Во надворешната политика градиме заеднички државни ставови - Претседателот Иванов во посета на МНР
Среда, 09 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го посети Министерството за надворешни работи каде со ресорниот министер Никола Попоски разговараше за стратешките определби на Република Македонија во доменот на надворешната политика, сфери во кои споделуваат заеднички надлежности.

При посетата која традиционално се одржува еднаш годишно, претседателот Иванов беше информиран за состојбите во регионот и Европската унија, за претстојното преземање од страна на Македонија на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа што ќе се случи во јуни. На средбата со министерот за надворешни работи и политичките директори се разговараше и за прашања кои бараат особено внимание, вклучувајќи го и влијанието на економската криза која се случува на глобален план, но се чувствува и во регионот и во земјава, и се одразува на надворешната политика.

„Оваа соработка која ја остваруваме со МНР веќе дава видливи резултати и затоа искажав голема благодарност и на министерот и на Министерството што при сите надворешно-политички активности градиме заеднички ставови и се усогласуваме за оние прашања за кои како држава треба да имаме единствен став,“ истакна претседателот Иванов.

Запрашан дали ја разгледувале можноста за редефинирање на амбасадорскиот состав, шефот на државата изјави дека тоа е тековна активност со оглед на тоа што на некои амбасадори им истекува мандатот, а други се поставуваат за дипломатски претставници на земјата.

„Тоа е процедура која се одвива во текот на неколку месеци, се знае кога завршува мандатот на амбасадорите и кога почнува таа постапка. Како одговорна земја ние се однесуваме согласно меѓународните стандарди и принципи. Виенската конвенција за дипломатија забранува истакнување на било кое име пред да се предадат акредитивите. Така што сите имиња кои циркулираат во јавноста сеуште можете да ги сметате на ниво на шпекулации или можеби како лични најави. И јас лично и МНР секогаш настојуваме имињата да не се објавуваат се додека не се добие позитивен одговор од земјите каде се испраќаат амбасадорите,“ посочи Претседателот.

alt

Во однос на актуелните случувања во земјата и најавените протести поврзани со случајот „Монструм“и петкратното убиство кај Смиљковци, претседателот Иванов нагласи дека протестот е демократско право, но за прашања кои се однесуваат на работата на судот не може да се искажува став низ таква форма.

„Потребно е судот да се остави да донесе непристрасни одлуки согласно законите,“ нагласи претседателот Иванов.

Тој оцени дека надлежните институции ги спроведуваат своите активности во рамки на своите надлежности, воедно упатувајќи апел протестите да се во граница на јавна пристојност.

„Има прашања за кои не може да се искажува таков револт и став, а тоа е работата на судот. Кога имаме едно грозоморно убиство треба да го оставиме судот да донесе одлука непристрасно, согласно законите, што е практика во секоја земја кога има таков чин. Затоа апелот е секој да го искаже својот став, меѓутоа прашања кои се од наш интерес, кога како држава и како кандидат и за ЕУ и за НАТО мора да покажеме сериозност и капацитет, и институционално да се справиме со ваквите проблеми,“ изјави претседателот Иванов, одговорајќи на новинарско прашање по денешната посета на Министерството за надворешни работи.


  Back<<Назад