Новости
Учество на Националниот молитвен појадок во Вашингтон
Четврток, 03 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на 59-тиот Национален молитвен појадок што го организира американскиот Конгрес во Вашингтон.

Во Америка навистина имаме искрен пријател кој ги почитува сите активности што се направени од наша страна за да ги оствариме нашите НАТО аспирации. Се гледа нивната посветеност да придонесат секаде каде што можат за конечно да се најде некое решение за Македонија да ги ужива привилегиите од членство во НАТО, а не само да ги има сите обврски, оцени Претседателот Иванов.

На сите средби со претставници на американската администрација е потенцирано дека Македонија заслужува да биде во НАТО и оти со тоа што се случи на Самитот во Букурешт е сторена една голема неправда. Се надеваме, како што се одвиваат состојбите, дека на некој начин ќе се најде решение. Секоја наша посета, сите средби се токму во функција да се дојде до решение, рече Претседателот Иванов.


На средбите со сите соговорници, девет сенатори и неколку конгресмени кои се добро информирани за се што се случува во целиот наш регион и во Македонија, е разговарано и за актуелните настани во државата и на Балканот, но и за состојбата во Египет за што целосно е мобилизирана американската администрација.

Неформални средби со претставници на администрацијата на САД, на кои станало збор за состојбата во регионот и македонското членство во НАТО низ призмата на спорот за името, Претседателот Иванов имаше и на маргините на молитвениот појадок каде што пред околу три илјади гости од цел свет беше претставен како Претседател на Република Македонија.

На појадокот од Македонија оваа година присуствуваа и министрите за култура и за животна средина Елизабета Канческа - Милевска и Неџати Јакупи, пратениците Влатко Ѓорчев и Христина Рунчева од ВМРО-ДПМНЕ и Славица Гркова од СДСМ, Вилма Трајковска, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски и претседателот на Врховниот суд Јово Ангеловски.

Средби во Вашингтон
Среда, 02 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Вашингтон оствари средби со директорот на волонтерската организација Мировен корпус Арон Вилијамс, со сенаторите Бернард Сандерс, Патрик Лехи, Џим де Минт и Џин Шахин, и со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора.

На средбата со директорот на волонтерската организација Мировен корпус Арон Вилијамс, Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што Македонија ја добива од оваа влијателна организација. Претседателот Иванов го покани Вилијамс на посета во Македонија во текот на следната пролет, на која ќе му биде врачен Орден за заслуги на Република Македонија. На врачувањето ќе бидат поканети сите досегашни волонтери на мировниот корпус кои служеле во Македонија. Во моментов во Македонија има 76 волонтери на Мировниот корпус, а нови 40 треба да пристигнат во земјата во септември и да помагаат во развојот на невладиниот сектор. Се смета дека повеќе од 200 Американци во рамки на Корпусот служеле како волонтери од почетокот на програмата во Македонија во 1996 година. Мировниот корпус е формиран со извршна наредба на американскиот Претседател Џон Кенеди во 1961 година. Оваа државна агенција работи на промоција на мирот и партнерството во светот. Од формирањето, вкупно 200.000 лица служеле како волонтери на Мировниот корпус за подобро разбирање меѓу Американците и граѓаните од 139 држави во светот.


Претседателот Иванов оствари средби со сенаторите Бернард Сандерс, Патрик Лехи, Џим де Минт и Џин Шахин на кои се разговараше за актуелните настани во државата и на Балканот и за македонското членство во НАТО низ призмата на спорот за името.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора, организација која со години ги застапува интересите на Република Македонија во светот и помага за одржување на врските меѓу татковината и Македонците кои живеат во странство.


Претставниците на ОМД на Претседателот Иванов му ги претставија нивните активности за информирање на претставници на американската администрација, конгресмени и сенатори, за важноста на интегративните процеси за Македонија. ОМД го информираше Претседателот Иванов и за соработката на организацијата со други, сродни организации во Вашингтон. Претседателот Иванов информираше за тековните случувања поврзани со приоритетите на нашата татковина, а особено внимание посвети на проблемот кој Република Грција го има со името на Република Македонија кој ги попречува интегративните процеси со Европската Унија и НАТО. Членовите на ОМД високо ја оценија иницијативата на Претседателот за редовни контакти на лидерите на политичките партии во Македонија, и оценија дека во интерес на Македонија не смее да се влошуваат односите меѓу партиите.

Работна посета на Вашингтон, учество на Националниот молитвен појадок
Вторник, 01 Февруари 2011


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во тридневна работна посета на Вашингтон, каде што в четврток ќе присуствува на 59-тиот Национален молитвен појадок што го организира американскиот Конгрес.

Претседателот Иванов денеска имаше обраќање пред Атлантскиот совет во Вашингтон на тема „Зошто на Македонија и е потребно членство  во НАТО и зошто Македонија му е потребна на НАТО“.


Претседателот Иванов изјави дека желбата за членство во НАТО е фактор кој го обединува целото македонско општество, независно од етничката, верската и политичката припадност. За тоа зборува и фактот дека над 90 насто од македонските граѓани го поддржуваат членството на Македонија во Алијансата, подвлече Претседателот Иванов и оцени дека односите меѓу Алијансата и Македонија се цврсти затоа што се темелат на взаемна доверба и на повеќе од деценија блиски контакти кои имаат нагорен тренд. Се надевам дека наскоро ќе кулминираат со нашиот заслужен влез во НАТО, истакна Претседателот Иванов.


Осврнувајќи се на прашањето зошто Македонија му е потребна на НАТО, Претседателот Иванов нагласи дека не може да има стабилна Европа без стабилна Југоисточна Европа. Лекциите од минатото покажаа дека не може да има стабилна Југоисточна Европа без стабилна Македонија, а долгорочната стабилност на Македонија зависи од нејзиното членство во клубот на демократски, просперитетни и евро-атлантски нации, рече Претседателот Иванов, додавајќи дека без македонска безбедност и стабилност, безбедноста и стабилноста на Балканот, на регионот на ЈИЕ е тешко замислива.


Со членството на Македонија во НАТО, Претседателот Иванов смета дека би се затворил безбедносниот вакуум кој постои и подвлече дека би биле чекор поблиску кон остварување на своите цели - Европа, цела и слободна, Европа која ги споделува истите вредности.


Претседателот Иванов укажа на фактот дека во моментов Република Македонија е еднаква по обврските со сите земји-членки на НАТО, но не и по правата и привилегиите што ги носи членството на Алијансата. И сето тоа, нагласи Претседателот Иванов, поради еден ирационален спор. Силно веруваме дека низ дијалог, со зајакната доверба и подобро разбирање, ќе дојдеме до взаемно прифатливо решение. Ние сме подготвени, но потребна ни е и ваша помош, изјави Претседателот Иванов пред раководството на оваа угледна американска тинк тенк организација.

Претседателот Иванов изјави дека за Македонија, иако разочарана што и покрај исполнетите критериуми не успеа да стане членка на НАТО, Алијансата останува приоритет и во тој правец нашата агенда не може да биде засенета или запрена од однесување на една НАТО членка.





Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средби и со сенаторите Џон Мек Кејн и Џејмс Инхоф и со помошник државниот секретар Томас Кантримен.


Македонија мора што побрзо да го заземе своето заслужено место во НАТО, порача американскиот сенатор Џон Мек Кејн на средбата со Претседателот Иванов. Сенаторот Мек Кејн ги поздрави одличните односи меѓу Македонија и САД и ја нагласи важноста од членството во НАТО за регионалната стабилност и просперитет, како и улогата на Македонија и нејзиниот придонес за меѓународната безбедност. На средбата со македонскиот претседател, сенаторот изрази благодарност за македонската поддршка во воените мисии во Ирак и Авганистан.


Честитка за реизборот на Претседателот на Португалија
Четврток, 27 Јануари 2011


По повод реизборот на Анибал Кавако Силва за Претседател на Португалската Република, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати телеграма со честитка  -

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Португалската Република. Воедно, Ви упатувам искрени желби за успешно извршување на одговорната функција, добро здравје и лична среќа.

Длабоко сум убеден дека во периодот што ни претстои ќе го развиваме и зајакнуваме пријателството меѓу нашите две земји и народи. Верувам дека со заеднички ангажман можеме да придонесеме за продлабочување и интензивирање на односите и соработката меѓу Република Македонија и Португалската Република во сите сфери од заеднички интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Во таа насока, сакам да Ве уверам во мојата и на Република Македонија целосна подготвеност.

Со такво уверување, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

Израз на сочувство до рускиот Претседател Медведев
Вторник, 25 Јануари 2011


По повод нападот на аеродромот Домодедово во рускиот главен град Москва, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја упати следната телеграма со изрази на сочувство до Претседателот на Руската Федерација Дмитриј Медведев -


Почитуван господине Претседател. Со големо жалење ја примив веста за терористичкиот напад на аеродромот Домодедово и длабоко жалам за загубените животи и за човечките страдања од овој кукавички чин.

Нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Руската Федерација, но дозволете ми во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име да Ви упатам изрази на мое најискрено сочувство. Борбата против тероризмот, како најголемо зло на денешницата, нема алтернатива освен зајакната глобална соработка. Сите мора да се обединиме околу ваквите предизвици.

Ве молам, изразите на најдлабоко сочувство да ги пренесете до семејствата на настраданите и сакам да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас лично искрено жалиме за овој трагичен настан.

д-р Ѓорге ИВАНОВ

Претседателот организираше лидерска средба на повеќе теми
Петок, 21 Јануари 2011


Во ловната куќа на резерватот Јасен во близина на Катланово се одржа средба на претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, СДСМ Бранко Црвенковски, ДУИ Али Ахмети и Нова демократија Имер Селмани.
На средбата се расправаше за надворешно-политичките приоритети на Македонија, со акцент на интеграциите во НАТО и ЕУ и спорот за името, за препораките и приоритетите од Извештајот на Европската комисија, за одбележувањето на двата важни годинашни јубилеја - две децении од назависноста и 10 години од Рамковниот договор, како и за одржувањето на претстојниот попис.
За прашањето за името, кое веќе две децении не оптоварува и се користи за блокирање на македонските евро и евроатлантски интеграции, на средбата биле разменети мислења и споделени информации за актуелностите во спорот.
Премиерот Никола Груевски по средбата изјави дека информирал за средбите со грчкиот колега Јоргос Папандреу.
Прашан за македонската позиција за името, шефот на државата нагласи дека таа е позната и секаде искажана, односно оти решението теба да се бара во рамките на ОН и усвоените резолуции.
- Секое излегување од таа рамка, посегнување по нашиот идентитет, отворањето на прашањето за името и за нашиот јазик, на некој начин го попречува наоѓањето решение. Затоа ние секогаш на Нимиц му ги кажуваме нашите ставови дека мора да се држиме во рамките на резолуциите на ОН и тогаш е можно да се најде заемно прифатливо решение кое навистина ќе ги деблокира клучните процеси за нас - изјави Иванов.

 
Почеток < Пред 171 172 173 174 175 176 177 178 179 180 Следно > Крај
Страница 174 од 198