Соопштенија
alt
Писмо до претседателот на ЕК Баросо: изоставувањето на придавката „македонски“ е навреда
Четврток, 13 Октомври 2011

Претседателот Ѓорге Иванов денеска испрати писмо до претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо во кое изразува незадоволство од изоставувањето и неупотребата на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2011.

 

Почитуван господине Баросо,

 

Срдечно поздравувајќи Ве, Ви упатувам искрена благодарност за Вашата лична и посветеноста на Европската комисија на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и на процесот на проширување на Европската унија, како најзначаен проект на нашиот континент.

 

Искрено жалам што по втор пат на овој начин Ви се обраќам за еден проблем, за кој чувствувам должност и обврска кон македонските граѓани како Претседател на Република Македонија. Сакам да искажам незадоволство од селективната примена на насоките на Обединетите Нации која се одразува и во извештајот на Европската комисија. Неколку пати имавме разговори на оваа тема и чувствувам обврска да го искажам повторно моето незадоволство од изоставувањето и неупотребата на придавката македонски во извештајот на Европската комисија.

 

Сигурен сум господине Баросо дека ви е јасно дека оваа практика длабоко ги навредува чувствата на македонските граѓани поради начинот на именување на јазикот и етничката припадност, кои се прашања на почитување на основните човекови права, и прашање на човечкото достоинство. Уште еднаш истакнувам дека ваквата практика не помага во напорите кои ги презема Република Македонија за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот спор со кој ќе се деблокираат евроатланските интеграции на мојата земја. Со ваквата практика, Европската комисија може дополнително да ја комплицира и онака сложената природа на наметнатиот спор бидејќи ги засега идентитетските одредници на македонскиот јазик и етничка припадност за кои е апсурдно да се разговара и кои не се вклучени во процесот за решавање на наметнатиот спор воден во рамките на Обединетите нации. 

 

Жалам што повторно сум принуден да го посочам овој проблем и покрај непобитниот факт дека во Европската комисија, Република Македонија и лично јас гледаме искрен пријател. 

 

Сакам да Ве уверам дека мој принципиелен став е дека Извештајот на Европската комисија претставува реална оцена на состојбите во македонското општество и нивото на постигнатиот развој во согласност со критериумите релевантни за европските интеграции. Очекувам дека целокупното општество, сите општествени и политички фактори, максимално ќе се посветат на надминување на сите посочени слабости во извештајот. Ве уверувам дека одблизу ќе го следам процесот на надминување на слабостите согласно препораките и ќе го вложувам својот авторитет во таа насока.

 

Во состојба на статус-кво, каква што е состојбата во која се наоѓа Република Македонија во однос на интегративните процеси, поради една ирационална и неразбирлива причина за блокада, без разумен аргумент, Република Македонија нема друга опција освен сите расположливи средства и сили да ги вложи во достигнување на сите критериуми, стандарди, вредности на Европската унија.

 

Во оваа прилика, сакам да Ви упатам благодарност за повторната препорака за одредување на датум за почеток на преговори за членство и се надевам дека европските партнери и лидерите на земјите членки на Европската унија на претстојниот Европски совет ќе покажат визија за Република Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство. На тој начин, Европскиот совет ќе ја потврди својата кредибилност и принципиелност и ќе обезбеди фер и еднаков третман кон Република Македонија и нејзините граѓани.

 

Дозволете ми на крајот, уште еднаш, да упатам благодарност за силната поддршка и да повторам дека воспоставеното пријателство и соработка не обврзуваат да бидеме искрени едни кон други и разумно да се соочуваме со предизвиците, а не да избегнуваме соочување со истите.

alt
Претседателот Иванов го доби најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија
Среда, 12 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (12 октомври) ја прими г-ѓа Александра Кас Гранје, директор за проширување во ЕК, која на Претседателот Иванов му го врачи извештајот за напредокот на Република Македонија.

На средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство од повторно афирмираната оценка на Комисијата дека Република Македонија ги исполнува предусловите за отворање на преговорите за членство. Претседателот Иванов оцени дека извештајот за напредокот на Република Македонија и другите документи претставени денес претставуваат реален одраз на македонското општество и неговото ниво на развој во согласност со критериумите релевантни за европските интеграции. Претседателот воедно нагласи дека одредени оценки се прашање на перцепција на состојбите во Македонија. Претседателот Иванов оцени дека подготвеноста на Македонија да ги продолжи реформските процеси останува висока, и додаде дека ќе го искористи претставувањето на извештајот како можност повторно да се упати порака до сите релевантни општествени фактори да го дадат својот придонес кон продолжување на позитивните оценки за македонскиот напредок.

Претседателот Иванов на средбата го изрази своето незадоволство од селективното почитување на стандардите на Обединетите нации при составувањето на текстот на извештајот. Претседателот подвлече дека начинот на именување на јазикот и етничката припадност на македонскиот народ се прашања на почитување на човековите права и човечкото достоинство. Претседателот Иванов оцени дека со оваа пракса на именување, Европската Комисија не помага во процесот на разговори со Република Грција и кон македонските напори да дојдеме до взаемно прифатливо решение со Република Грција, во рамките на Обединетите нации. Претседателот најави дека за ова прашање повторно писмено ќе реагира до Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо.

alt
Претседателот Иванов ќе престојува во официјална посета на Романија
Четврток, 06 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов од утре, 06.10.2011 до 08.10.2011 ќе престојува во официјална посета на Романија, на покана на неговиот романски колега, претседателот Трајан Басеску.  Во рамки на посетата, претседателот Иванов ќе оствари средби и со претседателот на Сенатот, Н.Е. г-дин Мирчеа Џоана и со претседателот на Владата на Романија Н.Е. г-дин Емил Бок.  

При оваа официјална посета на Романија предвидено е потпишување на два билатерални договори помеѓу Република Македонија и Романија – Договор за економска, научна и техничка соработка и Договор за соработка во областа на туризмот.

Сенатот на христијанскиот Универзитет „Димитрие Кантемир“ на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на свечена церемонија ќе му ја додели титулата „Doctor Honoris Causa“.

На вториот ден од посетата Претседателот Иванов ќе се обрати на Економскиот форум во Букурешт во организација на Комората за индустрија и трговија на Романија.  Претседателот Иванов и македонската делегација ќе се сретнат и со претставници на Друштвото на Македонците во Романија, при што ќе се одржи церемонија за постхумно доделување на „Орден за заслуги за Македонија“ на г-ѓа Лиана Думитреску, пратеничка која активно ги застапуваше Македонците во романскиот Парламент.

Официјалната посета на Романија претседателот д-р Ѓорге Иванов ќе ја заокружи со посета на Јаши.

alt
Честитка до Претседателот Кристијан Вулф по повод Националниот празник на Сојузна Република Германија
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Сојузна Република Германија испрати честитка до Претседателот на Сојузна Република Германија, Кристијан Вулф.
 
Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Сојузна Република Германија, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата држава и благосостојба на нејзиниот народ.

Дозволете ми во оваа свечена прилика, да го изразам задоволството од традиционално пријателските односи и соработката меѓу нашите држави и да го изразам своето уверување дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на истите во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Сакам да нагласам дека, како и до сега, Република Македонија придава највисоко можно внимание на развојот на односите и соработката со Сојузна Република Германија. Ние во Сојузна Република Германија гледаме искрен пријател и партнер не само на политички план и на планот на европските и евроатлантските интеграции, туку и на економски план.

Господине Претседателе, Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени на исполнувањето на вековниот сон за европска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благода

рност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Честитка до Претседателот на НР Кина, Ху Џинтао
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Националниот празник на Народна Република Кина, испрати честитка до Претседателот на Народна Република Кина, Ху Џинтао:

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особено задоволство, по повод Националниот празник на Народна Република Кина, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата голема држава и благосостојба на пријателскиот кинески народ.

Дозволете ми во оваа свечена пригода, да Ви упатам честитки и да изразам задоволство од фактот што, водена од визионерското мото „реформи и отвореност“, Народна Република Кина одлучно чекори кон економски напредок и благосостојба на своите граѓани. Високо го цениме и придонесот на Народна Република Кина во поддршката на мирот и мирољубивата коегзистенција во светот.

Воедно, би сакал да ја изразам подготвеноста на Република Македонија за соработка во насока на натамошно унапредување на традиционално пријателските односи што се негуваат меѓу нашите земји и нашите народи. Уверен сум дека со заеднички сили ќе дадеме свој придонес за натамошно унапредување на односите и збогатување на соработката во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Сакам да ја нагласам нашата целосна подготвеност на тој план.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 141 142 143 144 145 146 147 148 149 150 Следно > Крај
Страница 150 од 175