Новости
Процесот на зачленување во ЕУ, од перспектива на демократијата на човековите права - предавање на Истанбулскиот Правен факултет
Вторник, 09 Април 2013

Единствено нешто што Македонија сега го заслужува е датум за почеток на преговори. Единствено ЕУ што треба да стори е да ни го даде тој датум што ни припаѓа, кој е одработен и заслужен, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Истанбул по предавањето на Правниот факултет на Инстанбулскиот универзитет на тема „Процесот на зачленување во ЕУ, од перспектива на демократијата на човековите права“. Македонскиот претседател рече дека ЕУ тоа треба да го стори за да може кредибилитетот на европските интеграции да добие на тежина и за да можат сите европски стандарди и принципи да важат и за македонските граѓани. Постојано ја повторувам таа мисла дека ако во Европа се уморни од проширување, ние на Балканот сме уморни од чекање, истакна претседателот Иванов, додавајќи дека тоа е одговорност и на Брисел и на сите што се вклучени во овој процес.

Обраќајќи се пред магистранти и докторанти на Универзитетот во Истанбул, шефот на македонската држава рече дека европскиот континент е обединет, останува сега Балканот и Турција да се интегрираат. Сите треба да се прилагодуваат кон европското право, рече претседателот Иванов и додаде дека процесот на проширување е различен за секоја земја и се усложнува со барање за исполнување дополнителни критериуми. Одговарајќи на прашање за евроинтеграцискиот процес на Македонија, претседателот Иванов рече дека земјата се наоѓа во состојба на статус кво. Се додека одредени постари членки ја злоупотребуваат својата позиција во Унијата, тоа се смета за уцена. Ние сме уценети, истакна претседателот Иванов.Со предавањето на Универзитетот, македонскиот претседател ја започна посетата на Истанбул каде што учествува на 16. Евроазиски економски самит во организација на Фондацијата Мармара. Претседателот Иванов утре ќе има поздравно обраќање на отворањето на Самитот на тема „Закани и можности во Евроазија“, а ќе се обрати и на сесијата на претседателите на тема „Униполарен свет или мултиполарен свет“, предвидена за четврток. На Самитот Мармара најавено е присуството на претставници од 42 земји во светот, меѓу кои петмина претседатели на држави, четворица претседатели на парламенти, еден премиер, осум поранешни претседатели на држави, дваесет и двајца министри и други видни личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедницата. Ова е четврто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, кој секоја година се организира од 1998 година.

Во рамки на самитот во Истанбул ќе се одржи и дамска сесија насловена „Искуството на жените во процесот на модернизацијата“, на која ќе учествува и сопругата на Претседателот на Република Македонија, Маја Иванова. Обраќања на оваа сесија ќе имаат и претседателката на Косово Атифете Јахјага, претседателката на Парламентот на Албанија Џозефина Топали, принцезата Маргарита од Романија, како и првата дама на Албанија Одета Нишани.

Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.

Гласање на претседателот Иванов на вториот круг на локалните избори во Република Македонија 2013 година
Недела, 07 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на вториот круг на локалните избори во Република Македонија 2013 година гласаше во изборното место 2859 во Скопје, во средното училиште Јосип Броз Тито. По завршувањето на гласањето, претседателот Иванов изјави дека очекува уште еден успешно завршен изборен процес. Очекувам дека и овој пат граѓаните ќе излезат масовно и ќе им дадат што поголем легитимитет на тие што следните 4 години ќе се грижат за локалните потреби на граѓаните. Вообичаено вечер победниците слават, а поразените треба да размислат зошто добиле такви изборни резултати и да се подготват за следните избори бидејќи демократијата е постојан циклус на учење учествувајќи во неа, рече претседателот Иванов, изразувајќи надеж дека изборите ќе поминат во најдобар ред, како што доликува на една земја-кандидат за членство во ЕУ.

Светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот - прием кај претседателот Иванов
Вторник, 02 Април 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, по повод одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот, денеска ги примија претставниците од Македонското научно здружение за аутизам. На средбата  присуствуваа и деца со аутизам и нивните родители.

Претставниците на здружението и родителите го запознаа претседателот Иванов со предизвиците со кои се соочуваат во третирањето на децата со аутизам во Република Македонија. Посочија на потребата за формирање на Центар за детекција, рана дијагностика, третман, рехабилитација на децата и лицата со аутизам.

Претседателот Иванов заедно со сопругата Маја ги охрабрија претставниците на здружението и родителите и натаму активно да се залагаат во соочувањето со предизвиците и надминувањето на проблемите. Преку кампањи за подигнување на јавната свест и поддршка за семејствата кои се засегнати, порача претседателот Иванов, родителите ќе сфатат дека не се оставени сами и воедно ја истакна потребата за подготвување на Национална стратегија за справување со аутизмот. Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, порачаа дека ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе произлезе од здружението и родителите на децата со аутизам. Пред претседателот Иванов беше преставена и иницијативата за организирање Меѓународна конференција во Скопје со специјалисти за аутизам, за што наидоа на поддршка од македонскиот претседател.

„Во својство на претседател на Македонското народно здружение за аутизам сакам да изразам голема благодарност до претседателот Иванов и до целиот кабинет, секако и до госпоѓата Маја Иванова која што во последните три години дава посебен белег на овој ден. Можам да кажам дека ова е историски ден за нас. Сметаме дека со ова Претседателот на Република Македонија ќе даде голем импакт врз останатите надлежни институции за кои сметам дека во последните 20 години многу малку имаат сторено за овој проблем со аутизмот, кој што е јавно здравствен, ментално здравствен и пошироко општествен проблем", изјави Владимир Трајковски, Претседател на Македонското научно здружение за аутизам.

Трајковски укажа и на потребата од субспецијализација на дефектолози за аутизам, како и на проблемите во образовниот процес со кои се соочуваат децата со аутизам.

„Проблемот со аутизам е епидемиски и властите мора сериозно да го сфатат овој проблем, бидејќи ако почнеме со пристапни преговори со ЕУ еден од основните услови ќе биде грижата како за лицата со аутизам, така и за лицата со попреченост", рече Трајковски.

Горан Радојев, родител на дете со аутизам, се заблагодари за можноста за средба со претседателот Иванов и г-ѓа Маја Иванова.

„Ова е голем ден за Македонија, ова е голем ден за аутизмот во Македонија, односно ова е најголемиот ден за децата со аутизам во Македонија. Огромна благодарност до претседателот Иванов за оваа средба. Кога ќе се сетам кога почнавме во 2005-та година каде беше сето ова и каде бевме и до каде дојдовме, ова е огромен чекор за сите оние кои се засегнати со проблемот кој што се вика аутизам. Националната аутизам асоцијација постои веќе неколку години. Ние активно се грижиме за изнаоѓање на најновите третмани, дали бихевиорални или биомедикални за третирање на децата со аутизам", изјави Радојев и апелираше до родителите никогаш да не се откажат од третирањето на своите деца со аутизам.

alt

Почна националната донаторска кампања за Ургентен центар на Детската клиника
Четврток, 28 Март 2013

Национална кампања почна денеска со цел собирање средства за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести, кој ќе овозможи подобра и навремена здравствена заштита на децата, односно на пациенти до 18 години. Во рамки на кампањата која се одвива под мотото „Да помогнеме навреме" потребно е да се соберат 55 илјади евра. Ургентниот центар ќе биде сместен на приземјето на Клиниката на површина од 130 м2.

Главен покровител на Националната кампања е сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, која истакна дека за секој родител не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на неговото дете.

„Јас ќе кажам, за секој од нас не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на секое дете. Верувам и очекувам дека граѓаните на Република Македонија ќе ја препознаат оваа голема и благородна мисија и акција и ќе дадат голема поддршка без разлика на нивната верска, етничка или национална припадност, зошто децата се нашата иднината, а и се тие кои секогаш не обединуваат. Она што нам лично можеби ќе ни изгледа како еден мал придонес, верувајте дека е бесценет придонес за оние за коишто е наменет. Секундите се многу значајни во спасување на еден детски живот во ваков Ургентен центар", истакна г-ѓа Маја Иванова.

„Поведувајќи се од одговорноста кон идните генерации, од одговорноста кон идните поколенија, а пред сè поведувајќи се од мајчинскиот инстинкт и потребата од грижата за нашите деца, а пред сè за нивното здравје, со големо задоволство ја прифатив поканата да бидам генерален покровител на оваа голема и благородна мисија и акција. Се вклучив во неа со искрена мисла и со еден голем ентузијазам, верба и надеж дека сите ние што сме денес овде, ќе го направиме она што е најдобро за нашите најсакани, за нашите деца, за нашите најмили", рече на прес-конференцијата г-ѓа Маја Иванова и воедно се заблагодари за поддршката од медиумите.

Партнери во кампањата се сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс, холандската амбасадорка Мариет Шурман и Клеј Батемер од НВО „Линка Крос".

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова рече дека средствата ќе бидат наменети за реновирање и адаптирање на просторот, спроведување електрична инсталација, вентилација, водовод, канализација и системи за медицинска грижа. Тоа, посочи таа, во превод значи една мала мини болница каде што ќе можат веднаш да се згрижат децата.

„Средствата е предвидено да се соберат на донаторски коктел за ВИП личности што под покровителство на сопругата на претседателот, Маја Иванова ќе се одржи на 2 април во Македонскиот културен центар, како и преку лични донации од граѓаните на специјално отворениот телефонски број за оваа кампања 14321", истакна Софијанова.

Сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс истакна дека веруваат оти станува збор за многу вредна инвестиција затоа што инвестираат во животите на сите идни генерации во Македонија.

„Како медицинска сестра знам колку брзо еден детски живот може да се изгуби и колку медицинската помош мора да се даде навреме. Ургентниот центар ќе овозможи групирање и дијагностицирање, третман, како и испраќање на детето дома по соодветната нега или негов прием во болницата. Кампањата претставува можност за членовите на заедницата да ја покажат својата граѓанска одговорност преку донирање средства", истакна Волерс.

Амбасадорката Шурман потенцираше дека без граѓански активизам ниедно општество не може да успее и обврска на секој е да се биде активен граѓанин. Слоганот на Холандската амбасада е „можеш ако сакаш". Таа ги повика сите граѓани, компании и институции да донираат средства и да се вклучат во остварување на проектот за реконструкција и адаптација на простор за првиот педијатриски Ургентен центар во Македонија.

alt

Да продолжиме да го негуваме и афирмираме францускиот јазик – одбележани деновите на франкофонијата
Среда, 27 Март 2013

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод деновите на франкофонијата, денеска ја посети студиската група за француски јазик и книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески" во Скопје.

Во придружба на француската амбасадорка, г-ѓа Лоренс Оер, претседателот Иванов беше информиран за функционирањето на Катедрата за романски јазици, постигнатите успеси, објавените трудови, интересот за изучувањето на францускиот јазик, како и за соработката која ја остварува оваа Катедра во која припаѓаат и студиските групи за шпнаски и  италијански јазик и книжевност.

Деканот на Филолошкиот факултет, Славица Велева, изрази благодарност до претседателот Иванов за посетата и изјави дека е особена чест за студентите и професорите на студиската група за француски јазик што денот на Меѓународната организација на Франкофонијата – 20 март, симболично се одбележа токму на нивната Катедра.

Македонскиот претседател истакна дека франкофонските вредности се блиски на Република Македонија и треба да ги негуваме и афирмираме бидејќи иако во Организацијата на Франкофонијата сме само 12 години, всушност, франкофонската традиција во нашата земја има многу подлабоки корени. Воедно, претседателот Иванов се заблагодари и на француската Амбасада и Францускиот културен центар за нивната активна улога во промоција на францускиот јазик во Република Македонија и истакна дека и натаму треба да останеме посветени на неговата употреба, кој како јазик меѓу другото има и исклучително значење во Европската унија.

За време на посетата македонскиот претседател ја посети библиотеката на Катедрата за романски јазици и книжевност, една од лабораториите за изучување на јазици и проследи дијалог од претставата на француски јазик, подготвена од студенти на Катедрата.

Да победат оние на кои граѓаните им веруваат - Гласање на претседателот Иванов на локалните избори
Недела, 24 Март 2013
 
Почеток < Пред 111 112 113 114 115 116 117 118 119 120 Следно > Крај
Страница 117 од 198