|
Да бидеме обединети за просперитет и успех на сите нас – порака од претседателот Иванов на Велигден
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата г-ѓа Маја Иванова, утрово присуствуваше на Светата Златоустова литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски" во Скопје, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.
„Христос Воскресе-Навистина Воскресе. За многу години да ни е Велигден. На сите христијани кои денес го слават овој голем празник им посакувам се најубаво, многу здравје, радост и среќа во животот. Да има многу добрини и многу убавини", изјави претседателот Иванов по литургијата.
Како што сме сложни и обединети овие денови, потенцираше претседателот Иванов, така да бидеме и во државата, сите што живееме, за просперитет и успех на сите нас.
„Да им се посветиме на нашите семејства, особено на нашите деца. Да им даруваме многу љубов, многу радост и да им даваме многу надеж. Кога сме обединети можеме да ги совладаме сите предизвици со кои се соочуваме за добро на сите нас што живееме во Република Македонија", рече претседателот Иванов.
По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов беше примен од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.
Ноќта спроти Велигден, претседателот Иванов, придружуван од сопругата Маја и синот Иван, присуствуваше на Свечената Воскресна литургија во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител".

|