена со католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. Религиската толеранција во кој таа израсна влијаеше на нејзиниот хуманизам, кој му го подари на светот“, рече македонскиот претседател.
 
Локалните власти на Маркам најавија дека во чест на претседателот Иванов ќе засадат дрво на улицата „Пелистер“.
 
Во рамки на церемонијата, потпишан е Меморандум за разбирање во областа на културата и туризмот помеѓу Република Македонија и провинцијата Онтарио од страна на македонскиот амбасадор во Канада, Љубен Тевдовски и Министерот за Култура и Туризам на Онтарио, Мајкл Чен.
 
Претходно, претседателот Иванов ја посети Болницата Маркам Стоуфвил.
 
Исто така, претседателот Иванов присуствуваше на утринската неделна богослужба во црквата „Св. Димитрија Солунски“ во Маркам, со која чиноначалствуваше Митрополит Методиј од Американско канадската епархија на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
 
Денеска македонскиот претседател заминува за Отава, каде се најавени средби со Претседателот на Македонско-Канадската група за пријателство во Парламентот на Канада, Владислав Лизон и членовите на групата. Најавен е и Прием во чест на Претседателот Иванов во Националниот центар за уметности.

alt

k1
Македонскиот модел на мултикултурализам е пример за нашиот регион – предавање на претседателот Иванов на Универзитетот „МекМастер“ во Хамилтон, Канада
Сабота, 20 Април 2013

Во денешно време кога моделот на мултикултурализам во Европа не функционира поради односот кон муслиманите, Македонија покажува дека во неа муслиманите и христијаните од секогаш живееле заедно без никакви предрасуди и стравови. Македонија е земја која може да се пофали со нејзиниот специфичен однос кон различитоста. Ова го истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето предавање на Универзитетот „МекМастер“ во Хамилтон, Канада, на тема „Мултикултурализам, мултиетницизам и успехот на македонскиот модел“.

Предавањето на претседателот Иванов се одржа на првиот ден од неговата неколкудневна посета на Канада, за време на која се предвидени повеќе средби со преставници на канадскиот политички врв, научната заедница, како и со преставници на организации на македонската заедница.

„Канада промовира поинаков начин на интеграција на општеството. Тоа е модел на интеграција без асимилација и се претпоставува дека тоа е модел на иднината. Обидите на старите европски држави да се справат со таа комплексност доведува до разочарување“, подвлече македонскиот претседател на предавањето на „МекМастер“.

„Како што канадскиот модел на мултикултурализам е иднината на сите имигрантски општества, сметаме дека македонскиот модел е позитивен пример за сите мултиетнички општества во нашиот регион“, рече шефот на државата.

За време на посетата на канадскиот универзитет, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „МекМастер“.

k2Претседателот Иванов својата посета на Канада ја започна со посета на канадскиот воен колеџ во Торонто, каде што учествуваше на дискусија за важноста на обуката на военото раководство и професионалното воено образование, на која учествуваа сенатори, генерали и високи воени претставници од Канадскиот воен колеџ.

Во Отава, претседателот на Република Македонија ќе оствари средба со спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, почесниот Ендру Шир и средба со спикерот на Сенатот, почесниот Ноел Кинсела.

Во општината Маркам во Торонто, претседателот Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на свечената церемонија на подигање на македонското знаме и сечење лента за улицата која ќе го носи името „Битола“. Во оваа прилика, предвидено е да биде потпишан Меморандум за разбирање во областа на културата и туризмот.

По повод 50-годишнината од постоењето на првата македонска црква во Канада, претседателот Иванов ќе има свечено обраќање на гала-вечерата во соборната црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто. Воедно, македонскиот претседател за време на престојот во Канада  ќе оствари повеќе средби со претставници на здруженија на македонската дијаспора, како и средба со претседателот на македонско-канадската група за пријателство во Парламентот на Канада, г. Ладислав Лизон.

k3

Церемонија на свечено менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Сабота, 13 Април 2013
Претседателот Иванов упати честитка до Филип Вујановиќ по повод реизборот за Претседател на Црна Гора
Петок, 12 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод повторниот избор на г. Филип Вујановиќ на функцијата Претседател на Црна Гора, ја упати следната честитка:


Почитуван господине Претседател,

Ми претставува особена чест и задоволство, во свое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најискрени честитки за Вашиот повторен избор за претседател на Црна Гора. Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција, за многу здравје и лична среќа.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика да изразам задоволство од досегашниот развој на односите меѓу нашите две пријателски земји и народи. Воедно, би сакал да го изразам своето уверување дека со заеднички ангажман ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на односите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Како и досега, подготвен сум тесно да соработуваме и заедно да придонесуваме за стабилноста и напредокот на нашите земји и на нашиот регион.

Во очекување на нашата скорешна средба во Охрид на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите, Ви упатувам срдечни и топли поздрави од пријателска Република Македонија и изрази на мојата највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов

Средба со претставници на Парламентарниот совет на Роми-пратеници
Петок, 12 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими претставниците на Парламентарниот совет на Роми-пратеници, а во кој учествуваат членови на националните парламенти од европските земји.

Посочувајќи дека Ромите во Република Македонија се уставно признати и дека Република Македонија во континуитет прави напори за подобрување на нивната социо-економската позиција, претседателот Иванов ја поздрави иницијативата за формирање на Парламентарниот совет и истакна дека Република Македонија е подготвена да ги сподели позитивните искуства од Декадата на Ромите. На крајот, заклучи дека Ромите во европските земји треба да имаат живот достоен за 21. век.

Гостите се заблагодарија за поддршката, и истакнаа дека не случајно Република Македонија е домаќин на иницијалниот состанок за формирање на Парламентарниот совет на Роми.

Средби со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и со спикерот на турскиот парламент, Џемил Чичек на маргините на 16. Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 10 Април 2013

На маргините на 16 Евроазиски економски самит, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средби со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и со Спикерот на Парламентот на Република Турција, Џемил Чичек. На средбата со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј беше изразено задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање и беа разменети мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес, како и за планираните активности. Македонскиот претседател му честита на Вселенскиот патријарх за неговите активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и го поздрави неговото присуство на инаугурацијата на Папата Франциск во Ватикан.

На средбата со Спикерот на Парламентот на Република Турција, Џемил Чичек беа потврдени одличните пријателски односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов ја поздрави парламентарната димензија во соработката, оценувајќи ја како исклучително значајна. Заемен заклучок беше дека соработката меѓу двете земји е во постојан позитивен тренд во повеќе сфери. Спикерот Чичек истакна дека Република Турција особено ја цени улогата на Република Македонија во регионот на Југоисточна Европа, и дека како и досега, Република Македонија ќе ужива силна и безрезервна поддршка на патот кон напредокот и реализацијата на стратешките цели. На средбата беше разговарано и за можностите за натамошна соработка и заемна поддршка на мултилатерален план.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 116 од 198