Во Мостар потврдени добрите меѓусоседски односи – средби со Вујановиќ, Изетбеговиќ, Топи и директорот на УНЕСКО, Бокова
Сабота, 02 Јуни 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва во Мостар, на маргините на 10-тиот УНЕСКО регионален самит на шефови на држави на ЈИЕ, оствари одделни билатерални средби со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ и со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

Теми на кои претседателите на средбите разговараа се засилувањето на регионалната соработка, европските и евроатланските интеграции и внатреполитичките состојби.

На средбата со Изетбеговиќ, на маргините на самитот, претседателот Иванов изрази целосна подготвеност за поддршка на интеграциите и целовитоста на БиХ, истакнувајќи дека секоја промена на границите може да биде ризик по стабилноста на регионот.

Двајцата соговорници ја утврдија идната динамика на средбите на највисоко политичко ниво и изразија задоволство од позитивниот тренд на трговска соработка. Изетбеговиќ на средбата со Иванов го пофали функционирањето на НБРМ во услови на економска криза.

Во разговрите со црногорскиот претседател Вујановиќ, шефот на државата ја истакна потребата од интензивирање на регионалната соработка со акцент на инфраструктурата и поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10.

Во рамки на самитот, претседателот Иванов оствари билатерална средба со албанскиот колега Бамир Топи, на која беше потврдена досегашната успешна соработка меѓу двете земји. Македонскиот претседател искажа благодарност за поддршката на НАТО Самитот во Чикаго и доби уверување дека Албанија и натаму во интерес на стабилност на цел регион силно ќе ја поддржува Македонија и останатите земји за членство во НАТО.


Шефот на државата вечерва оствари средба и со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која изрази задоволство од одличната соработка меѓу Република Македонија и светската организација.

Бокова упати честитки за иницијативата на Македонија за одржување вакви форуми, која, како што рече, УНЕСКО силно ја цени и поддржува. На средбата е договорена и идна соработка, како и коорганизација на следниот самит кој треба да се одржи во Македонија идната година.

Директорката на УНЕСКО ја прифати иницијативата на претседателот Иванов, идниот да биде самит на конкретни резулатати, како и предлогот на претседателот следниот состанок да биде посветен на созадавање млади лидери и за иднината за младите.

Претседателот Иванов во Мостар учествува на самитот на шефови на држави од ЈИЕ на тема „Верското и културно-историското наследство како основа за интензивирање на соработката меѓу државите“, на кој ќе се обрати на првата пленарна сесија. Првиот ваков самит во рамки на форумот „Дијалог меѓу цививлизациите“, беше оддржан во Охрид во 2003 година на иницијатива на поранешниот претседател Трајковски.

Досегашните вакви самити беа фокусирани на меѓурегионалниот и меѓуетничкиот дијалог, културните коридори на ЈИЕ, културните различности и нивно менаџирање и музиката како метафора за културниот дијалог.

Проектот „Дијалог меѓу цивилизациите“ кој е поддржан и од УНЕСКО, во 2013 година, по 10 години од воспоставувањето, повторно ќе биде реализиран во Република Македонија.

 

  Back<<Назад