Новости
Средба со министерот за надворешни работи на Полска Радослав Сикорски
Понеделник, 08 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Министерот за надворешни работи на Република Полска, Радослав Сикорски.

На средбата беше потврдено искреното пријателство меѓу двете држави и високото ниво во односите, кои во континуитет бележат позитивен развој.

Исто така на средбата се истакна задоволството од македонско-полската соработка, поддршката во евроинтегративниот процес на Република Македонија како и очекувањето оваа соработка да продолжи и во иднина.

Претседателот Иванов истакна дека очекува проширувањето на Европската Унија со земјите од Балканот да се најде на листата на приоритети за време на Полското Претседателство со Европската Унија во втората половина на 2011 година.

Во разговорите Претседателот Иванов подвлече дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Полска се многу добри и без отворени прашања, како и подготвеноста од двете страни за натамошно интензивирање на односите и соработката во сите сфери од заемен интерес.

Официјална посета на Црна Гора
Среда, 03 Ноември 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов претстојува во официјална посета на Република Црна Гора. На средбата со Претседателот на Република Црна Гора, Филип Вујановиќ беше потврдено високото ниво на пријателство и традиционална соработка меѓу двете земји.

Црна Гора има интерес што побрзо да се реши македонско-грчкиот спор за името и Македонија поскоро да влезе во НАТО и ЕУ бидејќи од тоа корист ќе има целиот регион, изјави црногорскиот претседател Филип Вујановиќ по  средбата со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов во Подгорица.

Двајцата претседатели, на средба во рамки на официјалната посета на Иванов на Црна Гора ги потврдија одличните билатерални односи, истакнувајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања.
Посетата на Претседателот Иванов ја доживуваме како средба на две пријателски држави кои немаат отворени прашања, туку само отворена идна соработка. Ги констатиравме и охрабривме одличните односи на сите нивоа и важно е дека повеќе спогодби за соработка се во завршна фаза, како спогодбите во однос на стабилизација и асоцијација со Европската унија и за заштита на инвестициите, изјави Претседтелот Вујановиќ по средбата.
Тој ја потенцираше извонредната соработка на министерствата за внатрешни и за надворешни работи и за одбрана и потпишаните спогодби за понатамошна соработка. Од октомври годинава, рече Претседателот Вујановиќ, врз основа на потпишана спогодба, питомци од Црна Гора се школуваат на Воената академија во Скопје. Сепак, економската соработка треба да се унапредува, а како главен услов за тоа е подобрување на сообраќајната инфраструктура. Исто така, соработуваме одлично и на патот кон ЕУ и НАТО, посочи црногорскиот претседател.
Претседателот Иванов рече дека претстои период кога мора да се зајакне економската соработка. Тој се согласи со црногорскиот колега дека проблем за тоа е недоволно развиената инфраструктура во регионот.

Приоритет на двете земји е влез во ЕУ и НАТО и на овој план сакаме да размениме искуства кои може да и бидат од корист на Црна Гора. Во однос на НАТО и ЕУ ги имаме завршено сите обврски, но поради спорот за името со Грција се уште не сме дел од двете организации. Во прилог е Европа да се однесува подеднакво кон сите земји-кандидати и со еднаков пристап како во случајот со Словенија и Хрватска, додаде Претседателот Иванов.
Тема на разговор беа и црковните проблеми на двете земји, при што двајцата претседатели потенцираа дека црковните прашања треба да се остават на црквата.
Во рамки на официјалната посета на Црна Гора македонскиот претседател се сретна и со премиерот Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието Ранко Кривокапиќ.
Претседателот Иванов  во Подгорица имаше средба и со претставници на Друштвото за македонско-црногорско пријателство.

Стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на бизнис-администрација на Сити колеџ во Солун
Понеделник, 01 Ноември 2010


Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во соработка со Министерството за образование и наука и Факултетот за меѓународни студии од Сити колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот Шефилд од Велика Британија, потпишаа Протокол за обезбедување 20 стипендии „Борис Трајковски“ кои им се доделуваат на најдобрите студенти за вонредни двегодишни постдипломски студии на Програмата за бизнис-администрација МБА.

Претседателот Иванов при потпишувањето на Протоколот за доделување на стипендиите изјави дека овие стипендии се дел од колективната мотивација и поткрепа која државата и општеството им ја дава на најдобрите студенти кои се истакнале со својата посветеност кон студирањето, за да продолжат по патот на успехот.

Претседателот Иванов истакна дека со потпишувањето на Протоколот ќе продолжи надградувањето на знаењата на нашите студенти, но и дека позитивно ќе  влијае во градењето на односите меѓу нашите општества.

Директорот на Факултетот за меѓународни студии од Сити колеџот во Солун Јоанис Верверидис истакна дека со користење на стипендиите на корисниците ќе им се овозможи врвно образование во Програмата за бизнис-администрација наменета за студентите од целиот регион.

Создавањето и усовршувањето на млади научно-истражувачки кадри во областите кои ги нуди  Програмата и нивното работно ангажирање по завршувањето на студиите, е една од мерките за превенција на „одливот на мозоци“ од државата, рече министерот за образование, Никола Тодоров.

Новонаименуваниот амбасадор на Бразил Вашингтон Луис Переира де Соуса Нето ги предаде акредитивните писма
Петок, 29 Октомври 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новонаименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил во Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г-дин Вашингтон Луис Переира де Соуса Нето.

Новонаименуваниот амбасадор на Федеративна Република Бразил го искажа задоволството од досегашните пријателски и дипломатски односи кои беа воспоставени меѓу двете држави во 1998 година.

Амбасадорот Вашингтон Луис Переира де Соуса Нето истакна дека за време на неговиот мандат ќе направи се што е во негова моќ за натамошно зацврстување на блиските билатерални односи и унапредување на соработката во сферата на трговијата, економијата и културата.

Претседателот Иванов посакувајќи му искрено добредојде и успешно водење на оваа високо ценета мисија на амбасадорот Вашингтон Луис Переира де Соуса Нето, изрази задоволство од досегашниот развој на односите на пријателство меѓу двете земји како и искрена благодарност за принципиелната употреба на уставното име на нашата земја од страна на Федеративна Република Бразил, како во билатералните односи така и на меѓународен план.

Претседателот на Република Македонија го искажа своето уверување за натамошно продлабочување на одличните односи на меѓународен план кои ќе бидат надополнети со унапредување на взаемната соработка во сите области од заемен интерес, особено на полето на економијата и културата.

Проштална средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација Никол Вирш
Петок, 29 Октомври 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. г-ѓа Никол Вирш.

На средбата, Претседателот на Република Македонија искажа благодарност до Н.Е г-ѓа Никол Вирш за нејзиниот придонес во продлабочувањето на билатералната соработка меѓу двете земји која резултираше и со прва официјална посета на Швајцарската Конфедерација.

Претседателот на Република Македонија ја изрази својата благодарност од соработката во економската сфера, но и за финансиската и техничката помош која Швајцарската Конфедерација несебично и ја дава на Република Македонија од нејзиното осамостојување преку Швајцарската агенција за развој и соработка.

Соработка која се интензивираше и на мултилатерален план како резултат на швајцарското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа. Претседателот Иванов го истакна своето задоволство од високиот степен на пријателство и соработка меѓу двете земји во сите области од заемен интерес кои имаат големо значење за Република Македонија. Големиот број на македонски иселеници кои сѐ поактивно се вклучуваат во структурите на општествениот живот како и во бизнис сферата во Швајцарија, претставува уште еден поттик повеќе за продлабочување на меѓусебната соработка.

Проштална средба со амбасадорот на Руската Федерација Владимир Солоцински
Петок, 29 Октомври 2010


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими Амбасадорот на Руската Федерација Н.Е. г-дин Владимир Солоцински.

На срдечната средба Претседателот на Република Македонија му заблагодари на Амбасадорот на Руската Федерација за неговата досегашна посветеност во продлабочувањето на соработката и стратегиските односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов на средбата истакна дека е задоволен од придвижувањето на соработката меѓу двете земји во сферата на економијата, надминувањето на бирократските препреки кои доведоа до нови инвестиции од страна на ЛУК ОИЛ, заокружувањето на клириншкиот долг и секако актуелните разговори за приклучување на Република Македонија во проектот Јужен тек кој ќе допринесе за долгорочна енергетска стабилност во државата.

Претседателот на Република Македонија го изрази неговото задоволството од иницијативата за потпишување на Договорот за пријателство и соработка, чие усогласување е во тек. Договор кој претставува уште една потврда за досегашната соработка меѓу двете земји не само во политичкиот и економскиот дел туку и во сферите на културата, уметноста и образованието.

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 178 од 198