Можеме да бидеме горди на подготвеноста на македонските војници – претседателот на меѓународна воена вежба на Криволак
Понеделник, 28 Мај 2012   

„Можеме да бидеме горди на нашите војници и на нивната подготвеност заедно со другите армии да настапуваат во вакви сложени воени мисии. АРМ е подготвена за сите операции каде што ќе биде поканета и ги следи сите нови зафати. Нашата определба е да ги негуваме и да опстојуваме на нашите стратешки цели,“ – истакна претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов,  кој денеска заедно со министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и командантот на Командата на НАТО од Мадрид, Алфредо Кардона, присуствуваше на досега најголемата меѓународна вежба „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“, на армискиот полигон „Криволак“.

На новинарско прашање дали по Самитот на НАТО во Чикаго, Македонија повторно ќе се обрати до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, претседателот Иванов дециден дека добивме пресуда и таа мора да се почитува, додека правниот тим ги следи сите можни аспекти, земајќи го предвид фактот дека повторно се соочуваме со прекршување на времената спогодба од страна на Грција.

„Правниот тим кој беше ангажиран ги следи сите настани и ќе биде направено она што е во најголема корист за Република Македонија,’ нагласи претседателот Иванов.

На присутните на армискиот полигон „Криволак“ им беа прикажани секвенци од вежбата со демонстрација: премин преку критична точка, патролирање во урбана средина, постапка со импровизирана експлозивна направа на пат и обезбедување на база. Со тоа успешно се заврѓи вежбата која во изминатите десет дена се реализра на „Криволак“. Како што нагласи министерот Бесими, македонската бригада доби позитивни оценки и е подготвена да учествува во рамки на мировните сили на ЕУ.

Основна цел на вежбата беше зголемување на нивото на интероперабилност и готовност на единиците, обука на штабниот персонал според НАТО стандардите, како и оценување на декларираните единици на АРМ според Концептот за оперативни способности.

Во вежбата „Кооперативна долга стрела/Лансер 2012“ учествуваа околу 2.200 војници, од кои 1.697 припадници АРМ,  додека останатите се припадници на армиите на Азербејџан, Австрија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Ерменија, Казахстан, Молдавија, Србија, Украина, Црна Гора и Швајцарија, како земји членки на Пактот за мир, додека од земјите членки на НАТО учествуваа припадници на армиите на САД и Шпанија.


  Back<<Назад