|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на Италијанската Република во чии рамки се сретна со Премиерот на Италијанската Република, Силвио Берлускони и присуствуваше на концертот „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ организиран по повод 100 годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, под покровителство на градот Рим и на Република Македонија.
Италијанскиот премиер на едночасовната средба со македонскиот претседател изјави дека Италија е сериозен партнер и поддржувач на Македонија и ја изрази својата поддршка за македонските евроинтегративните процеси.
На средбата се разменија мислења за тоа како може Италија да биде од помош на сите земји во овие процеси што се одвиваат во овој регион и како може да помогне во придвижувањето кон ЕУ, не само на Македонија туку и на другите земји во регионот.
 Претседателот Иванов истакна дека Италија е искрен пријател и секогаш се обидува да застане на наша страна во евроинтегративниот процес и да помогне не само на Македонија туку и на целиот регион. Италијанскиот премиер изрази желба да го пренесе нашиот став во однос на прашањето за името со Грција и во оние инститиуции каде не сме присутни, подвлече претседателот Иванов.
На средбата се разменија информации и мислења и за можностите за натамошно јакнење на економските односи меѓу двете земји, и беше разговарано за можноста за учество на италијански компании на тендерот за ХЕЦ Чебрен и Галиште.
Македонкиот претседател и италијанскиот премиер подвлекоа дека податоците за директните инвестиции и трговската размена говорат дека има голема соработка со бизнис секторот и заклучија дека покрај економската, има добра соработка и со политичката италијанска сцена каде средбите се веќе во континуитет. Во тој контекст беше договорено политичкиот дијалог да продолжи, а беше договорена соработка на проектите кои се однесуваат на создавање на млади лидери чии покровители се претседателот Иванов и премиерот Берлускони.
 Претседателот Иванов во рамките на работната посета на Италијанската Република присуствуваше и одржа поздравно обраќање на концертот „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ организиран по повод 100 годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, под покровителство на градот Рим и на Република Македонија.
Манифестацијата „Десет ѕвезди за Мајка Тереза“ е голем музички и поетски спектакл во изведба на синфонискиот оркестар Нова Амадеус, под диригентската палка на Бруно Сантори, на кој беа презентирани 10 ѕвезди од италијанското музичко авторство, меѓу кои настапи и македонскиот тенор Благој Нацески.
Во поздравното обраќање Претседателот Иванов рече дека Република Македонија на светот отсекогаш му подарувала чеда кои со својата мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите. Мајка Тереза го одсликува на најсоодветен начин тоа што е традиција на Македонија, да се почитува различноста, да се живее во хуманост и да се почитува, подвлече Претседателот Иванов.
На настанот преку кратки-мини филмови, како и преку сведоштва на личности кои имале можност лично да ја запознаат, беше презентирано житието на блажената Мајка Тереза за кое се погрижија новинарите од РАИ. “Десет ѕвезди за Мајка Тереза” е проект на Фабрицио Силвестри, Лино Алечи и Лаура Муџупапа. На концертот „Десет звезди за Мајка Тереза“ присуствуваа кардиналот Тарчизио Бертоне, Државен секретар на Светата Столица и градоначалникот на Рим, Џовани Алемано.
|