Претседателот Иванов положи цвеќе на спомен-обележјето на Трајковски на Ротимље, Мостар
Сабота, 02 Јуни 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска положи цвеќе на спомен-обележјето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски на Ротимље близу Мостар, на местото каде во 2004 година во трагичната авионска несреќа животот го загубија претседателот и осум членови на неговиот кабинет.

Претседателот Иванов во босанскиот град учествува и ќе се обрати на 10-тиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави на југоисточна Европа, во рамки на форумот „Дијалог меѓу цивилизациите“, за прв пат инициран од Република Македонија во 2003 година.

Шефот на државата денеска кај Ротмиље беше придружуван од главниот секретар на Претседателството на Босна и Херцеговина и од македонскиот медицински тим од кампот „Бутмир“ во Сараево, кој е дел од мисијата Алтеа 12.

Медицинскиот тим изрази голема благодарност за поддршката од македонскот претседател и вети максимум и во нивниот натамошен ангажман во кампот.

Македонскиот претседател вечерва на маргините на самитот ќе оствари средби со претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ и албанскиот колега Бамир Топи.

Во текот на утрешниот ден, шефот на државата ќе се обрати на првата пленарна сесија на регионалниот самит, со централна тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“.

 

  Back<<Назад