Новости
Посета на припадниците на АРМ во стационарниот јазол за врски - Водно
Сабота, 01 Јануари 2011


Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на првиот ден од Новата 2011 година ги посети припадниците на АРМ во скопскиот стационарен јазол за врски - Водно и им ги честита новогодишните празници.

Традиционално секој 1 јануари сум со Армијата на Република Македонија и првите честитки ги упатувам до војниците и старешините на Армијата на Република Македонија. Додека ние празнувавме тие беа тука да ја обавуваат својата должност за што сите ние сме горди и благодарни, изјави Претседателот Иванов. На војниците од АРМ во стационарниот јазол за врски - Водно по повод новогодишните празници Претседателот Иванов им подари телевизор. Преку видео врска, Претседателот Иванов со желби за успех им ја честита Новата 2011 година и на македонските мировници во Авганистан и во Босна и Херцеговина.


 

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати новогодишни честитки и до граѓаните на Република Македонија. Честитки до сите граѓани на Македонија и со оптимизам, нова сила, нова енергија да се соочиме со сите предизвици кои не очекуваат во оваа година, изјави Претседателот Иванов.

Новогодишни пакетчиња за децата во Клиниката за детски болести
Петок, 31 Декември 2010
Новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија
Понеделник, 27 Декември 2010
Работна посета на Италијанската Република
Среда, 15 Декември 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари  работна посета на Италијанската Република во чии рамки се сретна со Премиерот на Италијанската Република, Силвио Берлускони и присуствуваше на концертот „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ организиран по повод 100 годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, под покровителство на градот Рим и на Република Македонија.

Италијанскиот премиер на едночасовната средба со македонскиот претседател изјави дека Италија е сериозен партнер и поддржувач на Македонија и ја изрази својата поддршка  за македонските евроинтегративните процеси.

На средбата се разменија мислења за тоа како може Италија да биде од помош на сите земји во овие процеси што се одвиваат во овој регион и како може да помогне во придвижувањето кон ЕУ, не само на Македонија туку и на другите земји во регионот.


Претседателот Иванов истакна дека Италија е искрен пријател и секогаш се обидува да застане на наша страна во евроинтегративниот процес и да помогне не само на Македонија туку и на целиот регион. Италијанскиот премиер изрази желба да го пренесе нашиот став во однос на прашањето за името со Грција и во оние инститиуции каде не сме присутни, подвлече претседателот Иванов.


На средбата се разменија информации и мислења и за можностите за натамошно јакнење на економските односи меѓу двете земји, и беше разговарано за можноста за учество на италијански компании на тендерот за ХЕЦ Чебрен и Галиште.

Македонкиот претседател и италијанскиот премиер подвлекоа дека податоците за директните инвестиции и трговската размена говорат дека има голема соработка со бизнис секторот и заклучија дека покрај економската, има добра соработка и со политичката италијанска сцена каде средбите се веќе во континуитет. Во тој контекст беше договорено политичкиот дијалог да продолжи, а беше договорена соработка на проектите кои се однесуваат на создавање на млади лидери чии покровители се претседателот Иванов и премиерот Берлускони.


Претседателот Иванов во рамките на работната посета на Италијанската Република присуствуваше и одржа поздравно обраќање на концертот „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ организиран по повод 100 годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, под покровителство на градот Рим и на Република Македонија.

Манифестацијата „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ е голем музички и поетски спектакл во изведба на синфонискиот оркестар Нова Амадеус, под диригентската палка на Бруно Сантори, на кој беа презентирани 10 ѕвезди од италијанското музичко авторство, меѓу кои настапи и македонскиот тенор Благој Нацески.

Во поздравното обраќање Претседателот Иванов рече дека Република Македонија на светот отсекогаш му подарувала чеда кои со својата мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите. Мајка Тереза го одсликува на најсоодветен начин тоа што е традиција на Македонија, да се почитува различноста, да се живее во хуманост и да се почитува, подвлече Претседателот Иванов.


На настанот преку кратки-мини филмови, како и преку сведоштва на личности кои имале можност лично да ја запознаат, беше презентирано житието на блажената Мајка Тереза за кое се погрижија новинарите од РАИ. “Десет ѕвезди за Мајка Тереза” е проект на Фабрицио Силвестри, Лино Алечи и Лаура Муџупапа.
На концертот „Десет звезди за Мајка Тереза“ присуствуваа кардиналот Тарчизио Бертоне, Државен секретар на Светата Столица и градоначалникот на Рим, Џовани Алемано.

Средба со претставниците на Пoлио Плус
Понеделник, 29 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ги прими претставниците на здружението на граѓани Полио Плус, предводени од претседателот на здружението Звонко Шаврески.

Повод за средбата беше 10 годишниот јубилеј од постоењето на Полио Плус како и претстојното одбележување на 3 декември меѓународниот ден на лицата со инвалидитет.

На средбата Претставниците на  Полио Плус, го информираа Претседателот Иванов за активностите на нивната организација и актуелната проблематика со која се соочуваат  лицата со хендикеп ставајќи посебен акцент на процесот на ратификација на конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

Претседателот Иванов изрази поддршка за досегашните активности на Полио Плус и истакна дека тој како Претседател апсолутно го подржува што поскорешното ратификување на конвенцијата.

Претседателот Иванов нагласи дека ќе го вложи својот авторитет во насока на понатамошно подобрување на правата на лицата со хендикеп како преку одобрувањето на законската легислатива така и преку нејзиното доследно имплементирање.



Честитка до Претседателот Бамир Топи по повод Денот на независноста на Република Албанија
Недела, 28 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Денот на независноста на Република Албанија упати честитка до Претседателот на Република Албанија д-р Бамир Топи.

Почитуван господине Претседател,

Дозволетe ми, по повод Денот на независноста на Република Албанија, во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки со најискрени желби за натамошен просперитет и благосостојба на Вашата земја и нејзините граѓани.

Ја користам оваа свечена пригода, да го изразам задоволството од досегашниот, мошне успешен развој на односите и соработката меѓу нашите две земји. Република Македонија и јас лично, сме силно посветени кон зацврстувањето и продлабочувањето на дијалогот, добрососедските односи и меѓусебната соработка, со цел остварување на заедничките заложби за стабилен и просперитетен регион, за негова евроатлантска иднина. На тој план, би сакал да го истакнам интересот, како и подготвеноста на Република Македонија, за натамошно унапредување на вкупните односи и соработка, особено во сферата на економијата и инфраструктурните поврзувања.

Упатувајќи Ви ги изразите на моето највисоко почитување, дозволете ми, господине Претседател, да Ви посакам натамошен успех во работатa, добро здравје и лична среќа.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 176 од 198