Отворено македонско училиште во Хенсдејл – средба и со Албанско-Американсата заедница во Чикаго
Недела, 20 Мај 2012   

Со благослов од митрополитот американско-канадски Методиј, денеска во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Хенсдејл, Чикаго, САД, во присуство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и министерот за одбрана Фатмир Бесими, беше отворено училиште во кое младите ќе можат да го изучуваат македонскиот јазик, културата, традициите и веронауката.

Поздравувајќи го овој исклучително значаен чекор, претседателот Иванов нагласи дека отворањето на новите две училници во пресрет на патрониот празник на македонските просветители Кирил и Методиј, меѓу другото, значи дека идните генерации ќе можат да учат за сето она што нè прави многу поразлични, но и многу блиски и сплотени со другите.

„Младите треба да знаат дека потекнуваат од една земја Македонија. Бидете горди и достојни претставници на сите поколенија кои ни оставиле завет да бидеме Македонци,“ им порача претседателот Иванов на присутните од македонската дијаспора денеска во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Хенсдејл, Чикаго.

Шефот на државата, во рамките на својот престој во Чикаго оствари средба и со претставници од Албанско - Американсата заедница во Чикаго (ААЗ). Претставниците на ААЗ искажаа благодарност за укажаната можност за средба, како исклучителна прилика за средба со највисок претставник од Република Македонија.

Инаку, ова е нивна прва средба со претседател на Република Македонија. ААЗ основана во 1903 година, вклучува државјани на Република Македонија и САД со албанско потекло, активисти, кои имаат за цел да помагаат за подобрување на состојбите во Македонија на политички и финансиски план, за сите македонски граѓани.

ААЗ силно ги поддржуваат стратешките цели и реформските процеси во македонското општество, каде претседателот Иванов би ја имал главната улога и би ги амортизирал  грубите политики. Претседателот, сметаат од ААЗ, треба да продолжи да ги вложува своите напори за негување на македонскиот модел на мултиетничка демократија.

Претседателот Иванов нагласи дека Македонија е горда на иселениците и благодарна за помошта и поддршката која ја даваат, дека земјава е уникатен пример на функционална мултиетничка демократија каде различностите се почитуваат. Тоа е најголемата сила на Република Македонија и дека тој модел е стабилен, истакна Претседателот.

Тој денес ја посети и црквата „Свети Кирил и Методиј“, каде имаше неколку часовна средба со македонската дијаспора.

Пред почетокот на Самитот на Алијансата, во Чикаго претседателот Иванов продолжува со лобирање и напори да обезбеди што е можно подобра позиција во комуникето за Република Македонија, зашто одлука на самит може да биде променета само со одлука на друг самит. Донесеното комунике во Чикаго ќе биде во сила до следниот самит на НАТО што ќе се одржи по две години. Претседателот Иванов е во постојан контакт со пријателските земји чии претставници учествуваат во драфтирање на документот.

На маргините на Самитот, македонскиот претседател оствари билатерални средби со претседателот на Република Турција, Абдфула Ѓул и со словенечкиот премиер, Јанез Јанша. На средбите беа разменети мислења и информации за НАТО самитот и за начините како пресудата од Хаг да се одрази на прашањето за Република Македонија и во финалните заклучоци. Турскиот претседател Ѓул вети дека, како и досега, така и за време на Самитот, но и потоа, Македонија може да смета на безрезервна поддршка, како и дека Турција ќе направи сé што е во нејзина моќ да и помогне на Македонија.

Словенечкиот премиер Јанша нагласи дека Словенија апсолутно ја разбира позицијата и е свесна за сите аргументи на Република Македонија, поради што и претходно и сега Македонија ужива целосна поддршка. Јанша потврди дека Македонија може да смета на поддршката на Словенија и на овој Самит и дека во рамките на нивните можности ќе се залагаат за правилно вреднување на македонските очекувања и аргументи.


  Back<<Назад