|
Овие самити успеаја да ги релаксираат меѓусоседските односи и со тоа да се допринесе кон стабилизација на целиот регион. Лидерите на државите од југоисточна Европа се согласуваат дека регионалната соработка е најдобар докажан начин за да се остварат стратешките цели, а тоа се членство во НАТО и ЕУ, кои се предуслов за трајна стабилност и просперитет на регионот.
Ова е заклучокот од заедничката прес-конференција на лидерите на земјите од регионот кои два дена во Мостар учествуваа на 10-тиот УНЕСКО самит посветен на „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, на кој меѓу главните говорници беше и македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов.
Првиот ваков самит во рамки на форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“, поттикнат од Република Македонија, беше оддржан во Охрид во 2003 година на иницијатива на поранешниот претседател Борис Трајковски.
Во рамки на самитот едногласно беше усвоена декларација со која лидерите се обврзаа дека секоја од земјите ќе го штити кулурното наследство на својата територија и ќе ја интезивираат соработката против нелегалната трговија со артефакти и друго историско културно наследство, како и дека ќе бидат посветени на негувањето на мирот, разбирањето, довербата и соработката во ЈИЕ, градејќи просперитетна заедничка европска иднина.
„Овие средби ни помогнаа многу во промена на сликата на Балканот. Прво да ја зајакнеме меѓусебната соработка, во сфери кои се од заеднички интерес, како во културна, така и во економска и политичка смисла,“ истакна претседателот Иванов на прес-конференцијата по завршувањето на самитот.
Односите меѓу земјите, нагласи претседателот, долго време беа оптоварени со историски предрасуди. Долго време, па и се уште, се занимаваме со минатото, наместо со иднината.
„Само преку дијалог можеме да ги надминеме предрасудите, конфликтот и стравот од различностите. Тој што комуницира се интегрира, а тој што не комуницира се гетоизира, оптоварувајќи се со измислени непријателства,“ додаде шефот на државата.
На новинарско прашање како ги коментира обвинувањата од лидерот на Нова Демократија Андонис Самарас дека заедно со премиерот Никола Груевски ја дестабилизират безбедноста и стабилноста на Балканот, претседателот Иванов нагласи: „Ако станува збор за изјава на лидер на партија кој заедно со Слободан Милошевиќ пред 20 години црташе нови граници на картите на Балканот, тогаш немам коментар.“
Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ констатираше голем степен на согласност на сите кои учествуваа на самитот, за тоа дека културата, како и верското и културно-историското наследство можат да има значајна улога во продлабочување на добрососедските односи меѓу земјите.
Повторно изградивме политички дијалог и добрососедски односи, истакна албанскиот претседател Бамир Топи, нагласувајќи дека земјите од регионот се горди на тоа и дека денешниот самит е посветен токму на надградување на односите.
„Од тој аспект сакам уште еднаш да нагласам дека сите ’актери’ треба бидат присутни тука кога разговараме во духот на толеранцијата и обновувањата на спомениците кои му припаѓаат на целото човештво,“ нагласи албанскиот претседател Топи.
Со заедничката прес-конференција на лидерите на земјите и останатите високи гости во Мостар заврши дводневниот самит. Следната година, на десет-годишнината од одржувањето, домаќин на овој настан поддржан од УНЕСКО ќе биде Република Македонија.
|