Новости
Поддршка за иновациите и новите пронајдоци - Средба на Претседателот Иванов со Сојузот на пронајдувачи (СПАТУМ)
Вторник, 05 Април 2011


Иновациите го движат општеството кон напредок, го олеснуваат животот на луѓето и ги совладуваат препреките и предизвиците. Имајќи го предвид огромното значење на новите пронајдоци, Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со дел од членовите на Сојузот на пронајдувачите и авторите на техничките унапредувања на Македонија (СПАТУМ), кои ги презентираа своите достигнувања и постигнати резултати. Основната цел на овој Сојуз е да ја промовира иноваторско-пронаоѓачката дејност, креативното творештво и техничката култура во компаниите, образовните установи, организациите и пред граѓаните на Република Македонија.

Претседателот Иванов ја поздрави неуморната иницијатива на иноваторите од Македонија, потенцирајќи го нивниот неспорен придонес за заживување и унапредување на економијата во земјата. Тој ја изрази својата поддршка за нивните пронајдоци, честитајќи им на сите досегашни успеси.

„Македонските пронајдувачи се едни од најугледните и најголемите амбасадори на нашата земја во светот, за што сведочат многубројните добиени награди и признанија на меѓународно ниво. Нивната работа покажува дека идејата и креативноста се најголемиот капитал на едно општество и најголем двигател на развојот. Затоа им е потребна поддршката од сите нас,“ изјави Претседателот Иванов.

Секоја година СПАТУМ  ја организира традиционалната Меѓународна изложба на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво на млади МАКИНОВА. Оваа манифестација им овозможува на граѓаните поблиску да се запознаат со новите пронајдоци, но и да ги презентираат своите проблеми за кои македонските иноватори ветуваат дека ќе се најде соодветно решение.

„Сојузот ја понесе задачата да придонесе кон економскиот и техничко-технолошкиот развој на нашата држава. Ја имаме поддршката од Претседателот и од Владата да продолжиме со нашата работа. Доколку пронајдувачот е задоволен и успее со својот пронајдок да оствари приход, тоа ќе има позитивни ефекти за сите нас,“ изјави Коља Асенов, Секретар на СПАТУМ.

Од основањето на Сојузот во 1957 година до денес, регистрирани се над 11,300 пронајдоци. Од 1996 година СПАТУМ е редовен член на International Federation of Inventors Associations – IFIA со седиште во Женева, а од 2002 година е редовен член и на Извршниот комитет. IFIA во својата анализа во 2003 година за активноста и творештвото на земјите членки, од вкупно 108 асоцијации го рангираше СПАТУМ на 13-то место по иновации применливи во стопанстовото.

Согласно податоците од Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија, во нашата држава има 50 иноватори кои се активни поднесувачи на пријави за патенти и кои имаат добивано признанија за својот пронајдувачки труд во и надвор од границите на Република Македонија.

Иванов: Очекуваме изборите да поминат во најдобар ред
Четврток, 31 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оцени дека најавата за учество на сите политички партии на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржа на 5 јуни годинава е добро за државата. Претседателот, во изјавата која ја даде по посетата на Кочани и Македонска Каменица, додаде дека очекува изборите тие да поминат во најдобар ред и ги осуди сите најави за било какви попречувања и насилства.
- Радува фактот што сите политички партии прифатија да учествуваат на изборите. Ова е добро и за демократијата, и за граѓаните, бидејќи тие имаат право на избори. Очекуваме овие избори да поминат во најдобар тек, затоа што тоа доликува на земја која 20 години е во демократија. Треба да се осуди секоја најава за какви било попречувања и насилства. Затоа апелирам до сите граѓани на Македонија дека треба да овозможат овие избори да поминат во најдобар тек, бидејќи тоа е услов за позитивен извештај од ЕУ - изјави денеска претседателот Иванов.
Одговарајќи на новинарско прашање, Претседателот посочи дека очекувал одлуката за учество на избори да биде донесена уште на лидерските средби.
Запрашан за коментар во врска со информациите дека Кабинетот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, исплатил сума од над 530.000 евра на фирмата за комуникациски менаџмент „Пристоп МК“, за организација на Охридскиот самит на претседатели во 2008 година, Иванов порача дека за случајот надлежните институции треба да постапат согласно своите овластувања.
При посетата на Каменица, во кругот на рудникот Саса, Претседателот Иванов засади дрво, во чест на масовната акција Ден на дрвото.

Претседателот во посета на рудникот "Саса"
Четврток, 31 Март 2011
Конференција за искористување на геотермалната енергија во Република Македонија
Четврток, 31 Март 2011


Под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Кочани се одржа конференција за геотермалните води „Геотермалната енергија во Република Македонија - кочанска депресија“ на која со свои научни трудови учествуваат професори - научни работници од Универзитетот „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“. Претседателот Иванов обраќајќи им се на присутните истакна дека Република Македонија се наоѓа во еден од 19-те геотермални региони на планетата, среќна околност што ја немаат многу држави.
- Во Македонија досега се евидентирани над 25 природни извори на геотермални води со температура поголема од 21 степен Целзиусов. Од нив познати се 18 локалитети со термални бањи чии води рационално се користат во повеќе намени. Геотермалниот потенцијал на Република Македонија се повеќе го подгрева интересот за негово искористување во производство на електрична енергија. Засега на ниво на цела планета искористени се само пет проценти од геотермалниот потенцијал или 10.700 мегават-часови од можни 67.000 гигават-часови. Според Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година, од геотермалните води,  треба да се произведуваат од 400 до 440 гигават-часови електрична енергија, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов, зборувајќи за потенцијалите на геотремалната енергија рече дека ги охрабрува стопанствениците и градоначалниците да бидат инвентивни, да инвестираат и да бидат првите кои ќе го освојат овој пазарен простор кој го нуди алтернативниот туризам. 
На конференцијата беше промовирано делото „Геотермалната енергија во Македонија - кочанска депресија“ во кое се застапени научните трудови на проф. д-р Тодор Делипетров, проф. д-р Славе Арменски, проф. д-р Ристо Фотев, проф. д-р Билјана Ангелова и проф. д-р Зоран Панов. На презентацијата „Геотермалната енергија во Македонија - кочанска депресија“ присутвуваа  стопанственици во Македонија и инвеститори од странство, како и амбасадорите на Полска, Австрија, БиХ, од Словенечката амбасада во Скопје и Светска банка.

Постхумно одликуван Никола Кљусев со Орден ‘’8 Септември’’
Понеделник, 21 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска постхумно го одликуваше академик Никола Кљусев, Претседателот на првата експертска Влада на Република Македонија, со Орден ‘’8 Септември’’ за исклучителен придонес за остварувањето на независноста, сувереноста, самостојноста, териоторијалниот интегритет на Република Македонија и јакнењето на нејзината меѓународна положба и углед.

Остварувањето на државноста не беше лесен процес. Тој бараше храброст, волја и решителност. Благодарение на лидерството на Никола Кљусев се поставија темелите  и столбовите на независна Македонија. Се создаде македонска национална валута, македонска полиција, македонска армија. Во премрежните мигови, кога низ бившата југословенска федерација се разгоруваше воен конфликт, Македонија успеа да ја оствари својата независност и територијална сувереност издејствувајќи мирољубиво повлекување на тогашната југословенска армија, нешто што не беше случај во другите републики, рече Претседателот Иванов во говорот по повод одликувањето на академик Кљусев.


Претседателот Иванов истакна дека Орденот 8 Септември е можност да се заблагодариме на една од најзначајните личности од поновата македонска историја, за сиот негов придонес во градењето и афирмирањето на Република Македонија како демократска, суверена и независна држава. Она за што Никола Кљусев го посвети својот живот, веќе 20 години е реалност. Но, нашиот пат не застанува тука. Она што го започнаа Никола Кљусев и плејадата негови современици, мора да биде достојно продолжено. На нашите граѓани мораме да им обезбедиме просперитет и напредок. Иднината на Македонија е во целосната интеграција во евроатлантските структури, што ќе го гарантира нашиот просперитет и ќе го забрза економскиот развој. И покрај блокадите и непринципиелните опструкции на тој пат, ве уверувам дека ќе истраеме и ќе ја оствариме целта, рече Претседателот Иванов кој во присуство на голем број гости, членови на тогашната и актуелната Влада и на семејството на Никола Кљусев, високото одликување му го врачи на неговиот син Људмил Кљусев.


Људмил Кљусев се заблагодари за наградата и рече дека го радува фактот што се продолжува делото на неговиот татко  и се оди по патот што тој го зацртал.  Се присети на првите години кога, како што рече, се градел костурот на македонското државно уредување. Обраќајќи им се на присутните министри од преодната Влада, истакна дека тие како членови на реформаторската Влада ја направиле македонската Перестројка. Вие го донесовте македонскиот Устав, вие ги покажавте македонските пари, вие излеговте надвор на 8 Септември во Скопје, се разбира со него, ја пеевте македонската химна, го отворивте шампањското. Во деновите на тогашна Македонија, кога над нас стоеше федералната влада на тогашна Југославија, не му беше лесно на Кљусев да и каже не и збогум на армијата. Тој, заедно со неговиот сограѓанин и другар од детството, министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков, влетаа во касарните на тогашна ЈНА, ја одзедоа документацијата и ги повикаа македонските синови да се борат за Македонија. За тоа требаат храбри мажи..., рече Људмил Кљусев, кој зборуваше и за ангажманот на неговиот татко како министер за одбрана и за неговите заложби на економски план.

Средба со водачите на најрелевантните политички партии во Република Македонија
Недела, 20 Март 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска организираше средба на која присуствуваа
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија Бранко Црвенковски, Претседателот на Демократската Унија за Интеграција Али Ахмети и Претседателот на Нова Демократија Имер Селмани.

Повод за одржување на средбата беше продолжување на политичкиот дијалог и на дискусијата за одржување на предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе имаат можност да гласаат за широк избор на политички опции. Претседателот Иванов смета дека ова е период во кој водачите на политичките партии треба да го дадат својот целосен придонес во оваа насока.

Лидерите договорија прочистувањето на избирачкиот список да се направи во рок од 30 дена, во избирачките одбори да членуваат по двајца преставници од власта и опозицијата плус еден член од администрацијата, двете барања на СДСМ, додека по барање на Нова Демократија ќе се изврши ревидирање на границите на шестата изборна единица, која по бројот на гласачи отстапува повеќе од законски дозволените пет отсто споредено со останатите единици.


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по средбата изјави дека се работи за условно прифаќање на барањата на СДСМ кои би се спровеле само во случај на нивно учество на изборите. Денеска се фокусиравме на тие четири барања, за кои што тие кажаа дека им биле поважни и од тие прифативме условно две. Условно доколку СДСМ оди на избори. Доколку не оди на избори, тогаш нема да ги прифатиме зошто имаме сериозни аргументи против, рече Груевски.


Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека остануваат на четирите барања, вклучувајќи и донесување на закон за рамномерно распределување на средствата за јавни кампањи и деблокирањето на сметките на А1 Телевизија. Апсолутно не се враќаме во Собранието додека условите не бидат исполнети, додека не се постигне договор, додека не се постигне консензус околу изборните правила. Останува одлуката и за бојкот на парламентот и за бојкот на изборите доколку не се прифатат неопходните услови за фер и демократски избори, рече Црвенковски.



Претставниците на партиите од албанскиот блок средбата ја оценија продуктивна и изразија очекување дека позитивната атмосфера ќе резултира и со поконретни решенија. Мислам дека имавме продуктивна, конструктивна средба. Сите страни ги искажаа своите позиции за да заеднички дојдеме до решение, изјави Али Ахмети, Претседателот на ДУИ. Придонесот што го дадов е во насока да се направи добар закон, кој што ќе гарантира фер, демократски, транспарентни избори изјави Имер Селмани, Претседателот на Нова Демократија.

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 171 од 198