Македонскиот и еврејскиот народ имаат долга заедничка традиција – средба со Претседателот на Светскиот еврејски конгрес
Вторник, 11 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Претседателот на Светскиот еврејски конгрес,  г-дин Роналд Лаудер, придружуван од делегацијата составена од  генералниот секретар на еврејските заедници во Германија, г-дин Штефан Крамер и почесниот конзул на Израел во Република Македонија, г-дин Виктор Мизрахи.

На средбата беше изразено взаемно задоволство од досегашниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Државата Израел, кои се карактеризираат со висок степен на пријателство, меѓусебно разбирање и соработка.

Македонија, како што нагласи претседателот Иванов, придава големо значење на Еврејската заедница во нашата земја, а еврејскиот и македонскиот народ имаат долга заедничка традиција. Претседателот потсети дека еден од основачите на македонското револуционерно движење за ослободување на Македонија беше Рафаел Камхи, македонски Евреин од Битола. Нашата земја посветува посебно внимание да го зачува споменот на македонските Евреи кои беа жртви на Холокаустот. Токму затоа, нагласи претседателот Иванов, во знак на почит и сеќавање, минатата година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија – еден од четирите такви центри во светот, покрај оние во Ерусалим, Њујорк и Берлин.

Претседателот на Светскиот еврејски конгрес, г-дин Лаудер, истакна дека целиот еврејски народ во светот особено ја цени изградбата на Меморијалниот центар, како и односот на Република Македонија кон еврејската заедница која што живее тука. Токму затоа, Евреите насекаде во светот ја поддржуваат Македонија во напорите за остварување на нејзините стратешки цели и определби, како што се евро-атланстките интеграции.

Претседателот Иванов ги најави плановите за одржување на Министерски состанок на државите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа во март 2013 година, за одбележување на 70 годишнината од Холокаустот во Македонија. Тој изрази очекување дека Израел, исто така, ќе го поддржи овој настан.

На средбата стана збор и за економските потенцијали на Република Македонија, како и условите овозможени за странските инвеститори. Двајцата соговорници изразија надеж дека во блиска иднина ќе се реализира засилена економска соработка, како и вложувања од страна на израелски и еврејски инвеститори во Република Македонија.


  Back<<Назад