Изложба на иновативни проекти од Машински факултет во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 23 Мај 2013   

Во рамки на одбележувањето на празникот 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, а воедно и ден кој ја слави возвишената мисија на ширење на писменоста и науката, во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, во Скопје, се одржува дводневна изложба на иновативни студентски проекти, како и презентација на најновите научни достигнувања на меѓународен план од претставници на Машинскиот факултет, при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј"-Скопје.

Одржувањето на оваа изложба во Народната канцеларија – Скопје, претставува само дел од низата активности преку кои Претседателот на Република Македонија ја изразува својата поддршка во насока на поттикнување на иновативноста, креативноста и научниот потенцијал кај младите.

Во состав на изложбата, се наоѓаат многубројни експонати и прототипи изработени од студентите на студиската насока Индустриски дизајн, како и прототип на спортско возило во природна големина, самостојно дизајнирано и моделирано од студентите на Машински факултет. „Студентите генерално се многу мотивирани да работат, потребно е само да им се даде малку поттик за да се реализираат одличните замисли кои ги имаат", истакна проф. д-р Игор Ѓурков, вонреден професор на студиската програма Моторни возила, како и ментор на дел од учесниците на изложбата.

„За секој факултет, а особено за самите студенти, е особено важна ваквата промоција. Се надевам дека во иднина ќе имаме можност да учествуваме на повеќе настани од ваков тип, бидејќи особено ни значи ваквата поддршка", нагласи Воислав Денковски, студент во трета година на насоката Индустриски дизајн, кој меѓу експонатите имаше изложено дизајнирани амбалажи од челичен лим.

Меѓу многубројните посетители на изложбата се најде и Марко Чаласан, седмоодделенецот кој своевремено стана најмладиот Мајкрософт систем инженер на планетата. Марко ги охрабри креативните средношколци да го искористат својот талент во соодветните научни области. „Многу ми се допаѓа оваа изложба организирана од Машинскиот факултет, бидејќи изложува многу работи кои би биле корисни за индустрискиот напредок", истакна Чаласан.

  Back<<Назад