|
Средби со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и со спикерот на турскиот парламент, Џемил Чичек на маргините на 16. Евроазиски економски самит во Истанбул
|
|
|
На маргините на 16 Евроазиски економски самит, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов оствари средби со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и со Спикерот на Парламентот на Република Турција, Џемил Чичек. На средбата со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј беше изразено задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање и беа разменети мислења и информации за повеќе актуелни теми од заемен интерес, како и за планираните активности. Македонскиот претседател му честита на Вселенскиот патријарх за неговите активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната екумена и за помирување на христијанството со другите религии и го поздрави неговото присуство на инаугурацијата на Папата Франциск во Ватикан.
На средбата со Спикерот на Парламентот на Република Турција, Џемил Чичек беа потврдени одличните пријателски односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов ја поздрави парламентарната димензија во соработката, оценувајќи ја како исклучително значајна. Заемен заклучок беше дека соработката меѓу двете земји е во постојан позитивен тренд во повеќе сфери. Спикерот Чичек истакна дека Република Турција особено ја цени улогата на Република Македонија во регионот на Југоисточна Европа, и дека како и досега, Република Македонија ќе ужива силна и безрезервна поддршка на патот кон напредокот и реализацијата на стратешките цели. На средбата беше разговарано и за можностите за натамошна соработка и заемна поддршка на мултилатерален план.
|