Официјална посета на Црна Гора
Среда, 03 Ноември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов претстојува во официјална посета на Република Црна Гора. На средбата со Претседателот на Република Црна Гора, Филип Вујановиќ беше потврдено високото ниво на пријателство и традиционална соработка меѓу двете земји.

Црна Гора има интерес што побрзо да се реши македонско-грчкиот спор за името и Македонија поскоро да влезе во НАТО и ЕУ бидејќи од тоа корист ќе има целиот регион, изјави црногорскиот претседател Филип Вујановиќ по  средбата со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов во Подгорица.

Двајцата претседатели, на средба во рамки на официјалната посета на Иванов на Црна Гора ги потврдија одличните билатерални односи, истакнувајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања.
Посетата на Претседателот Иванов ја доживуваме како средба на две пријателски држави кои немаат отворени прашања, туку само отворена идна соработка. Ги констатиравме и охрабривме одличните односи на сите нивоа и важно е дека повеќе спогодби за соработка се во завршна фаза, како спогодбите во однос на стабилизација и асоцијација со Европската унија и за заштита на инвестициите, изјави Претседтелот Вујановиќ по средбата.
Тој ја потенцираше извонредната соработка на министерствата за внатрешни и за надворешни работи и за одбрана и потпишаните спогодби за понатамошна соработка. Од октомври годинава, рече Претседателот Вујановиќ, врз основа на потпишана спогодба, питомци од Црна Гора се школуваат на Воената академија во Скопје. Сепак, економската соработка треба да се унапредува, а како главен услов за тоа е подобрување на сообраќајната инфраструктура. Исто така, соработуваме одлично и на патот кон ЕУ и НАТО, посочи црногорскиот претседател.
Претседателот Иванов рече дека претстои период кога мора да се зајакне економската соработка. Тој се согласи со црногорскиот колега дека проблем за тоа е недоволно развиената инфраструктура во регионот.

Приоритет на двете земји е влез во ЕУ и НАТО и на овој план сакаме да размениме искуства кои може да и бидат од корист на Црна Гора. Во однос на НАТО и ЕУ ги имаме завршено сите обврски, но поради спорот за името со Грција се уште не сме дел од двете организации. Во прилог е Европа да се однесува подеднакво кон сите земји-кандидати и со еднаков пристап како во случајот со Словенија и Хрватска, додаде Претседателот Иванов.
Тема на разговор беа и црковните проблеми на двете земји, при што двајцата претседатели потенцираа дека црковните прашања треба да се остават на црквата.
Во рамки на официјалната посета на Црна Гора македонскиот претседател се сретна и со премиерот Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието Ранко Кривокапиќ.
Претседателот Иванов  во Подгорица имаше средба и со претставници на Друштвото за македонско-црногорско пријателство.

  Back<<Назад