| Ораторството се вежба на настава, а не на испит – средба со најдобрите студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип | |
|
|
Како што нагласи претседателот Иванов, постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава. За време на дво-часовната средба со Претседателот, 20-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби во високото образование. Благица Панова, студент на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ изрази задоволство од студиите, посочувајќи дека по завршувањето студентите од овој факултет имаат можност да се запишат на втор циклус студии во странство, а дипломите им се признати ширум светот. Таа додаде дека постои можност за мобилност на студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во други светски универзитети. Според Панова, Болоњскиот кредит трансфер систем во целина е добар но, како што посочи, единствено недостасува усното испрашување на студентите, бидејќи се полага само писмено. „Од друга страна е добро што се прават семинарски трудови кои можат да се презентираат усно, како и можноста да се користат преводи на многу наслови од светската литература,“ истакна студентката од Економскиот факултет, Благица Панова. Претседателот Иванов посочи дека практиката според која студентот мора да меморира, а професорот да констатира, веќе се искоренува. Новиот Болоњски систем, бара поголема интерактивност. Студентот однапред ги добива материјалите и се подготвува за часот, на кој заедно со професорот ќе ја совлада планираната материја, преку дискусија и анализа. „Ораторството се вежба на настава, а не на испит,“ нагласи претседателот Иванов.
„Затоа, во практика, овој концепт се менува кон профилирање на специјализирани професии. Со системот на кредит-трансфер, студентот сам го креира својот профил и насоката во која ќе специјализира,“ истакна претседателот Иванов. Студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, посочија дека е неопходна подобра организација на задолжителната пракса, затоа што не е возможно сите да ја реализираат праксата исклучиво во летен период, кога е предвидена. Иако некои факултетки библиотеки, како што е Економскиот факултет, изобилуваат со преведена стручна литература, преку програмите поддржани од Владата, голем дел од студентите од другите факултети забележаа дека библиотеките не се доволно богати со книги и стручни списанија. Ова е трета од серијата планирани средби на претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во март годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а кон почетокот на мај и студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово. Студентите од двата универзитети кои веќе се сретнаа со Претседателот беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што тој покажа интерес и грижа за нивниот студентски живот и секојдневие, како и за наставната програма по која што го надградуваат своето знаење. Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредувањето на севкупниот образовен систем.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од факултетите по општествени науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип.
На средбата со Претседателот се разговараше и за потребата од поголема специјализација на професионалните профили. Денес, предочи Претседателот, Европа се соочува со вишок од општи профили на дипломирани студенти, така што европските земји се во позиција да насочуваат обемни финансиски средства на дообучување на кадрите, и отворање можности за имплементација на нивното знаење на пазарот, а со тоа и одржување на високо ниво на вработеност.










