Соопштенија
alt
Средба со Ричард Ховит, известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Ричард Ховит, известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија.

На средбата, Претседателот Иванов истакна дека Европскиот Парламент, како носител на волјата на граѓаните во Европската Унија, е постојан пријател на Македонија и силен поддржувач на нашите евро-интегративни процеси. Пратеникот Ховит и Претседателот Иванов се согласија дека иднината на Македонија, и на целиот регион, е во обединување во рамките на Европската Унија, во процес кој овозможува надминување на меѓусебните недоразбирања и разлики.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија ги исполнува критериумите за отворање на разговорите со Европската Унија и дека единствената пречка на овој пат е спротиставувањето од страна на Република Грција. Претседателот Иванов додаде дека Македонија останува посветена на разговорите за надминување на спорот со Република Грција. Воедно, Претседателот Иванов го истакна успешниот модел на разговори меѓу Хрватска и Словенија, како пример во кој надминувањето на билатералниот спор меѓу две држави не го попречи водењето на разговорите за членство на Хрватска во Унијата. Претседателот Иванов оцени дека овој модел може да се примени и за надминување на спорот кој Република Грција го поставува пред македонските интеграции.

alt
Средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Ралф Брет
Среда, 05 Октомври 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ.


На средбата, Претседателот Иванов беше информиран за активностите и ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во земјата, како и за заедничките проекти кои се спроведуваат со учество на ОБСЕ. Претседателот Иванов изразувајќи благодарност за ангажманот и активностите на Мисијата на ОБСЕ во текот на годините, особено по период од 2001 година, подвлече дека искуството што амбасадорот Брет го има од претходниот ангажман во Република Македонија ќе биде од големо значење за натамошно успешно водење на Мисијата на ОБСЕ.

На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во повеќе сфери и беше констатирано дека приоритетите на Република Македонија и фокусот на ангажманот на ОБСЕ Мисијата се комплемeнтарни, во насока на натамошна поддршка на нашите приоритети во надворешната политика со посебен акцент на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Активностите во областа на владеењето на правото (имплементација на стратегијата за судски реформи), спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, реформите во полицијата, децентрализацијата, реформите во образованието се прашања на кои Република Македонија е силно фокусирана, не само поради фактот што ќе не приближат во вредностите и критериумите на ЕУ, туку дека се реална потреба на нашите граѓани, поради што Република Македонија особено го цени целокупниот ангажман на ОБСЕ во Македонија, истакна Претседателот Иванов.

Амбасадорот Брет информираше за актуелните проекти и за фокусот на интересот на ОБСЕ Мисијата во Република Македонија. Тој нагласи дека е подготвен за тесна соработка со институциите на Република Македонија и искажа задоволство од успехот во имплементацијата и реализацијата на проектите на ОБСЕ Мисијата.

alt
Телефонски разговор со војниците на АРМ во Авганистан
Среда, 14 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес телефонски разговараше со командата на македонската воена мисија во Авганистан.

Претседателот Иванов на овој начин директно се информираше за состојбата со македонските војници во Авганистан, по сериозниот вооружен напад во околината на командата на меѓународната мисија ИСАФ и амбасадата на Соединетите Американски Држави во главниот град Кабул. Командата на македонската воена мисија во Авганистан го информираше Претседателот Иванов дека македонските војници редовно и нормално ги извршуваат своите задачи во Кабул и во другите области на Авганистан каде што дејствуваат. Претседателот Иванов беше дополнително информиран за општата безбедносна состојба во Кабул и во Авганистан. Претседателот Иванов им честиташе на македонските војници за покажаната храброст и подготвеност во справувањето со вооружениот напад.

Македонските војници остануваат вклучени во активностите за стабилизирање на Авганистан и развој на мирот и демократијата во таа земја, како дел од меѓународната мировна мисија ИСАФ, предводена од НАТО.

 

alt
Новоименуваниот амбасадор на САД, Пол Волерс ги предаде акредитивните писма
Вторник, 13 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (13 септември) ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. г-дин Пол Волерс.

На средбата одржана по свеченото предавање на акредитивите, Претседателот Иванов ја искористи можноста да му посака срдечно добредојде на амбасадорот Волерс, истакнувајќи дека неговото добро познавање на Македонија и на регионот ќе биде од големо значење во успешното извршување на одговорната функција. Претседателот Иванов истакна задоволство од исклучително високото ниво на односите меѓу двете држави и од цврстината на долгогодишното стратегиско партнерство меѓу САД и Македонија. Претседателот Иванов и амбасадорот Волерс ги разгледаа можностите за натамошно продлабочување на соработката, како на билатерален план, така и во меѓународните кругови. Двајцата соговорници се согласија дека партнерските односи засновани врз заедничките споделени вредности се потврдија и во заедничкото дејствување на вооружените сили на двете земји во мировните мисии во Ирак и Авганистан.

Претседателот Иванов на средбата се заблагодари за постојаната и цврста поддршка што Соединетите Американски Држави ја даваат за реализирање на евро-атланските интеграции на Македонија. Претседателот истакна дека интеграциите на Македонија ќе бидат од голема полза како за земјата така и за регионот, и за функционалноста и кредибилитетот на НАТО и на Европската Унија. Претседателот Иванов на амбасадорот Волерс му ја афирмираше подготвеноста на Македонија, да работи, низ конструктивни разговори со Република Грција, кон отстранување на пречките кои Грција ги поставува пред македонските интегративни процеси.

Амбасадорот Волерс на средбата изјави дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат евро-атланската интеграција на Македонија. Амбасадорот воедно изрази задоволство што повторно ќе работи во Република Македонија, во насока на развојот на пријателството и партнерството меѓу Македонија и САД.

 

alt
Медал за заслуги за Македонија за членовите на кошаркарската репрезентација
Понеделник, 12 Септември 2011
alt
Писмо до претседателот на САД Обама по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001
Недела, 11 Септември 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држава, Барак Обама.

Почитуван г-дине Претседател,

Токму на десетгодишнината од терористичките напади кои не ја потресоа само Вашата голема нација, туку, исто така и срцата и мислите на сите слободољубиви демократии во светот, би можел единствено да се придружам кон единственото чувство дека ужасните настани од тој кобен ден не смеат никогаш да бидат заборавени. Чувството на ужас, страв и тага никогаш нема да избледи во заборав.  Мора да остане запаметено како лекција, но и како поттик за солидарност и единство меѓу слободните држави во нивната борба против злото. 

Пред десет години, тероризмот нанесе сериозен удар на Вашиот народ и на нашите заеднички вредности, фрлајќи длабока сенка врз слободниот свет. До ден-денес, оваа сенка постојано се растерува како од страна на американските патриоти, така и од страна на меѓународната заедница.

Сеќавајќи се на жртвите, на ожалостените и на секое семејство што живее во тага, сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзиниот народ ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот со истата одлучност како и досега.

Борбата за мир, слобода и за подобра иднина на човештвото во целост, е далеку од завршена. Република Македонија е верен и докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, а нашите мировници остануваат заедно со Соединетите Американски Држави во напорите за поголема безбедност, стабилност и мир во светот. Би сакал да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со семејствата на жртвите.

Ве молам, Почитуван Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 152 од 175