|
На маргините на Самитот на НАТО во Чикаго претседателот Иванов се сретна и со Камерон, Оланд, Алиев, Орбан, Клаус, Басеску, Грубаускаите, Плевнелиев и Бериша
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска побара од американскиот претседател Барак Обама натамошна поддршка за деблокада на интеграциите во НАТО и помош за надминување на прашањето за името.
Во краткиот разговор со Обама на маргините на НАТО Самитот во Чикаго, претседателот Иванов со апел до американскиот претседател да го искористи своето влијание за Грција да почне одговорно и конструктивно да учествува во процесот и да се придржува до рамката во која се водат разговорите, што е и предуслов за заемно прифатливо решение.
Македонскиот претседател денеска оствари средби и со претседателите на Бугарија, Росен Плевнелиев, на Чешка Вацлав Клаус, на Романија Трајан Басеску, и на Литванија, Далиа Грубаискаите, како и со премиерите на Велика Британија и на Албанија, Дејвид Камерон и Сали Бериша.
На средбата со Камерон се разговараше за состојбата во која се наоѓаат разговорите за името со Грција, при што претседателот Иванов истакна дека Грција ниту разговара, ниту има волја да разговара веќе подолго време, а кога тоа го прави излегува од рамката. - „Грција не е подготвена ниту да ја почитува Времената спогодба, ниту пресудата,“ потенцира претседателот Иванов.
Британскиот премиер Камерон истакнал дека неговата земја ќе направи сé што е можно за да помогне.
На маргините на Самитот на НАТО во Чикаго, претседателот Ѓорге Иванов имаше кратки средби и со претседателите на Франција, Франсоа Оланд, и на Азербејџан, Илхан Алиев, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Претседателот Иванов имаше можност на францускиот претседател Оланд лично да му го честита изборот, изразувајќи надеж дека во наредниот период билатералните односи и соработката меѓу двете земји ќе имаат натамошен позитивен развој.
На средбата со унгарскиот премиер Орбан, претседателот Иванов се заблагодари за поддршката искажана од Унгарија на вчерашните состаноци во рамки на Самитот. Премиерот Орбан изрази уверување дека Македонија и понатаму може да смета на поддршката од Унгарија за членството во НАТО и во ЕУ.
Заемна подготвеност за унапредување на билатералните односи и соработка беше изразена и на средбата на Иванов со претседателот на Азербејџан Илхан Алиев, како и задоволство од претстојната посета и учество на македонскиот претседател на форумот Кран Монтана во Баку.
 |
 |
|