Новости
Постигнат е договор за надминување на политичката состојба - заедничка средба кај претседателот Иванов во присуство на ЕУ
Петок, 01 Март 2013

Постигнат е договор за надминување на политичката состојба, со што евроагендата се враќа повторно во приоритетите на земјата, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по заедничката средба со Еврокомесарот за проширување на Европската унија г. Штефан Филе, известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, г. Ричард Ховит, поранешниот претседател на Европскиот парламент г. Јиржи Бузек, претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски и претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, г. Бранко Црвенковски.

„Се постигна договор на оваа заедничка средба што ја имавме со власта и опозицијата и во присуство на нашите партнери и пријатели од Европската унија. Морам да искажам задоволство од позитивниот однос на лидерите и на власта и на опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Република Македонија. Сакам да искажам благодарност за учеството на претставниците од ЕУ, од Европската комисија и Европскиот парламент, што вложија многу напор, и благодарност што Македонија и во вакви моменти има пријатели кои мислат на иднината на Македонија", изјави претседателот Иванов.

Точките од постигнатиот договор во име на Европската унија ги презентираше г. Ховит, кој меѓу другото изрази благодарност до лидерите на политичките партии и до претседателот Иванов за неговите заложби и напори со цел да се постигне заедничко решение.

„ Задоволни сме што политичките лидери покажаа политичка одговорност и овозможија да се постигне договор со кој ќе се обнови функционирањето на институциите и ќе продолжи конструктивната работа на евроатлантската интеграција што е во најдобар интерес за земјата и за народот. Се надеваме на имплементација на договореното со што земјата повторно се враќа на патот кон евроатлантската интеграција, ќе се интензивира процесот на реформите, а Европскиот парламент и Европската комисија ќе можат да продолжат со подготовката на извештаите за земјата. Овој договор фрла светлина, но се надевам и верувам дека не е постигнат премногу доцна ", изјави г. Ховит.

Согласно договорот, страните се согласуваат за враќање на нормалниот политички живот, сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори. Воедно, страните се согласуваат  за  поддршка на непосредните клучни реформски мерки, вклучително и:

- подобрување на функционирањето на Собранието, вклучувајќи ја и иницијативата на Претседателот за формирање на ад хок Анкетна комисија (која би ги разгледала, меѓу другото, настаните на и пред 24. декември, вклучувајќи ја и нивната уставност, обезбедувањето во и надвор од Собранието и преглед на собраниските процедурални правила), резултатите од кои би биле се рефлектирале во Извештајот за напредокот од страна на Европската Комисијата кој ќе биде објавен во есента 2013 година. 

-изборна реформа, по локалните избори, вклучително и во однос на избирачкиот список (на пример пост-изборна ревизија на списокот) и други препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.
-слобода на изразување, на пример продолжување на дијалогот со новинарите, воден од Здружението на новинари, и други мерки за изградба на довербата.

Одговорајќи на новинарско прашање дали постигнатиот договор подразбира можност и за одржување предвремени парламентарни избори, известувачот за Република Македонија одговори потврдно, без прејудицирање на временската рамка за тоа.

„На прашањето дали овој договор вклучува предвремени парламентарни избори, мојот одговор е да. Договорот опишува, но без никаква прејудицирање. Како претставник на ЕП сум авторизан да го дадам ова толкување и во име на ЕК. Додека што се однесува на временската рамка јас нема да одговорам на тоа прашање и ќе останам на тоа што го кажав", изјави известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент.

BamKiMun
Иванов – Бан Ки-мун: Со добра волја и конструктивен пристап на двете страни можен е напредок во разговорите за името
Среда, 27 Февруари 2013

„Процесот за надминување на разликите за името трае предолго, но со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи напредок”, оцени Генералниот секретар на ОН Бан Ки - мун на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, што се одржа денеска во Виена.
На средбата, што се одржа на маргините на 5. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН,  претседателот Иванов и Генералниот секретар разменија информации и мислења за процесот што се води во ОН за надминување на разликите околу името, по последните средби на медијаторот Нимиц во изминатиот период.

Претседателот Иванов ја поздрави зголемената динамика во процесот и истакна дека Република Македонија активно и конструктивно како и досега така и сега учествува во процесот со добра волја да се дојде до заемно прифатливо решение.

„До такво решение е можно да се дојде доколку и другата страна има ист пристап и доколку стриктно се придржува до рамката во која се водат разговорите”, нагласи  претседателот Иванов повторувајќи го барањето од последната средба, Генералниот секретар да го вложи својот авторитет и согласно обврските од резолуциите на Советот за безбедност, да не дозволи процесот да излегува надвор од воспоставената рамка од двете страни.

Генералниот секретар Бан Ки-мун  истакна дека процесот трае предолго и изрази надеж дека со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи прогрес.

Генералниот секретар на ОН изрази благодарност до претседателот Иванов за вниманието кое го посветува на Алијансата на цивилизациите и благодарност за придонесот што Република Македонија го дава преку регионалната иницијатива за Дијалог на цивилизациите уште од 2003 година. На интерес на Генералниот секретар Бан Ки Мун, претседателот Иванов го запозна со состојбите во регионот.

На средбата присуствуваше и новиот специјален пратеник за Алијансата на цивилизации на ОН  Назир Абдиулазис Ал Насер. Македонскиот претседател му го честита изборот и го запозна со иницијативата на поранешниот претседател Борис Трајковски од 2003 за Дијалог меѓу цивилизациите, која покажа исклучителни резултати во регионот на Југоисточна Европа, како и за подготовките за одбележување на 10 годишнината од првиот самит која ќе се одржи во Охрид на почетокот на јуни. Договорена е натамошна соработка, помош и поддршка на планот на Алијансата и дијалогот на цивилизациите. Специјалниот пратеник изрази подготвеност за дирекна комуникација на тие проекти.

Erdogan
Средба Иванов - Ердоган: Потврдени одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција
Среда, 27 Февруари 2013
Натпревар по математика под покровителство на претседателот Иванов
Среда, 27 Февруари 2013

Во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, во пресрет на одбележувањето на 6 март - Светски ден на математиката, денеска се одржа квалификационен натпревар по математика, во организација на Приватното средно училиште Алгоритам Центар, а под покровителство на претседателот Иванов.

Учениците кои на денешниот натпревар ќе постигнат најдобри резултати ќе го сочинуваат тимот кој ќе ја претставува Република Македонија на претстојниот светски натпревар на 6 март. На натпреварот учествуваа 120 ученици од основни и средни училишта од целата држава, а истиот се состоеше од решавање математички задачи и проблеми по електронски пат. Учесниците се соочија со голем научен предизвик, кој претпоставува брз и ефикасен начин на решавање на задачите, но и одмерување на знаењата во областа на математиката со непознати противници одбрани по електронски и случаен пат.

Директорката на ПСУ Алгоритам Центар, Марина Божинова, изрази благодарност за поддршката и покровителството од страна на претседателот Иванов и истакна дека особено ги цени континуираните заложби на Претседателот за поттикнување на научниот потенцијал кај младите.

„Сакаме да докажеме дека математиката е наука која може секој да ја совлада и не е нешто недостапно, па затоа се стремиме секој да го постигне тоа што е во неговите граници и неговите можности и не даваме цели кои се недостижни. Целта на натпреварот е да ги поттикнеме професорите и учителите во целата држава. Затоа, упатувам голема благодарност до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов , кој што го препозна овој квалитетен проект што ги мотивира учениците од државата да работат заедно со менторите и учителите и ја даде својата беспрекорна поддршка на целиот проект,"истакна г-ѓа Божинова.

Младите математичари и нивните училишни ментори, потенцираа дека организирањето на натпревари од ваков тип е особено важно за унапредување на математиката, која како научна област претставува основа на процесот на техничко-технолошки развој. Во таа насока, учениците и професорите се заблагодарија за укажаната поддршка од Претседателот на Република Македонија во реафирмирањето на математичката наука.

Ивица Димовски, помошник директор и наставник по физика и математика во основното општинско училиште во Македонски Брод, изјави дека мотивацијата на учениците да учествуваат на натпреварот е уште поголема, со оглед на тоа што преку него се реализира визијата на Претседателот како покровител на настанот. Професорот по математика во ПСУ Алгоритам Центар, Зоран Зивчевски, потенцираше дека досегашните успеси се уште поголем поттик за постигнување подобри резултати во иднина. „Ние како гимназија учествувавме минатата година на онлајн математичкото натпреварување и бевме прва тимска екипа во Европа. Водени од успехот сакавме да ја реализираме идејата и што повеќе ученици да учествуваат на натпреварот и да постигнеме што повеќе резултати," изјави г. Зивчевски.

Пред одржувањето на квалификациониот натпревар, со цел да се изврши потесна селекција на ниво на целата држава, беа спроведени прелиминарни тестирања, на кои се пријавија околу 2000 ученици, кои низ процесот на подготовки и селекција точно одговорија на неколку милиони задачи.

Fisher1
Иванов - Фишер: Австрија е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО
Вторник, 26 Февруари 2013

Република Австрија е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во Европската унија, нагласи австрискиот претседател, Хајнц Фишер на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, која се одржа денеска во Виена, каде македонскиот претседател учествува на 5. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН.

Австрискиот претседател оцени дека македонско-австриските билатерални односи се во постојана позитивна динамика и оти Австрија придава посебно значење на односите со земјите од Западен Балкан, а особено со Македонија.

На средбата беа  разменети мислења за евроинтеграциските процеси во Република Македонија и за актуелната политичка состојба, при што претседателот Иванов  детално го информираше австрискиот претседател  за актуелната состојба  и за неговиот личен ангажман за нејзино надминување.

Претседателот Фишер, заблагодарувајќи се за добиените информации, изрази надеж дека политичките лидери во Македонија преку компромис ќе изнајдат излез од состојбата и дека сите фактори во македонската држава ќе се фокусираат на зацртаната ЕУ агенда.
Fisher2Претседателот Иванов го запозна претседателот  Фишер и со актуелните активности во процесот за надминување на разликата за името, како и за односите со соседите, Притоа македонскиот претседател се заблагодари за личниот ангажман на претседателот Фишер и за австриската поддршка за европските аспирации на Македонија, нагласувајќи го значењето на следната фаза од евроинтеграцискиот процес за Македонија – добивањето датум за преговори.

„Република Македонија и нејзиното општество предолго чекаат на следната фаза во евроинтеграцијата, почеток на пристапни преговори. Ист случај е и во НАТО. Ние имплементираме реформи и испорачуваме резултати, но прогрес нема, што создава фрустрации во нашето општество и влијае во одредена мера на изостреноста во политичкиот амбиент”, истакна претседателот Иванов

Австрискиот претседател изрази задоволство од повторната средба со претседателот  Иванов и истакна дека честите средби кажуваат доволно за односите меѓу двете држави.

Претседателот Иванов денеска оствари средби и со Генералниот секретар на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер, како и со заменик-генералниот директор на Организацијата на Обединетите Нации за индустриски развој - УНИДО, Таизо Нишикава.

„ОБСЕ се задоволни од позитивните придвижувања за надминување на состојбите преку последниот предлог за одложување на рокот за поднесување листи за претстојните локални избори во Македонија", истакна Заниер на средбата со македoнскиот претседател.
Генералниот секретар, Заниер го информираше претседателот Иванов дека ОБСЕ внимателно ги следат политичките состојби во Република Македонија, преку нивната мисија, како и за нивниот ангажман поврзан со локалните избори.
Претседателот Иванов се заблагодари за ангажманот на Заниер и ОБСЕ за сета помош и поддршка и го запозна со состојбите и случувањата по нивната последна средба, за неговите оценки и видувања за состојбите, како и за очекувањата и можните сценарија за наредниот период.
Генералниот секретар на ОБСЕ, искажа задоволство од позитивните придвижувања за надминување на состојбите преку последниот предлог за одложување на рокот за поднесување листи за локалните избори.
„ОБСЕ дава поддршка на сите напори за надминување на состојбите и воспоставување на дијалогот", истакна Заниер, посочувајќи дека ОБСЕ е подготвена и ќе продолжи да помага во рамките на своите можности и мандат.

На средбата со заменик-генералниот директор на УНИДО, претседателот Иванов доби информации за актуелните проекти, го поздрави ангажманот и побара натамошна поддршка од УНИДО, особено за проектите за отстранување на техничките и технолошки бариери значајни за одржливиот развој и одржување на животната средина во Македонија.

Утре, на официјалното отворање на форумот, македонскиот претседател ќе се обрати на пленарната сесија посветена на одговорното лидерство во различностите и дијалогот.

Претседателот Иванов во Кратово, по повод одбележување на празникот Св. Ѓорѓи Кратовски
Недела, 24 Февруари 2013
 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 119 од 198