Новости
Честитка до новоизбраниот Претседател на Република Косово Беџет Пацоли
Среда, 23 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска упати писмо со честитка до новоизбраниот Претседател на Република Косово, Беџет Пацоли.


Претседателот Иванов посакувајќи успешно извршување на одговорната функција, добро здравје и лична среќа до Претседателот Пацоли упати најсрдечни честитки по повод изборот на функцијата Претседател на Република Косово.


Верувам дека во периодот што претстои со заеднички ангажмани ќе ги негуваме и јакнеме односите на пријателство меѓу нашите две земји и ќе придонесуваме за продлабочување и интензивирање на соработката меѓу Република Македонија и Република Косово во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на регионален и мултилатерален план. Со тоа ќе дадеме придонес кон визијата која ја споделуваме за стабилен и просперитетен регион со евро-атлантска иднина, се вели во пимото од Претседателот Иванов до Претседателот Пацоли.

Отворање на Народна канцеларија во Тетово
Недела, 20 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на отворањето на Народната канцеларија во Тетово. Оваа е втора канцеларија од проектот „Народни канцеларии на Претседателот на Република Македонија“. Основната цел е преку овие канцеларии Претседателот на Република Македонија да има постојана и однапред утврдена динамика на средби со граѓаните и да биде во постојан контакт со проблемите со кои тие се соочуваат, заради покренување иницијативи за нивно решавање.

Претседателот Иванов на свеченото отворање пред граѓаните на Тетово истакна дека сите претставки, барања и идеи што ќе пристигнат во Народната канцеларија ќе бидат разгледани од Кабинетот, по што тие ќе бидат доставени до надлежните институции, а одговорот ќе биде вратен назад на граѓаните. На тој начин овозможуваме политичкиот систем да функционира за граѓаните и тие да имаат место каде што ќе може да се обратат и да веруваат дека нивниот глас се слуша кај претседателот, дека претседателот има увид во сето она што тие го бараат, го поднесуваат или иницираат, подвлече Претседателот Иванов на отворањето на Народната канцеларија во Тетово.

Во тетовската народна канцеларија се вработени волонтери кои ќе се менуваат на неколку месеци со цел поголем број млади и образовани луѓе да стекнат искуство за контакт со граѓаните. Локацијата на народната канцеларија во Тетово е на ул. „Борис Кидриќ“ Ламела 54, Кула 1.

Официјална посета на Р.Словенија
Вторник, 15 Февруари 2011


Со највисоки почести на церемонијалниот пречек започна дводневната посета на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Р.Словенија. Односите меѓу Македонија и Словенија се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, но потребно е интензивирање на економската соработка, оценија претседателите на двете држави Ѓорге Иванов и Данило Тирк по  средба во Брдо кај Крањ.

Двајцата претседатели разговараа за прашања поврзани со европските иницијативи особено за вклучување на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, како и за можноста Јадранската магистрала да се поврзе со коридорите 8 И 10.

Од македонска страна исто така е побарано словенечките искуства да се применат во искористувањето на средствата од европските претпристапни фондови.

 


На средбата станало збор и за македонско-грчкиот спор за името при што од македонска страна е побарана поддршка за еднаков третман на овој спор со оној на Словенија и Хрватска, односно независно од решавањето на проблемот да течат евроинтегративните процеси на Макеоднија.
Во тој контекст словенечкиот претседател ги поздрави почестите средби меѓу македонскиот и грчкиот премиер, но истовремено апелираше дека би било добро да се изнајде решение за името пред да биде донесена одлуката од Меѓународниот суд на правдата во Хаг по тужбата на Макеоднија против Грција.

Според него, вклучувањето на Македонија во Европската унија и НАТО е во интерес на сите затоа што Македонија е значен фактор за стабилноста на Балканот и на цела Европа.

Претседателот Иванов нагласи дека за Македонија е неопходно што е можно побрзо да се најде решение за името за да може поинтензивно да продолжат евроинтегративните процеси на државата.

- Објективна оценка е дека Македонија ги спроведува успешно реформите, но нејзиниот евроинтегративен процес е попречен. Затоа бараме решение, не утре, туку денес. Бараме решение кое ќе биде заемно прифатливо и во согласнот со меѓународните права и принципи, рече Иванов.

Во присуство на двајцата претседатели беше потпиешан Протокол за соработка во областа на високото образование со кој се овозможува стипендирање на македонски  студенти на словенечките универзитети и обратно. На првиот ден од официјалната посета претседателот Иванов се сретна и со премиерот Борут Пахор, со потпретседателот на словенечкиот Парламент Миран Покрч, како и со градоначалникот на Љубљана Зоран Јанковиќ.
Дводневната официјална посета на претседателот Иванов се поклопува со одбележувањето на 20-годишнината од осамостојувањето на двете држави.

 

 

За празникот Св.Трифун во Валандово
Понеделник, 14 Февруари 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски и претставници на дипломатскиот кор во Македонија,  присуствуваше на традиционалното закројување на лозјата во чест на Св. Трифун на плантажата „Пирава“ на винаријата „Визба“ во Валандово. По свечената црковна церемонија  и со симболичното закројување на младите лозови фиданки претседателот Иванов на лозарите им посака добар род и благо грозје .

- Во духот на нашата традиција на овој ден се закројуваат лозјата. Им посакуваме на лозарите бериќетна година, а на винариите квалитетна, изјави пред присутните претседателот Иванов.

-Денеска сум на плантажите во оваа котлина каде што е мојот роден крај, каде често присуствував на ваквите одбележувања како студент, но и како средношколец. Мило ми е да се видам со луѓето кои ги познавам и со кои го поминав детството, рече претседателот Иванов.

 


Делегацијата високи гости, која ја предводеше претседателот Иванов, меѓу кои Амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. г-дин Шчербак Олег Николаевич, Амбасадорот на Франција, Н.Е. г-дин Жан Клод Шлумберже, Амбасадорот на Обединетото Кралство, Н.Е. г-дин Кристофер Ивон, Амбасадорот на Р.Унгарија, Н.Е. г-дин Ференц Кекеши, како и в.д.Амбасадор на Р.Хрватска г-дин Стјепан Глас ги посетија и погоните на винаријата „Визба“ каде беа запознаени со производните достигнувањата на овој најголем винарски погон во југот на Македонија.
Менаџерката на „Визба-Валандово“, Вита Хузјан, заедно со тимот енолози ги претставија пред присутните своите производи, меѓу кои и шесткратниот носител на златни саемски медали, и вторпласираниот во светската селекција на вина, виното „Александар“.

Официјална посета на Чешката Република
Вторник, 08 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република, на покана на чешкиот Претседател Вацлав Клаус.

Претседателот Иванов оствари средба со Претседателот Клаус на која се разгледаа меѓусебните односи на двете земји при што ги оценија како добри, без отворени прашања, но со можност тие да се продлабочуваат, особено во економската сфера. Не е доволно да се негува пријателството само на ниво на претседатели и влади, туку тоа треба да се продлабочува на повеќе полиња, особено на економски план, изјави Претседателот Клаус по средбата. Претседателот Иванов изјави дека во таа насока е и денеска потпишаната спогодба за соработка во областа на образованието, науката, од која корист ќе имаат младите генерации на двете земји на кои ќе остане да го продлабочуваат заемното пријателство.


Чешката Република ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија.  Жал ни е што евроинтеграциите се попречени од друг, што не е добро. Мислиме дека е недостојно вака важни прашања да бидат блокирани поради спорот за името од страна на Грција. Треба да се почитува името на државата, онакво какво што е, и какво таа ќе си го одреди, изјави Претседателот на Чешката Република Вацлав Клаус и додаде дека Европската унија со улогата што ја има денес, не смее да седи по страна и немо да набљудува додека Грција ја спречува Македонија во нејзините евроинтеграции. Претседателот Клаус подвлече дека е обврска на ЕУ да се потруди да најде некакво решение, кое ќе биде паметно и прифатливо.



Претседателот Иванов се согласи со Претседателот Клаус дека е потребно побрзо решавање на дводеценискиот спор што Грција го има со нашето име, поради што смета дека ЕУ би можела да го примени моделот за решавање на хрватско-словенечкиот билатерален спор и да нема двојни аршини за различни земји. Во контекст на процесот кој се води под покровителство на ОН, Претседателот Иванов во пресрет на утрешната средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот и македонскиот претставник, изрази очекување дека таа ќе биде конструктивна. Македонија во процесот што се води во рамките на ОН секогаш била конструктивна и така приоѓала на сите предлози и сугестии и особено го почитувала мислењето на посредникот Метју Нимиц. Македонскиот претставник утре ќе ги пренесе ставовите на државниот врв. Ние навистина очекуваме овој дводецениски спор да има разрешница, бидејќи поради него ние сме блокирани и за членство во НАТО и во ЕУ, рече Претседателот Иванов.

Средба со лидерите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија
Понеделник, 07 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска организираше средба на која присуствуваа Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и лидерите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија.

Повод за свикување на оваа средба беше отворен разговор за актуелните настани на политичката сцена со особено внимание врз функционирањето на демократските институции.

Претседателот Иванов го оцени како позитивно присуството на лидерите кои учествуваа на средбата. Секако дека сите не можеме да имаме исти ставови, исти позиции за точките кои беа на дневен ред. Тоа укажува дека во услови на демократија секој ги застапува своите ставови, но исто така е и одговорен за своите позиции и постапки, изјави Претседателот Иванов по средбата. Претседателот оцени дека е добро што се отвориле прашањата и што се разговарало за нив и рече дека преку политички дијалог треба да се дојде до решенија. Целта беше преку отворен дијалог на сите релевантни политички субјекти во државата да се најде решение и да може сите институции да функционираат со полн капацитет, изјави Претседателот Иванов.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по средбата изјави дека искажал подготвеност во Парламентот да се разговара за сите прашања и повторно апелираше пратениците да се вратат во Собранието. Ги замолив сите политички лидери да придонесат со својата активност пратениците да се вратат во Собранието, да разговараме за сите оние прашања кои се предмет во надлежност на Собранието на Република Македонија. Не смеам и не сакам да дозволам Собранието да биде заложник на работата на другата власт, како што е судската власт, изјави Вељаноски. Претседателот на Собранието ја прифати препораката на Претседателот Иванов, низ институционален разговор во рок од еден месец да се детектираат проблемите од надлежност на Собранието. Истовремено апелирав пратениците да се вратат во Собранието и да продолжиме со редовното работење бидејќи тоа им го должиме на граѓаните, изјави Вељаноски и додаде дека со институционално решавање на проблемите ќе испратиме силна порака и до граѓаните и до меѓународната заедница.


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата на Република Македонија Никола Груевски по средбата нагласи дека опозицијата не сака предвремени избори. Ни беше укажано дека не сакаат да разговараат за избори доколку не се прифати предусловот Владата да се вмеша во судството и да се вмеша кај обвинителот. Дури и да дојде до избори опозицијата би ги бојкотирала, изјави Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека од опозицијата сметаат оти е легално Владата да влијае на судството и обвинителот да ги повлече сите негови барања од судот и дека се додека тоа не се случи нема да одат на избори. Тоа е уште еден аргумент дека сето ова се случува не за да се предизвикаат предвремени избори, туку случајно да не дојде до предвремени избори по иницијатива на партиите кои се во власта. Нагласија дека доколку не се оствари предусловот за вмешување во судството и доколку дојде до избори под било какви околности тие би ги бојкотирале, што значи би направиле нова штета на државата, изјави премиерот Груевски. Очекуваме опозицијата да се врати во нормалните текови на работење, да престане на овој начин да прави штета на државата и на сите граѓани. Ваквото нејзиното однесување ќе донесе штета на целата држава, за евроатлантските интеграции, за извештаите, како и за имиџот на Република Македонија, порача Груевски и нагласи дека единствен одговорен потег во овој момент би било да ја прифатат иницијативата на државата, прифатена и од Претседателот на Собранието и по нормален тек да се расправа за сите работи.

Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека лидерската средба била неуспешна. Добро е што се одржа оваа средба, лошо е што заврши без резултат, истакна Црвенковски и најави дека доколку не се исполнат нивниот предуслов и познатите услови, нема да се вратат во Собранието на Република Македонија. Според лидерот на СДСМ дискусијата за време на средбата била фокусирана на прашањето дека извршната власт не може и не сака да се меша во работењето на независното судство. Целиот процес на пресметка или откривање на криминалот ако го има во фирмите на „Перо Наков“ тргна со политичка одлука на премиерот. Токму затоа што тој ја донесе политичката одлука и се замеша во независноста на судството, сега е одговорен да се надмине целата ситуација. Тоа јасно го соопштивме и повторивме дека тоа е предуслов за воопшто да се разговара за другите прашања и за наше евентуално враќање во Собранието, изјави Црвенковски. Лидерот на СДСМ како неточни ги отфрли информациите дека СДСМ не сака предвремени парламентарни избори. Сепак, за тоа да се случи бара измени во Изборниот законик, прочистување на избирачкиот список, како и уставен амандман за оневозможување на министерот за правда да биде член на Судскиот совет и на Советот на обвинители. Како нефункционален, Црвенковски го оцени предлогот на Претседателот Иванов за формирање собраниска анкетна комисија која за месец дена би ги проверила сите наоди и би ги соопштила резултатите на Парламентот.

Претседателот на Либерално-демократската партија Јован Манасијевски по средбата изјави дека побарал веднаш да се распишат предвремени избори, но оти не видел расположение за такво нешто ниту кај власта, ниту кај опозицијата. Лидерот на ЛДП оцени дека средбата била целосно неуспешна и оти немало никакви поместувања ниту од страна на владејачките партии ниту од страна на опозицијата.

Лидерот на Нова Демократија Имер Селмани изјави дека власта нема чувство за дебата и да се бара решение за она што е спорно. Теми за кои треба да се разговара според него се пописот, црквата што се гради на скопско Кале и за барања врзани за Уставот.

На средбата која се одржа во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија присуствуваа сите поканети учесници, освен претседателот на ДПА Мендух Тачи.

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 173 од 198