|
Проштална средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација Никол Вирш
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. г-ѓа Никол Вирш.
На средбата, Претседателот на Република Македонија искажа благодарност до Н.Е г-ѓа Никол Вирш за нејзиниот придонес во продлабочувањето на билатералната соработка меѓу двете земји која резултираше и со прва официјална посета на Швајцарската Конфедерација.
Претседателот на Република Македонија ја изрази својата благодарност од соработката во економската сфера, но и за финансиската и техничката помош која Швајцарската Конфедерација несебично и ја дава на Република Македонија од нејзиното осамостојување преку Швајцарската агенција за развој и соработка.
Соработка која се интензивираше и на мултилатерален план како резултат на швајцарското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа. Претседателот Иванов го истакна своето задоволство од високиот степен на пријателство и соработка меѓу двете земји во сите области од заемен интерес кои имаат големо значење за Република Македонија. Големиот број на македонски иселеници кои сѐ поактивно се вклучуваат во структурите на општествениот живот како и во бизнис сферата во Швајцарија, претставува уште еден поттик повеќе за продлабочување на меѓусебната соработка.
|