|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, како покровител на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)", денеска се обрати на свечената церемонија по повод потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу носителот на проектот, Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал" – Скопје и градоначалниците на општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.
Проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.
„Спортот, како ретко која друга општествена активност, ни помага да ги промовираме идеите за мир, толеранција, правда, ненасилство и солидарност. Спортот е сè појасен фактор за унапредување на интеркултурните релации, но и фактор кој во рамките на европската спортска политика ја зајакнува социјалната стабилност", рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател напомна дека проектот е своевидно продолжение на минатогодишниот проект „Спортот како фактор на толеранцијата, заедништвото и почитувањето", во кој, под негово покровителство, беа опфатени шест општини од Република Македонија.
„Сум рекол, и повторно ќе речам, тимската работа најдобро се учи, гради и надградува од најмладата возраст, и тоа преку спортот. Нашиот тим составен од илјадници ученици од Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари, сега се зајакнува со илјадници нивни врсници од Аеродром, Валандово, Дебар, Кавадарци, Росоман, Теарце и Центар Жупа. Но, не запираме тука. Нашиот тим се вика Република Македонија со сите нејзини граѓани, со сите нејзини заедници, независно од етничката, верската или која било друга припадност, независно од полот и возраста", рече претседателот Иванов.
Во својот говор претседателот Иванов се осврна и на синоќешните случувања на Националната арена „Филип Втори Македонски" кои доведоа до прекин на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Тетекс" и „Шкендија" и побара итна институционална акција.
„Сега е моментот решително да застанеме на патот на ваквите појави и најригорозно да ги санкционираме оние кои немаат никаква врска со спортот, и ги користат спортските натпревари за разгорување на секаков вид нетрпеливост и омраза. Сево ова бара итна институционална акција, кое ќе ги опфати сите слоеви на нашето општество.Мора да ги реафирмираме вистинските вредности на спортската игра, особено меѓу најмладите како идни главни актери на спортските терени, и како учесници и како навивачи. Верувам дека токму овој проект ќе придонесе во афирмирање на вистинските морални норми во спортот. Норми кои подразбираат коректен однос кон противникот и публиката, признавање на прекршок, коректен однос кон делителите на правдата, односно, градење на целокупен коректен однос – Спортски Бон-Тон", рече претседателот Иванов.
Поддршка за проектот даде и амбасадарот на САД во Република Македонија, г. Пол Волерс.
„Претседателот Иванов е неуморен шампион за младите луѓе во Македонија. Неговата поддршка за активностите како оваа, праќа важна порака до сите граѓани на Македонија дека има многу други работи што можат да ги обединат, отколку да ги раздвојат. Тоа разбирање и толеранција може да дојде од нешто едноставно и универзално, како што е спортот", истакна амбасадорoт Волерс.
Иван Анастасовски од Геостратешки институт „Глобал" истакна дека практичните акции на овој проект ќе се одвиваат на Факултетот за физичка култура и на Државниот универзитет во Тетово.
„Целта на овој проект е социјална и етничка интеграција на младите преку спортот во Република Македонија и популарно го носи називот „Спортски бон-тон", рече Анастасовски.
Од име на локалните самоуправи кои се вклучени во проектот, се обратија градоначалниците на Кавадарци и на Дебар, Александар Панов и Ружди Љата.

|