Цврста посветеност на политиката на проширување - Средба со Ханс Ван Баален, претседател на Либералната интернационала
Четврток, 17 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Ханс Ван Баален, претседател на асоцијацијата на либерални партии на светско ниво и европратеник.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека во овој клучен период, пред состанокот на Европскиот совет во јуни и НАТО Самитот во Чикаго, поддршката од земјите членки на ЕУ и НАТО, пријатели на Македонија, е од исклучително значење.  Напорите на македонската дипломатија во изминатиот период, беа насочени кон промовирање и валоризирање на новонастанатата реалност по хашката пресуда, а во насока на конечно деблокирање на македонските евро-интегративни процеси.

Република Македонија, нагласи претседателот, одамна заслужи покана за членство во НАТО и датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Фактот што земјата е кандидат од 2005 година со три последователни препораки од Европската комисија за отпочнување на преговорите, е најдобар показател за успешно реализираните реформски процеси, посочи Претседателот и додаде дека неодамнешното отпочнување на Пристапниот дијалог на високо ниво е мост кон, но не и замена, за очекуваниот датум за отпочнување преговори.

Двајцата соговорници се согласија дека позитивните примери на паралелно движење во интеграцијата и надминување на билатералните преговори, како што беше случајот меѓу Хрватска и Словенија, ја потврдија функционалноста на таа формула.

Холандскиот либерал Ван Баален изрази поддршка за стратешките приоритети на Република Македонија, членство во ЕУ и НАТО, нагласувајќи ја воедно неговата цврста посветеност на политиката на проширување.

Заеднички заклучок од средбата беше дека Република Македониа и Кралството Холандија развиваат добри билатерални односи и соработка, особено во сферата на турзимот.


  Back<<Назад