|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Аудиотехника - професија, страст и уметност" што се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Изложени се 25 експонати - радио приемници, звучници, аудио засилувачи, од кои шест се во сопственост на претседателот Иванов како голем аудиофил, пасиониран емитерџија, електроничар и само-градител.
На изложбата, чија цел е популаризација на аудиотехниката во Република Македонија, претставени се повеќе експонати што се одликуваат со различна аудио, уметничка и раритетна вредност прикажувајќи го развојот на аудио-техниката во минатото и денес.
„Оваа година воведовме нова студиска програма од областа на мултимедиски технологии, која покрај другото ја обработува и проблематиката од аудиотехниката", изјави деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски.
Институтот за електроника при ФЕИТ, со предметите што ги негува, уште од шеесетите години на минатиот век ги покрива основите за градбата на речиси сите уреди во аудиотехниката - од ерата на електронските цевки, преку ерата на биполарните транзистори, па се до дигиталните аудиосистеми.
За аудиотехниката од посебно значење е негувањето на областа електроакустика која покрај проучувањето на физиката на звучните појави и акустиката на просториите, исто така се занимава со носачите на звук и со електроакустичките преобразувачи-микрофоните и звучниците. Во денешното „дигитално информатичко време", современа база на знаења од аудиотехниката младиот инженерски кадар од ФЕИТ добива со областа дигитални аудиосистеми.
Пред студентите на ФЕИТ, претседателот Иванов одржа предавање на тема „Потрага по совршен звук", на кое меѓу другото презентираше и како тој лично ги изработува аудио засилувачите, што претставува негово хоби.

|