| Меѓу децата не постојат предрасуди – караванот за јакнење на заедништвото преку спортот денес во Скопје | |
|
|
Дефилето на над 300 ученици од шест општини, продолжи кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде учесниците од различни етнички и културни средини имаа прилика да се запознаат со основите на христијанската религија, историјата и значењето на Соборниот храм, процесот на неговото градење и оплеменување со фрескописи. Последната точка на спортскиот младински караван беше фудбалското игралиште на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, каде се реализираше спортски тренинг подготвен од УЕФА. Проектот, кој во текот на изминативе два месеци се спроведува во шесте партнерски општини, има за цел да им овозможи на учениците од основно образование преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување. Претседателот Иванов на плоштадот „Македонија“ каде што почна дефилето, нагласи дека преку оваа акција им се овозможува на младите да спортуваат, интензивно да се дружат, но и подобро ја запознаваат својата татковина. „Почнавме во Прилеп и денес стигнавме во општина Центар, со децата кои преку овој проект се запознаваат и забавуваат. Се чувствува потребата на децата да се дружат меѓу себе и можеме јасно да видиме дека меѓу нив не постојат предрасуди,“ истакна Иванов.
„Тоа е голема предност, токму поради фактот што Република Македонија е земја на различности,“ посочи Претседателот. Градоначалникот на општина Центар, и домаќин на денешната манифестација, Владимир Тодоровиќ, истакна дека општината секогаш ќе ги поддржува и ќе учествува во организација на вакви настани. „Со посебно задоволство учествуваме во овој проект и во сите слични иницијативи кои имаат за цел да ги претстават традициите на сите етнички заедници во Република Македонија“, додаде градоначалникот Тодоровиќ. Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“, во партнерство со општините вклучени во неговата реализација Прилеп, Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште.
|
Под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска од плоштадот „Македонија“ започна спортско-културната манифестација, дел од проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“.
Шефот на државата посочи дека со денешната посета на Соборниот храм сите дечиња ќе дознаат за основните вредности на христијанството. Тој информираше дека идната недела, кога караванот ќе престојува во Тетово, ќе ја посетат и Шарената џамија, каде ќе имаат можност да се запознаат и со основните вредности на исламот.










