Новости
Македонија да добие датум за преговори бидејќи тоа го заслужува - Претседателот Иванов на 18. Самит на земјите од Централна Европа во Братислава
Четврток, 13 Јуни 2013

Македонија да го добие датумот за почеток на преговори со ЕУ и да се примени позитивното искуство од примената на паралелното движење на процесот, побара претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на Самитот на шефови на држави од Централна Европа што се одржа во Братислава, Словачка. Го истакнав отворено барањето на Македонија да го добие датумот бидејќи тоа го заслужува и мора кон Македонија да се применуваат позитивните искуства во процесот на евроинтеграцијата. Имаме позитивен пример за паралелно движење на процесот и тоа бараме и за Македонија да се примени затоа што дава резултати, така што конечно она што сме го одработиле, што е заслужено, Македонија треба да го добие, а да го добијат и сите што во регионот ги исполнуваат стандардите, критериумите и приниципите што ги бара Европа, изјави претседателот Иванов по завршување на Самитот, кој според него е извонредна можност да се изнесат ставовите пред другите претседатели од Регионот, бидејќи е затворен форум и се разговара за сите прашања отворено. Македонскиот претседател порача дека не може ЕУ да зборува во името на Европа, бидејќи се уште не е ЕУ. Кога ќе влезе и нашиот регион во ЕУ, тогаш ЕУ може да зборува од името на Европа. Затоа Европа е незавршен проект, истакна претседателот Иванов.

Претседателот Иванов побара поддршка за евроинтеграцијата на Македонија на средбите што ги имаше денеска на маргините на Самитот на шефови на држави од Централна Европа. На средбата со словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот Иванов изразил очекување дека Словенија, како и досега, ќе го поддржи добивањето датум за преговори и да го афирмира на Европскиот совет принципот на паралелно движење кој оваа земја го примени кон Хрватска и даде резултати. На средбата биле потврдени добрите билатерални односи и е договорена возвратна официјална посета на претседателот Пахор на Македонија наредниот месец.

Централна тема - евроинтеграциите на Македонија била и на средбата со литванската претседателка Далија Грабаускајте. На средбата, претседателот Иванов побарал од европските лидери она што одамна е заслужено да биде добиено на претстојниот самит и еднакво да бидат применети принципите на паралелно движење и ја информирал дека статус кво состојбата не носи ништо добро за регионот.

На средбата со својот украински колега Виктор Јанукович, е констатирано дека Македонија и Украина имаат традиционално одлични  билатерални односи и соработка и разбирање. Биле истакнати заложби за продолжување на поддршката на мултилатерален план. Јанукович и Иванов договориле посети на највисоко ниво на што треба да претходи средба на Македонско-украинската комисија за трговско-економска соработка и Мешовитиот комитет за имплементација на Спогодбата за слободна трговија, со цел посетите да се подготват и да се конкретизира соработката. Претседателот Јанукович ја поздравил посветеноста на македонскиот претседател кон јакнење на соработката и односи со Украина.

Да се користи дијалогот за решавање на отворените прашања - Претседателот Иванов на 18. Самит на земјите од Централна Европа во Братислава
Среда, 12 Јуни 2013

Преку дијалог секогаш може да се дојде до одредени решенија, а Македонија е активен придонесувач кон секој дијалог во поширокиот регион, е пораката на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов што ќе ја упати до учесниците на 18. Самит на земјите од Централна Европа, чиј домаќин е претседателот на Словачката Република, Иван Гашпарович.

Самитот е извонредна можност со лидерите од целиот овој регион да се искажат нашите ставови по многу прашања, позициите на Македонија по одредени прашања, а секојпат на затворените средби се разговара отворено за состојбите во регионот. Знаеме дека имаме актуелни настани кои се доближуваат до нашиот регион, а кои го засегаат  и нашиот регион, изјави македонскиот претседател Иванов денеска пред официјалниот почеток на Самитот во Братислава, Словачка.

Претседателот Иванов на маргините на Самитот се сретна со црногорскиот колега Филип Вујановиќ. Заедничка констатација на двајцата претседатели е дека билатералните односи меѓу Македонија и Црна Гора може да послужат како пример во регионот. Претседателот Иванов изрази задоволство од интензитетот на билатералните односи и соработка на политичко ниво и дополни дека недоволно се искористени потенцијалите за посодржајна економска соработка. Тој беше информиран за актуелните политички и економски состојби во Црна Гора, како и предизвиците со кои се соочуваат во евроатланските процеси. На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот. Заедничкиот заклучок од средбата е дека регионот има уште отворени прашања и комплицирани односи кои претставуваат пречка во регионалната соработка, но истовремено испраќаат негативна слика за реалноста. Претседателот Иванов истакна дека немоќта кај некои балкански лидери, иднината на регионот да се стави на преден план, час поскоро ќе биде надмината.

На маргините на Самитот претседателот Иванов се сретна и со претседателот на Молдова, Николае Тимофти. На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се пријателски, но дека соработката во сите сфери од заемен интерес треба да добие на содржина и позитивна динамика. За таа цел по извесна пауза беше договорено во наредниот период да се разменат посети на највисоко ниво, да се унапреди правната рамка и да се создадат услови за  поинтензивна соработка, особено во економската сфера. Претседателот Иванов беше информиран за актуелните политички и  економски состојби и предизвици во Молдова.

Традиционално пријателски и блиски односи меѓу Македонија и Полска констатираа денеска претседателите на двете држави Ѓорге Иванов и Бронислав Коморовски на средба на маргините на Самитот во Братислава, на која македонскиот претседател побара поддршка од Полска за евроинтегративните процеси на земјата. Македонија бара и очекува Европскиот совет во јуни да ни одреди датум за почеток на преговорите. Македонија е земја кандидат од 2005, има четири последователни препораки за датум и очекува европските лидери да го применат истиот принцип на паралелено движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, принцип кој даде позитивни резултати токму во нашиот регион, истакна претседателот Иванов на средбата. Полскиот претседател, кој истакна дека Полска останува силен поддржувач на проширувањето и политиката на отворени врати, беше запознат со актуелностите поврзани  со прашањето за името, односите со соседите и состојбите во регионот. На средбата, претседателот Иванов го запозна својот полски колега со пречките со кои Македонија се соочува во напорите за интеграција во ЕУ и НАТО. Заеднички заклучок беше дека интеграцијата во евроатланските структури придонесува за подобро разбирање меѓу државите, поголема соработка, надминување на разликите на европски начин, констатирајќи дека успехот и скорешниот прием на Хрватска треба да биде индикација за земјите од регионот, но и за ЕУ. На средебата, претседателот Коморовски ја прифати поканата на претседателот Иванов за возвратна официјална посета на Македонија која ќе се реализира во септември и која се очекува да даде нов позитивен импулс за натамошно јакнење на односите и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов одговарајќи на новинарско прашање денеска го поздрави изборот на Борче Давитковски за претседател на Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември 2012 година и очекува таа да ја заврши својата работа, односно да даде суд за случувањата. Тоа што е избран претседателот кажува дека е исполнета една преземена обврска од Пролетниот извештај на Европската комисија за Македонија. Се надевам дека комисијата ќе си ја заврши работата бидејќи таа има за цел да ги констатира и да даде свој суд за настаните од 24 декември, изјави претседателот Иванов. Тој ги повика партиите, покрај формирањето на Комисијата, да најдат начини да ја исполнат и другата обврска – потпишување на меморандумот за поддршка на евроинтегративниот процес. Тоа ќе биде во прилог на сите наши обврски кои се преземени и ќе биде почитувано и ценето од Брисел, истакна претседателот Ѓорге Иванов.

Ова е трето учество на претседателот Иванов на Самит на земјите од Централна Европа на кој лидерите разговараат за сите актуелни прашања од Централна Европа и ги искажуваат своите позиции во однос на темата на состанокот. Дискусиите на самитот ќе бидат фокусирани на клучните политички, економски, социјални и безбедносни прашања поврзани со закрепнувањето на регионот и Европа во посткризниот период. Во тој контекст, шефовите на држави и влади ќе разговараат за можностите за враќање на одржливиот раст, за изнаоѓањето начини за спречување на слични економски и финансиски кризи во иднина,  како и за улогата на новите земји-членки на ЕУ во посткризното закрепнување.

Сочувство до Архиепископот Охридски и Македонски, Г.Г. Стефан по повод смртта на Владиката Кирил
Вторник, 11 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на Владиката Кирил, митрополит на Полошко-кумановската епархија, упати писмо со сочувство до Архиепископот Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан.

Ваше Блаженство,

Со искрена тага ја примив веста за смртта на Владиката Кирил, митрополит на Полошко-кумановската епархија. Дозволете ми, во мое лично име и во името на сите верници од православна вероисповед, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод, како и на целото свештенство и монаштво да ви упатам сочувство и  жалење за големата загуба.

Владиката Кирил целокупниот свој живот го посвети на ширењето на христијанската вера и остави траен белег во христијанскиот духовен живот на македонскиот народ. Неговото учење и благородна мисија говорат за промовирање на православието, кое се темели на љубовта, мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранција и солидарност.

Нека во овие моменти на тага Божјиот мир и утеха бидат со Вас.
Господ нека Ве благослови со неговото водство и мудрост.
Примете го моето искрено сочувство.

Слава му

д-р Ѓорге Иванов

Кога се работи посветено и со голем ентузијазам, не постои неостварлива цел – Претседателот Иванов ја прими алпинистката Илина Арсова која го освои Монт Еверест
Четврток, 06 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими алпинистката Илина Арсова – првата Македонка која го освои највисокиот врв на светот, Монт Еверест.

Од свое лично име и од име на сите граѓани на Република Македонија, претседателот Иванов упати срдечни честитки за исклучително храбриот подвиг.

„Големите спортски успеси, покрај спортистот лично, ги слави и целата татковина. Уверен сум дека овој значаен алпинистички потфат, ќе ги поттикне младите луѓе неуморно да вложуваат во себе и своите капацитети, и да се стремат кон остварување на своите цели. Во спортот, не постои несовладлива препрека и неостварлива цел, кога се работи посветено и со голем ентузијазам. За сите нас, не постои поголема гордост од моментите кога на големите меѓународни спортски натпреварувања, се развиорува македонското знаме, онака како што е развиорено и на највисокиот врв на светот", порача претседателот Иванов.

Алпинистката Арсова истакна дека е особено почестена од континуираната поддршка од Претседателот на Република Македонија, која за неа претставува дополнителна мотивација за поголеми алпинистички потфати. Воедно, Арсова посочи дека и покрај долготрајните и исцрпни подготовки за кои е потребна голема психофизичка подготвеност, сепак радоста при освојувањето на планинските врвови е неизмерна.

Претседателот Иванов ги прими алпинистката Илина Арсова и нејзиниот сопруг, непосредно по нивното искачување на планинскиот врв Аконкагва. Воедно, македонскиот претседател изрази целосна поддршка на проектот „Прва македонска жена на Монт Еверест", посакувајќи и многу среќа и успех на Илина Арсова и нејзината експедиција, непосредно пред заминувањето на Хималаите.

Македонскиот претседател и натаму ќе ја дава својата поддршка на младите луѓе, кои со своите подвизи претставуваат поттик за младите генерации кон постигнување успеси и меѓународно афирмирање на Република Македонија.

SportskiBonton
Да бидеме пример за спортско однесување - Во Кавадарци одбележан почетокот на проектот „Спортски бон-тон“
Среда, 05 Јуни 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како покровител на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот" денеска присуствуваше на спортско-културна манифестација во Кавадарци со која се означи почетокот на неколку месечниот проект.

На манифестацијата, децата преку најразлични колективни игри и едукативни работилници учеа за спортскиот бон-тон.

- Сведоци сме на немили настани на спортски натпревари кај нас и во светот и затоа е пожелно младите да учат како да се однесуваат како навивачи и како натпреварувачи. Ние сме мултиетничко и мултијазичко, мултирелигиозно општество и преку ваквите проекти младите се запознаваат и учат едни за други. Тоа придонесува за општата атмосфера во земјата. Сакаме Македонија да биде позитивен пример за тоа како треба да се биде пристоен на спортските терени, но и надвор од нив, истакна претседателот Иванов во изјавата за медиумите.

Американскиот амбасадор Пол Волерс нагласи дека ваквите активности имаат за цел поттикнување на толеранцијата и почитта кон другите, без разлика на расата, општествената класа или религија.

Проектот продолжува уште во шест други општини каде што младите ќе учат како да се однесуваат во спортот, но и во секојдневниот живот. По Кавадарци, тој ќе се реализира во скопската општина Аеродром, во Валандово, Дебар, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи -Геостратешки институт „Глобал".

Целта на „Спортски бон-тон" е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

Проектот е поддржан од Амбасадата на САД, а негов покровител е претседателот на Република Македонија.

InzenerskiPrsten
Доделено признанието „Инженерски прстен“ на најдобрите 10 дипломирани студенти
Вторник, 04 Јуни 2013

Традиционално по 10. пат претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на најдобрите 10 дипломирани студенти на инженерските факултети вечерва во дворот на Св.Климентовиот храм - Св. Пантелејмон на Плаошник им го додели признанието „Инженерски прстен 2013".

- Живееме во време со големи предизвици и очекуваме од овие млади луѓе да нудат решенија, да градат, да создаваат, затоа што има многу за градење и многу за создавање. Им посакувам ова да им биде клуч кој ќе им ги отвора вратите кои ќе се појавуваат во нивната професија и нивниот живот. Прстенот е и признание за сиот нивен вложен труд во стекнување знаење и вештини. Меѓутоа ова е и признание за нивните професори што успеале да им го дадат сето она што знаат и умеат, но признание и за нивните родители кои секако влијаеле да се определат да го посветат својот живот на овие професии, рече претседателот Иванов во обраќањето пред присутните.

Манифестацијата, нагласи македонскиот претседател, симболично се одржува на просторот каде пред 12 века е создадено она што го знаеме како прв Сесловенски Универзитет, каде се добивало и пренесувало знаењето.

- Симболиката е голема затоа што денеска ќе дадеме прстен кој се доделува на оној, кој станува самостоен или кој е мајстор во струките и сам одговара за своите постапки. Затоа секојпат инженер е оној, кој создава, кој гради. Инженер секојпат е оној, кој е конструктивен, иновативен, односно оној кој нуди решенија, подвлече претседателот Иванов.

Посакувајќи им успеси на наградените инженери, претседателот рече дека овие успешни луѓе го носат и успехот во Македонија.

- Затоа им посакувам во нивниот живот, нивната професија уште многу успеси и ова нека биде почеток на една нивна голема градителска акција во кои ќе се изградуваат тие, и ќе ја изградуваат својата околина и својата држава, додаде македонскиот претседател.
Ваквото признание, за добитничката на инженерски прстен Дана Ужеска, е мотив за поголеми успеси.

- Голема е честа да се биде добитник на едно вакво признание, но уште поголемо е задоволството кога вложениот труд ќе биде награден како што доликува и не останува заборавен. Ваквото признание е мотив за секој од нас да се стреми кон поголеми успеси постојано надградувајќи ги постоечките, рече Ужеска во име на наградените инженери.

Инженерите, според претседателот на Инженерската институција на Македонија, Александар Димитров, се тие што ги креираат технолошките процеси, дизајнираат, проектираат и градат.

- Тие се дел од секоја иновација и претставуваат основна моторна сила неопходна за развој на секоја земја, како во индустриски, економски, така и во социјален проблем, рече Димитров.

Манифестација „Инженерски прстен" се одржува по 10. пат, под покровителство на претседателот на Република Македонија, а во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Таа претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 112 од 198