|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, по повод одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свесноста за аутизмот, денеска ги примија претставниците од Македонското научно здружение за аутизам. На средбата присуствуваа и деца со аутизам и нивните родители.
Претставниците на здружението и родителите го запознаа претседателот Иванов со предизвиците со кои се соочуваат во третирањето на децата со аутизам во Република Македонија. Посочија на потребата за формирање на Центар за детекција, рана дијагностика, третман, рехабилитација на децата и лицата со аутизам.
Претседателот Иванов заедно со сопругата Маја ги охрабрија претставниците на здружението и родителите и натаму активно да се залагаат во соочувањето со предизвиците и надминувањето на проблемите. Преку кампањи за подигнување на јавната свест и поддршка за семејствата кои се засегнати, порача претседателот Иванов, родителите ќе сфатат дека не се оставени сами и воедно ја истакна потребата за подготвување на Национална стратегија за справување со аутизмот. Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга г-ѓа Маја Иванова, порачаа дека ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе произлезе од здружението и родителите на децата со аутизам. Пред претседателот Иванов беше преставена и иницијативата за организирање Меѓународна конференција во Скопје со специјалисти за аутизам, за што наидоа на поддршка од македонскиот претседател.
„Во својство на претседател на Македонското народно здружение за аутизам сакам да изразам голема благодарност до претседателот Иванов и до целиот кабинет, секако и до госпоѓата Маја Иванова која што во последните три години дава посебен белег на овој ден. Можам да кажам дека ова е историски ден за нас. Сметаме дека со ова Претседателот на Република Македонија ќе даде голем импакт врз останатите надлежни институции за кои сметам дека во последните 20 години многу малку имаат сторено за овој проблем со аутизмот, кој што е јавно здравствен, ментално здравствен и пошироко општествен проблем", изјави Владимир Трајковски, Претседател на Македонското научно здружение за аутизам.
Трајковски укажа и на потребата од субспецијализација на дефектолози за аутизам, како и на проблемите во образовниот процес со кои се соочуваат децата со аутизам.
„Проблемот со аутизам е епидемиски и властите мора сериозно да го сфатат овој проблем, бидејќи ако почнеме со пристапни преговори со ЕУ еден од основните услови ќе биде грижата како за лицата со аутизам, така и за лицата со попреченост", рече Трајковски.
Горан Радојев, родител на дете со аутизам, се заблагодари за можноста за средба со претседателот Иванов и г-ѓа Маја Иванова.
„Ова е голем ден за Македонија, ова е голем ден за аутизмот во Македонија, односно ова е најголемиот ден за децата со аутизам во Македонија. Огромна благодарност до претседателот Иванов за оваа средба. Кога ќе се сетам кога почнавме во 2005-та година каде беше сето ова и каде бевме и до каде дојдовме, ова е огромен чекор за сите оние кои се засегнати со проблемот кој што се вика аутизам. Националната аутизам асоцијација постои веќе неколку години. Ние активно се грижиме за изнаоѓање на најновите третмани, дали бихевиорални или биомедикални за третирање на децата со аутизам", изјави Радојев и апелираше до родителите никогаш да не се откажат од третирањето на своите деца со аутизам.

|