Новости
Нема поголема радост од тоа да го видиме името на Македонија на врвот со најдобрите - прием на машката кугларска репрезентација
Понеделник, 27 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на македонската машка кугларска репрезентација, кои освоија сребрен медал на петтото светско екипно првенство во куглање, што се одржа од 15 до 25 мај во градот Залаегершек во Унгарија.

Претседателот Иванов, во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија на кугларите им го честиташе големиот успех, оценувајќи дека со освојувањето на сребрениот медал на светското првенство, македонските куглари на извонреден начин ја претставија Република Македонија пред светот.

„Нема поголема радост од тоа да го видиме името на Македонија на врвот на листата на најдобрите", рече претседателот Иванов, посакувајќи им на кугларите од следното натпреварување да се вратат со златен медал.

На средбата репрезентативците ги споделија своите искуства од учеството на натпреварувањето, како и напорите што ги вложиле за постигнување на големиот успех.

Македонските репрезентативци на патот до финалето забележаа пет победи против Црна Гора, Република Полска, Чешката Република, Република Австрија и Република Србија. Во големото финале македонските куглари загубија од селекцијата на домаќинот Унгарија со 7-1, откако претходно во полуфиналето го совладаа досегашниот светскиот првак Република Србија со 5-3.
.
Членови на македонската кугларска репрезентација кои го постигнаа овој успех се Дамир Фучкар, Бојан Влаќевски, Сашо Трпковски, Александар Соколовски, Борис Бенедик, Урош Штоклас - членови на првиот тим и тројцата резерви Ибрахим Мемеди, Кристијан Костов и Мартин Тодоровски.

Изложба на иновативни проекти од Машински факултет во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 23 Мај 2013

Во рамки на одбележувањето на празникот 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а воедно и ден кој ја слави возвишената мисија на ширење на писменоста и науката, во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, во Скопје, се одржува дводневна изложба на иновативни студентски проекти, како и презентација на најновите научни достигнувања на меѓународен план од претставници на Машинскиот факултет, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј"-Скопје.

Одржувањето на оваа изложба во Народната канцеларија – Скопје, претставува само дел од низата активности преку кои Претседателот на Република Македонија ја изразува својата поддршка во насока на поттикнување на иновативноста, креативноста и научниот потенцијал кај младите.

Во состав на изложбата, се наоѓаат многубројни експонати и прототипи изработени од студентите на студиската насока Индустриски дизајн, како и прототип на спортско возило во природна големина, самостојно дизајнирано и моделирано од студентите на Машински факултет. „Студентите генерално се многу мотивирани да работат, потребно е само да им се даде малку поттик за да се реализираат одличните замисли кои ги имаат", истакна проф. д-р Игор Ѓурков, вонреден професор на студиската програма Моторни возила, како и ментор на дел од учесниците на изложбата.

„За секој факултет, а особено за самите студенти, е особено важна ваквата промоција. Се надевам дека во иднина ќе имаме можност да учествуваме на повеќе настани од ваков тип, бидејќи особено ни значи ваквата поддршка", нагласи Воислав Денковски, студент во трета година на насоката Индустриски дизајн, кој меѓу експонатите имаше изложено дизајнирани амбалажи од челичен лим.

Меѓу многубројните посетители на изложбата се најде и Марко Чаласан, седмоодделенецот кој своевремено стана најмладиот Мајкрософт систем инженер на планетата. Марко ги охрабри креативните средношколци да го искористат својот талент во соодветните научни области. „Многу ми се допаѓа оваа изложба организирана од Машинскиот факултет, бидејќи изложува многу работи кои би биле корисни за индустрискиот напредок", истакна Чаласан.

Промовиран проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)"
Четврток, 23 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како покровител на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)", денеска се обрати на свечената церемонија по повод потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу носителот на проектот, Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал" – Скопје и градоначалниците на општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.

Проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

„Спортот, како ретко која друга општествена активност, ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Спортот е сè појасен фактор за унапредување на интеркултурните релации, но и фактор кој во рамките на европската спортска политика ја зајакнува социјалната стабилност", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател напомна дека проектот е своевидно продолжение на минатогодишниот проект „Спортот како фактор на толеранцијата, заедништвото и почитувањето", во кој, под негово покровителство, беа опфатени шест општини од Република Македонија.

„Сум рекол, и повторно ќе речам, тимската работа најдобро се учи, гради и надградува од најмладата возраст, и тоа преку спортот. Нашиот тим составен од илјадници ученици од Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари, сега се зајакнува со илјадници нивни врсници од Аеродром, Валандово, Дебар, Кавадарци, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Но, не запираме тука. Нашиот тим се вика Република Македонија со сите нејзини граѓани, со сите нејзини заедници, независно од етничката, верската или која било друга припадност, независно од полот и возраста", рече претседателот Иванов.

Во својот говор претседателот Иванов се осврна и на синоќешните случувања на Националната арена „Филип Втори Македонски" кои доведоа до прекин на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Тетекс" и „Шкендија" и побара итна институционална акција.

„Сега е моментот решително да застанеме на патот на ваквите појави и најригорозно да ги санкционираме оние кои немаат никаква врска со спортот, и ги користат спортските натпревари за разгорување на секаков вид нетрпеливост и омраза. Сево ова бара итна институционална акција, кое ќе ги опфати сите слоеви на нашето општество.Мора да ги реафирмираме вистинските вредности на спортската игра, особено меѓу најмладите како идни главни актери на спортските терени, и како учесници и како навивачи. Верувам дека токму овој проект ќе придонесе во афирмирање на вистинските морални норми во спортот. Норми кои подразбираат коректен однос кон противникот и публиката, признавање на прекршок, коректен однос кон делителите на правдата, односно, градење на целокупен коректен однос – Спортски Бон-Тон", рече претседателот Иванов.

Поддршка за проектот даде и амбасадарот на САД во Република Македонија, г. Пол Волерс.

„Претседателот Иванов е неуморен шампион за младите луѓе во Македонија. Неговата поддршка за активностите како оваа, праќа важна порака до сите граѓани на Македонија дека има многу други работи што можат да ги обединат, отколку да ги раздвојат. Тоа разбирање и толеранција може да дојде од нешто едноставно и универзално, како што е спортот", истакна амбасадорoт Волерс.

Иван Анастасовски од Геостратешки институт „Глобал" истакна дека практичните акции на овој проект ќе се одвиваат на Факултетот за физичка култура и на Државниот универзитет во Тетово.

„Целта на овој проект е социјална и етничка интеграција на младите преку спортот во Република Македонија и популарно го носи називот „Спортски бон-тон", рече Анастасовски.

Од име на локалните самоуправи кои се вклучени во проектот, се обратија градоначалниците на Кавадарци и на Дебар, Александар Панов и Ружди Љата.

alt

Претседателот Иванов го посети Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје
Среда, 22 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје, по повод промоцијата на ИЗИИС за институт на УНЕСКО од категорија 2, со што стана прва институција на УНЕСКО во Република Македонија и единствен институт на УНЕСКО во светот што работи на полето на земјотресното инженерство, сеизмологијата и намалувањето на ризиците од големи земјотреси, а во пресрет на одбележувањето на 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Во изминатите децении, нагласи претседателот Иванов во обраќањето, ИЗИИС покажа капацитет и моќ на институција која има меѓународни вредности и е почитувана насекаде во светот. Мора да бидеме горди, подвлече претседателот Иванов, што ИЗИИС стана претпознатлив бренд, една од најпознатите институции за инженерство и сеизмологија.

„Науката се уште е неможна да предвиди кога ќе се случи земјотресот, но со сето она што го правите во ИЗИИС придонесувате градбите кои се создадени по вашите стандарди, да ги претрпат сите удари и да се спречат поголеми како катастрофи, но поважно човечки жртви, како што беше случајот пред 50 години", рече претседателот Иванов, додавајќи оти поука од тоа што се случи е дека на наредните генерации треба да им оставиме побезбеден и посигурен свет.

Основна тема на Самитот на Шефови на држави и влади на земјите учеснички на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи на 1 јуни во Охрид, информира претседателот Иванов, ќе биде за тоа како да се справиме со предизвиците кои ги носат природните катастрофи. Мотото на Самитот ќе биде „Солидарност во акција", затоа што, потенцира претседателот Иванов, ние ја почуствуваме солидарноста на светот по она што се случи во Скопје и сега сакаме да возвратиме со тоа што сето тоа што сме го постигнале и научиле, сакаме да го пренесеме на соседните и блиските земји кои се соочуваат со исти или слични предизвици.

Директорот на ИЗИИС, проф. д-р Михаил Гаревски информира дека претседателот Иванов е покровител на интернационалната конференцијата што ќе се одржи од 29 до 31 мај по повод 50 години од скопскиот земјотрес, на која се очекува да учествуваат над 200 претставници од целиот свет.

„ИЗИИС стана институт на УНЕСКО категорија 2. Ние инсистиравме кратенката ИЗИИС да си остане покрај новиот назив интернационален институт по земјотресно инженерство", изјави Гаревски.

Директорот Гаревски, меѓу другото, посочи дека ИЗИИС е првиот институт во Европа каде што се одржани постдипломски студии по земјотресно инженерство уште во 1967 година. Иницијативата за формирање Европска асоцијација во која сега членуваат 54 земји, подвлече, потекнува од Скопје.

За време на посетата на ИЗИИС, беше извршена демонстрација на тестирање на модел за сеизмичка вибро платформа.

Младите генерации да ја продолжат мисијата за развој на науката – Ораторска вечер во Народната канцеларија по повод 24 мај
Вторник, 21 Мај 2013

Вечерва во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, во Скопје, се одржа ораторска вечер посветена на темата: „Науката и младите во Република Македонија", во рамки на одбележувањето на државниот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а воедно и ден кој оддава почит на нивната мисија и го слави ширењето на образованието и науката.

Со изразената поддршка на овој настан, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов ги продолжи своите заложби за поттикнување на научниот потенцијал кај младите луѓе, во насока на развивање на науката и унапредување на работата на научните установи.

На ораторската вечер, организирана од ПСУ „Алгоритам Центар", учествуваа повеќе ученици од средните училишта, меѓу кои од СУГС „Јосип Броз Тито", СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен" и ПСУ „Алгоритам Центар".

Во духот на возвишената мисија на светите браќа Кирил и Методиј, за слободно и рамноправно ширење на писменоста и науката меѓу народите, учесниците на ораторската вечер говореа за перспективите на младите луѓе во различни научни области. Дел од ораторите ги посветија своите говори на потенцијалите за надградување на знаењата и вештините во областа на природните науки, информатиката и компјутерските науки, а воедно и укажаа на потребата од константно поттикнување на натпреварувачкиот дух кај младите луѓе во сите научни области, со цел развивање и унапредување на науката во Република Македонија.

Одржаните говори на ораторската вечер, како и покажаните говорнички вештини, ги оценуваше комисија, формирана од претставници од ПСУ „Алгоритам Центар", СУГС „Јосип Броз Тито", СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен", претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и од Бирото за развој на образованието. Комисијата, по проследувањето на сите говори, го одбра најдобриот оратор на ораторската вечер, Стефан Стефановски, ученик во втора година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен". По тој повод, ученикот Стефановски изрази голема благодарност до Претседателот на Република Македонија, за поддршката на ораторската вечер, и воедно изрази надеж дека оваа манифестација ќе премине во традиција. „Како ќе се вклопите во општеството, одлучувате сами. Човекот станува она со што ќе се здружи, а здружен со образованието станува комплетна личност", им порача ученикот Стефановски на сите млади луѓе.

Учесниците на ораторската вечер, искажаа искрена благодарност до Претседателот на Република Македонија за континуираната поддршка на настаните во кои младите луѓе имаат можност да ги развиваат интелектуалните вештини, а особено ораторските вештини, кои се исклучително значајни во секој сегмент на општественото делување.

Претседателот Иванов на изложбата на ФЕИТ „Аудиотехника - професија, страст и уметност“
Петок, 17 Мај 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Аудиотехника - професија, страст и уметност" што се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Изложени се 25 експонати - радио приемници, звучници, аудио засилувачи, од кои шест се во сопственост на претседателот Иванов како голем аудиофил, пасиониран емитерџија, електроничар и само-градител.

На изложбата, чија цел е популаризација на аудиотехниката во Република Македонија, претставени се повеќе експонати што се одликуваат со различна аудио, уметничка и раритетна вредност прикажувајќи го развојот на аудио-техниката во минатото и денес.


„Оваа година воведовме нова студиска програма од областа на мултимедиски технологии, која покрај другото ја обработува и проблематиката од аудиотехниката", изјави деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски.

Институтот за електроника при ФЕИТ, со предметите што ги негува, уште од шеесетите години на минатиот век ги покрива основите за градбата на речиси сите уреди во аудиотехниката - од ерата на електронските цевки, преку ерата на биполарните транзистори, па се до дигиталните аудиосистеми.

За аудиотехниката од посебно значење е негувањето на областа електроакустика која покрај проучувањето на физиката на звучните појави и акустиката на просториите, исто така се занимава со носачите на звук и со електроакустичките преобразувачи-микрофоните и звучниците. Во денешното „дигитално информатичко време", современа база на знаења од аудиотехниката младиот инженерски кадар од ФЕИТ добива со областа дигитални аудиосистеми.

Пред студентите на ФЕИТ, претседателот Иванов одржа предавање на тема „Потрага по совршен звук", на кое меѓу другото презентираше и како тој лично ги изработува аудио засилувачите, што претставува негово хоби.

 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 113 од 198