Соопштенија
alt
Средба со претставници на Македонската национална заедница во Република Албанија
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници на Македонската национална заедница во Република Албанија, активни во научниот, културниот и економско-политичкиот живот на оваа соседна земја.
 
Тие го запознаа Претседателот со активностите на македонските организации во Република Албанија и настојувањата за подобрување на економската, културната и политичката положба на припадниците на заедницата во Албанија, како и со нивните ставови и позиции во однос на претстојниот попис.
 
Претседателот Иванов го повтори ставот дека во времето и околностите во кои живееме, секоја индивидуа има право слободно без притисоци, заплашувања и предрасуди, да го оствари неприкосновеното право на самоидентификација. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е модел на почитување и афирмација на индивидуалните човекови права, модел кој очекува да претставува позитивен пример во целиот регион.

alt
Средба со Премиерот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Реџеп Таип Ердоган, претседател на Владата на Република Турција.

 
Соговорниците го констатираа и изразија задоволство од мошне високото ниво на севкупните политички односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се карактеризираат со дух на пријателство, висок степен на доверба и отсуство на отворени прашања. На средбата се разговараше за длабоката соработка на двете држави во голем број области, при што се констатираше дека односите меѓу Македонија и Турција, проследени со редовните средби на највисоко ниво, можат да послужат како пример за позитивна соработка меѓу земјите од регионот.
 
Претседателот Иванов изразувајќи благодарност за поддршката што Република Македонија ја добива од Република Турција во Северноатлантскиот сојуз, подвлече дека Македонија, која ги исполни условите за членство во НАТО, високо ја цени турската активност по ова прашање. Беа разменети мислења и информации за состојбата на двете држави во ЕУ интегративните процеси. Премиерот Ердоган нагласи дека Република Македонија секогаш може да смета на безусловна поддршка од Република Турција.
 
Премиерот Ердоган истакна дека посебно внимание посветува на натамошното интензивирање на економската соработка со Република Македонија. Беше искажано заемно задоволство што највисоко во агендата на меѓусебната соработка е економијата и константираа дека економските односи меѓу двете држави напредуваат кон посакуваното ниво. Претседателот Иванов истакна дека е охрабрен од нивото на турски инвестиции во Македонија и во регионот, како и од најавите за натамошно ширење на оваа соработка. Според претседателот Иванов, растечката динамичност на турската економија отвора сериозни можности за нашата држава.
 
Блиските културни односи меѓу двете земји и контактите меѓу етничките заедници во двете држави значително придонесуваат кон традиционалното пријателство и соработка, заклучија соговорниците. Претседателот Иванов го истакна заедничкото минато на сите балкански држави и потребата да се издвојат традициите кои не зближуваат, традициите на соработка, соживот и отвореност на едни кон други.

alt
Честитка до Претседателот на Израел, Шимон Перес по повод празникот Рош Хашана и одбележувањето на Еврејската нова година
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот празник Рош Хашана и одбележувањето на почетокот на 5772 година според Еврејскиот календар, упати честитка до Претседателот на Државата Израел, Шимон Перес.

 
Почитуван господине Претседателе,
 
Ми причинува особено задоволство, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод празникот Рош Хашана, со желби за мир, благосостојба и просперитет на Вашата земја и нејзините граѓани. Истовремено ја користам можноста да Ви посакам Вам и на Вашето семејство добро здравје и среќа, како и натамошен успех во извршувањето на Вашите одговорни обврски.
 
Честитајќи Ви ја новата 5772 година, дозволете ми да го искажам своето задоволство од досегашниот позитивен развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Државата Израел, за кои сум убеден дека и во иднина ќе продолжат да се развиваат во духот на воспоставеното пријателство и меѓусебното разбирање.
 
Упатувајќи Ви најдобри желби за благословен Рош Хашана, Ве молам да ги примите, господине Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.
 
L’ Shanah Tovah,
 
Д-р Ѓорге Иванов

alt
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Канада, Азербејџан и Унгаријa
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Канада, Република Азербејџан и Република Унгарија.

На средбата со Н.Е. г-дин Роман Вашчук, Амбасадор на Канада за Република Македонија со седиште во Белград, Претседателот Иванов изрази благодарност за постојаната поддршка што Канада ја дава за македонските интегративни процеси. Претседателот Иванов и Амбасадорот Вашчук високо ги оценија меѓусебните билатерални односи и средбите на раководствата на двете држави. Претседателот Иванов укажа на важната улога што ја игра македонската заедница во Канада за поврзување на двете земји, потенцирајќи дека во новиот состав на македонското Собрание за првпат се вклучени претставници и на македонските државјани во Северна Америка. Претседателот изрази надеж дека односите ќе продолжат да се продлабочуваат, со отворање на канадска амбасада во Македонија.

Претседателот Иванов му честиташе на Н.Е. г-дин Фаиг Багхиров, Амбасадор наaltРепублика Азербејџан за Македонија со седиште во Анкара, на новата функција. На средбата по предавањето на акредитивните писма, Претседателот Иванов и Амбасадорот Багхиров изразија задоволство што двете земји одржуваат дипломатски контакти и бараат начини за развој на економската соработка. Претседателот Иванов и Амбасадорот Багхиров разговараа за проектите за енергетско поврзување на Европа и регионот на каспискиот басен, и можностите за поврзување на Република Македонија со овие проекти кои гарантираат економски развој и енергетска сигурност.

Претседателот Иванов и новоименуваниот Амбасадор на Унгарија, Н.Е. г-дин Јожеф Бенце на средбата изразија взаемно задоволство од високото ниво на меѓусебните односи на двете држави. Претседателот Иванов му се заблагодари на Амбасадорот Бенце за силната поддршка која Република Унгарија и ја пружа на Македонија во активностите за отворање на преговорите за членство со Европската Унија, особено во периодот на унгарското претседавање со Европскиот Совет. Претседателот Иванов и Амбасадорот Бенце изразија задоволство од нивото на економска соработка, и потенцираа дека постои можност таа дополнително да се продлабочува.

alt
Честитка до припадниците на Бошњачката заедница по повод Денот на Бошњаците, 28 септември
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците ја упати следната честитка до припадниците на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.


Почитувани сограѓани,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, просперитет и благосостојба.

Република Македонија, како земја која во центарот на своите приоритети го има поставено негувањето на различните културни специфики и традиции, е дом на Бошњаците исто како и на другите етнички заедници. Историското присуство на бошњачката заедница во Република Македонија, придонело кон оформувањето на физиономијата на нашата мултиетничка и мултикултурна држава, збогатувајќи го нејзиниот духовен и културен колорит. 

Бошњаците секојдневно и непоштедно го даваат својот приоднес во сите сфери на животот во Република Македонија, зајакнувајќи ги напорите за демократки и економски развој и евроатланска интеграција на државата. 

Како држава остануваме посветени на целта да го овозможиме развивањето и унапредувањето на бошњачката култура и традиција, со цврста определба за нивна понатамошна промоција, негување и надградба. Посветени сме и на целта сите наши граѓани, Бошњаците и припадниците на сите други етнички заедници, да можат во Македонија да гледаат држава во која можат да остварат личен и колективен напредок успех. На овој ден, можеме да кажеме дека заедно чекориме водејќи ги нашите идни генерации кон иднина на просперитет и мир.

Нека Ви е честит големиот празник.

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Средба со Мајкл Дуби, командант на национална гарда на Вермонт
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денес го прими генерал-мајор Мајкл Дуби, командант на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт.


Претседателот Иванов и генерал-мајор Дуби остваруваат редовни средби во рамки на долгогодишната воена соработка помеѓу Република Македонија и сојузната држава Вермонт. На средбата, на која присуствуваа и Министерот за одбрана, Фатмир Бесими, Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал Мајор Горанчо Котески и новоименуваниот амбасадор на САД во РМ, Пол Волерс, се разговараше првенствено за состојбите и достигнувањата на заедничката мировна мисија во Авганистан. 

Македонија и Вермонт координирано настапуваат во мисијата во Авганистан, чија цел е да се обезбеди стабилност во оваа држава и да се промовира градењето на демократско општество.

Претседателот Иванов на средбата уште еднаш ја истакна важноста од заеднички придонес кон зачувување на мирот и слободата во светот, а особено во регионите кои подолго време се борат да ја надминат дестабилизацијата. Во денешното глобално уредување, како што нагласи претседателот Иванов, проблемите на една држава не можат да останат изолирани, и следствено занемарувањето на стабилноста во еден дел од светот, како што е Авганистан, може да генерира негативни последици и во други региони.

Генерал Мајор Дуби го нагласи сразмерно големиот ангажман на македонската армија во мировните операции, додавајќи дека Соединетите Американски Држави високо го ценат континуираниот македонски придонес, како одраз на вистинско и длабоко пријателство меѓу двете земји. Тој изрази особена благодарност кон Македонија за ангажманот на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии, особено во мисијата ИСАФ.

Соговорниците оценија дека Македонија заслужува што поскоро и формално да стане член на Северно-Атланската Алијанса, што ќе биде дополнителен придонес кон напредокот и развојот на Балканот.

Партнерството помеѓу Република Македонија и сојузната држава Вермонт започна во 2005 година како воена соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку Програмата за државно партнерство на Европската команда на САД. Во текот на годините таа соработка се прошири на многу сфери, вклучувајќи ги јавните услуги, кризниот менаџмент, промоцијата на универзитетско партнерство, економскиот развој, регулацијата во сферата на енергетиката, поддршка на спортот, итн.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 151 од 175