Сплотени ќе ги надминеме сите предизвици – Гала вечера организирана од Обединетата македонска дијаспора во Чикаго
Сабота, 19 Мај 2012   

Сплотени со една желба - европска и евроатлантска Македонија, успешно ги преживеавме сите предизвици со кои се соочи нашата татковина во минатото и сплотени ќе го надминеме и сегашниот предизвик - е пораката што синоќа ја упати претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов, на гала вечерата приредена во негова чест од страна на Обединетата македонска дијаспора, на маргините на Самитот на НАТО што денеска и утре ќе се одржува во Чикаго, САД.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги исполни критериумите и со право очекува да го добие заслуженото членство во НАТО. Досега, укажа тој, бевме спречени да ја оствариме врвната стратегиска цел поради една ирационална причина.

„Грчките блокади нема да нè дефокусираат од партнерството со НАТО и од визијата за побезбеден и посигурен свет за нашите деца. Од Македонија да создадеме земја отворена за странски инвестиции, земја на напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата. Сакам да знаете дека вие сте причината поради која не се откажуваме. Вашиот успех, ентузијазам и оптимизам за иднината на Македонија е мотивирачки и обврзувачки. И покрај сите препреки, и покрај сите предизвици, ќе продолжиме уште поохрабрени да го бараме нашето заслужено место во европското и евроатлантското семејство на народи, заедно со вас,“ истакна претседателот на Република Македонија.

Тој се осврна и на пресудата на Меѓународниот суд за правдата, која, како што потенцира, бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО, пристап кој значи почитување на пресудата и на меѓународното право. Пристап кој подразбира дека земјите-членки на НАТО треба да ги преиспитаат своите позиции во однос на членството на Македонија во НАТО.

Според претседателот Иванов, постојат два начина да ја реализираме целта. Првиот е Грција одговорно да ја почитува Времената спогодба и пресудата, онака како што се очекува од една земја-членка на НАТО и на Европската унија. Вториот начин е да дојдеме до заемно прифатливо решение за спорот кој ние не го сакавме, спор кој ни беше наметнат.

„Без разлика на исходот, остануваме посветени на остварувањето на нашите стратегиски цели – членство во НАТО и во ЕУ, а дотогаш, продолжуваме со сите сили да ја реформираме Република Македонија, да ги спроведуваме стандардите, вредностите и критериумите, бидејќи тие ни се поважни од членска карта за клубовите во кои сакаме да припаѓаме,“ нагласи Претседателот пред големиот број иселеници во Чикаго. Тој изрази уверување дека целите ќе се реализираат на начин на кој идентитетот, јазикот, името, традицијата и вредностите нема да бидат засегнати.

„Успехот на Република Македонија во голема мера се должи и на посветеноста на успешните иселеници ширум светот,“ им порача македонскиот претседател на претставниците на дијаспората, кои на Гала вечерата во негова чест му доделија и високо признание за целиот негов придонес во развојот и напредокот на Република Македонија.

Македонскиот претседател од Чикаго и упати порака на Грција дека Македонија сака да биде повеќе од сосед, да биде партнер, сојузник и пријател, за да можеме заедно да ја градиме сегашноста и иднината.

„Република Македонија е балканска, европска и светска реалност. Реалност која не може да се негира, туку само да се прифати. Таа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме. Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат,“ нагласи претседателот Иванов, додавајќи дека никогаш нема да прифатиме уцени ниту да потклекнеме пред ултиматуми.

„За нас прашањето никогаш не било дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога. И, што поскоро, тоа подобро. А до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои,“ посочи претседателот Иванов.

ОМД им додели и ордени „Гоце Делчев“ на шефот на дипломатијата на Турција, Ахмет Давутоглу и на премиерот на Словенија, Јанез Јанша.

Турскиот министер за надворешни работи истакна дека го прима ова признание во името на 75 милиони Турци - пријатели на Македонија. Давитоглу потенцира дека каде и да е во светот Турција ќе ги брани интересите на Македонија и правото на избор на македонскиот народ. Тој го повтори ставот на Турција дека Република Македонија треба да биде членка на Алијансата под нејзиното уставно име. Министерот Давутоглу воедно укажа дека што и да се случи на меѓународната сцена, Турција, во наредниот век, во наредниот милениум, ќе го користи уставното име на Македонија, а нашето пријателство, истакна ќе продолжи засекогаш.

„Не само што сум голем и искрен пријател на Македонија, туку и се чувствувам Македонец,“ рече меѓудругото Давутоглу, пред бројната дијаспора, што предизвика силни емоции кај присутните. Потенцирајќи го исклучително блиското пријателство со македонскиот претседател, шефот на турската диломатија посочи дека Иванов не само што е голем државник, туку е уште поголем интелект.

Во Чикаго во текот на денот, шефот на државата имаше средба со неговиот турски колега, Абдула Ѓул, на која беа разменети мислења и информации за НАТО самитот и за начините како пресудата од Хаг да се одрази на прашањето за Република Македонија и во финалните заклучоци. Претседателот Иванов ги истакна нашите аргументи и очекувања, а турскиот претседател Ѓул вети дека како и досега, така и за време на Самитот, но и потоа, може да смета на безрезервна поддршка и оти Турција ќе направи сé што е во нејзина моќ да и помогне на Македонија.

Шефот на државата денес се сретна и со словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој нагласи дека Словенија апсолутно ја разбира позицијата и е свесна за сите аргументи на Република Македонија, поради што и претходно и сега Македонија ужива целосна поддршка. Јанша потврди дека Македонија може да смета на поддршката на Словенија и на овој Самит и дека во рамките на нивните можности ќе се залагаат за правилно вреднување на македонските очекувања и аргументи. а средбата беа разменети мислења и за евро-интегративните процеси на Македонија и за напорите и очекувањата за деблокда на интеграцијата во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.


Во очи самитот на НАТО, реномираниот Чикаго Трибјун денеска објави колумна на претседателот Иванов, насловена „Македонското членство“, во која меѓу другото говори за тоа зошто Република Македонија треба да стане полноправна членка на НАТО.

Македонскиот претседател во понеделник ќе учествува на состанокот на северно-атлантскиот Совет посветен на Авганистан.

 

  Back<<Назад