|
Стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на бизнис-администрација на Сити колеџ во Солун
|
|
Понеделник, 01 Ноември 2010
|
|
|
 Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во соработка со Министерството за образование и наука и Факултетот за меѓународни студии од Сити колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот Шефилд од Велика Британија, потпишаа Протокол за обезбедување 20 стипендии „Борис Трајковски“ кои им се доделуваат на најдобрите студенти за вонредни двегодишни постдипломски студии на Програмата за бизнис-администрација МБА.
Претседателот Иванов при потпишувањето на Протоколот за доделување на стипендиите изјави дека овие стипендии се дел од колективната мотивација и поткрепа која државата и општеството им ја дава на најдобрите студенти кои се истакнале со својата посветеност кон студирањето, за да продолжат по патот на успехот.
Претседателот Иванов истакна дека со потпишувањето на Протоколот ќе продолжи надградувањето на знаењата на нашите студенти, но и дека позитивно ќе влијае во градењето на односите меѓу нашите општества.
Директорот на Факултетот за меѓународни студии од Сити колеџот во Солун Јоанис Верверидис истакна дека со користење на стипендиите на корисниците ќе им се овозможи врвно образование во Програмата за бизнис-администрација наменета за студентите од целиот регион.
Создавањето и усовршувањето на млади научно-истражувачки кадри во областите кои ги нуди Програмата и нивното работно ангажирање по завршувањето на студиите, е една од мерките за превенција на „одливот на мозоци“ од државата, рече министерот за образование, Никола Тодоров.
|