Соопштенија
alt
Претседателот Иванов се сретна со организаторите на Охридско лето
Понеделник, 11 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Вила Билјана во Охрид ги прими организаторите и дел од учесниците на годинешното Охридско лето.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа Претседателот, кој е и покровител на фестивалот, за досегашниот тек на подготовките. Претседателот Иванов изрази надеж дека фестивалот Охридско лето 2011 година ќе биде успешен културен настан, со учество на голем број странски уметници од кои многумина за првпат настапуваат во Охрид. Според Претседателот Иванов, фестивалот Охридско лето дава исклучителен придонес за промовирање на македонската култура во светот, како и на најзначајните светски културни достигнувања пред македонската публика. Претседателот Иванов минатата година додели Орден за заслуги за Македонија на фестивалот Охридско лето, поради долгогодишното успешно претставување на македонското и светското музичко и културно творештво на оваа национална установа.

Фестивалот ќе биде отворен утре, со премиера на делото Триологија Романа. На свеченото отворање, како гости на Претседателот Иванов ќе присуствуваат и Претседателите на Албанија, Косово и на Црна Гора.

alt
Средба со учесниците на Семинарот за македонски јазик, литература и културa
Сабота, 09 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес  ја прими делегацијата на учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој годинава од 27 јуни до 12 јули по 44-ти пат традиционално се одржува во Охрид, во организација на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Годинава на Семинарот за македонски јазик, литература и култура присуствуваат 112 учесници од 24 земји.

На средбата, Претседателот Иванов го подвлече значењето на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој повеќе од четири децении претставува духовна крепост на македонскиот културен и национален идентитет. Благодарение на овој настан  македонскиот јазик и македонската литература и култура се распространува низ сите светски меридијани создавајќи свои пријатели и почитувачи. Честитајќи им на организаторите за посветеноста при организирањето и реализирањето на семинарот претседателот Иванов им  посака и во иднина семинарот да продолжи со својата мисија и постојано развивајќи и наградувајќи ги своите содржини  ревносно да го промовира  македонскиот јазик и култура.

Гостите подробно го информираа Претседателот за годинешната програма и се заблагодарија за неговата поддршка изразувајќи цврста заложба и понатаму да бидат промотори на македонскиот јазичен и културен идентитет. Тие исто така го информираа Претседателот дека по завршувањето на семинарот ќе следи и меѓународната научна конференција на која ќе присуствуваат 80 учесници.
 

alt
Претседателот Иванов се сретна со учесниците на Специјалната олимпијада
Петок, 08 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ја прими делегацијата на Специјална Олимпијада на Македонија, која учествуваше на Олимписките Летни Игри на Специјална Олимпијада одржани од 25 јуни до 4 јули во Атина, Грција.

Повод за средбата беше извонредниот настап на македонските спортисти на Летните Олимписки игри во Атина на кои македонските спортисти постигнаа одличен успех со освојувањето на три златни и три бронзени медали, и тоа во неколку спортови: пливање, атлетика и пинг понг.

На средбата, Претседателот Иванов им го честита успехот на членовите на македонската Специјална Олимпијада и го пренесе своето високо почитување на нивната работата, истакнувајќи дека особено ги подржува активностите поврзани со лицата со посебни потреби. Токму спортот е еден од најуспешните начини за интеграција и социјализација на лицата со посебни потреби. Оттука севкупните активностите на Специјалната Олимпијада, а особено настапите на меѓународните спортски манифестации се од извонредно значење. Благодарение на успесите на спортистите на Специјалната Олимпијада, се промовира и нашата земја и нашата култура, истакна претседателот Иванов.

Претставниците на Специјалната Олимпијада го информираа за моментните активности, како и за плановите во иднина и учеството наголемите интернационални манифестации кои следат, изразувајќи цврста заложба и понатаму да бидат компетативни и да постигнуваат врвни резултати.
 

alt
Проштална средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Симон Филипини
Четврток, 07 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на проштална средбa ја прими амбасадорката на Кралството Холандија, Н.Е. Симон Филипини.

Амбасадорката Филипини искажа благодарност до институциите на Република Македонија за соработката и поддршката во вршењето на дипломатските должности, но пред сè за топлиот прием и гостопримството во нашата земја за време на нејзиниот мандат. Таа нагласи дека заминува од Македонија со бројни спомени и позитивни впечатоци.

Претседателот Иванов изрази благодарност за ангажманот и неуморната посветеност на Амбасадорката Филипини во изминатите четири години, кои придонесоа за унапредување на односите и соработката помеѓу Македонија и Холандија.

Беше изразено заемно задоволство од развојот и достигнатото ниво на билатералните односи, како и со зголемениот обем на севкупна соработка меѓу Република Македонија и Кралството Холандија, особено на планот на економијата, културата, туризмот.

На средбата беа разменети мислења за евро-атлантските аспирации на Република Македонија, како и за реформските процеси во сите општествени сфери. Амбасадорката Филипини се заблагодари за соработката со Претседателот Иванов, посакувајќи му нему и на Република Македонија многу идни успеси, а пред сè блиска реализација на напорите за интеграција на земјата во ЕУ и НАТО.
 

alt
Проштални средби со амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска
Среда, 06 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на проштални средби ги прими амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска во Република Македонија.

На средбата со Адријан Стефан Константинеску, амбасадор на Република Романија во Република Македонија, амбасадорот изрази благодарност за отворената соработка со Претседателот Иванов во вршењето на дипломатските должности. Двајцата соговорници изразија задоволство од достигнатото ниво во политичките односи и од растечката економска соработка и трговска размена. Претседателот Иванов и амбасадорот Константинеску разговараа и за претстојната возвратна посета на Претседателот Иванов на Романија.

Претседателот Иванов на унгарскиот амбасадор Ференц Кекеши му изрази благодарност за силната и принципиелна поддршка за време на унгарското претседавање со Европската Унија. На средбата беше констатирано дека оваа поддршка ќе продолжи и понатаму. Претседателот Иванов и амбасадорот Кекеши оценија дека билатералните односи на двете држави се одлични, со редовни средби на највисоко ниво кои позитивно се одразуваат на развојот на пријателските односи и севкупната соработка меѓу Република Македонија и Република Унгарија.

На средбата со Претседателот Иванов, амбасадорот на Република Полска Дариус Бахура ги претстави приоритетите на полското претседавање со Европската Унија. Амбасадорот Бахура истакна дека проширувањето на Унијата и интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа е еден од приоритетите на претседавањето на Полска. Претседателот Иванов изрази надеж дека за време на претседавањето на Полска, сите земји од регионот ќе направат исчекор во интеграциите и ќе влезат во следната фаза од интеграцијата. Претседателот Иванов оцени дека напредок во интеграциите позитивно ќе делува врз државите од Југоисточна Европа, ќе продуцира стабилност и просперитет во регионот, но позитивно ќе влијае и врз кредибилитетот на процесот на проширувањето и на единството и конкурентноста на Европа и Европската Унија во глобални рамки.

Претседателот Иванов на трите денешни средби нагласи дека на Европската Унија денес и е потребно поголемо потпирање врз европските вредности, повеќе Европа, и дека и е потребно лидерство и визија. На средбите беше искажана целосна подготвеност за натамошно унапредување на пријателските односи, за унапредување на севкупната соработка, особено на соработката на економски план. Претседателот Иванов на средбите со амбасадорите на Романија, Унгарија и на Полска побара нивното лично искуство во Македонија, позитивните активности и постигнатите успеси да бидат траен влог во натамошното развивање на односите на нивните држави со Република Македонија.
 

alt
Партнерството меѓу Македонија и САД продолжува со несмален интензитет – амбасадорот Рикер во проштална посета
Понеделник, 04 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (4 јули) во проштална посета го прими амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија г-дин Филип Рикер.

Двајцата соговорници се согласија дека односите меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави се исклучително добри, на ниво на стратегиско партнерство кое со несмален интензитет опстојува од осамостојувањето на Македонија до денес.

На средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на соработката и партнерството со Соединетите Американски Држави, искажувајќи висока почит за ангажманот и посветеноста на амбасадорот Рикер во градење и развивање на односите помеѓу двете држави.

Амбасадорот Рикер истакна дека САД високо го цени пријателството и партнерството со Република Македонија и му се заблагодари на Претседателот Иванов за исклучително позитивната и конструктивна соработка за време на неговиот мандат. Тој истакна дека особено ги цени иницијативите на Претседателот Иванов насочени кон младите во Република Македонија.

Амбасадорот во заминување Рикер, исто така, истакна дека е особено горд на соработката во сферата на безбедноста и одбраната, како и на стратегиското партнерство, засновано врз взаемното почитување на идентични вредности изразено и преку поддршката која Република Македонија ја дава во важните операции за заштита на демократијата во меѓународните воени мисии.

Претседателот Иванов и Амбасадорот Рикер заклучија дека добрата соработка помеѓу Република Македонија и САД ќе продолжи и во наредниот период. Двајцата соговорници изразија надеж дека наскоро Република Македонија ќе ги реализира стратегиските приоритети – полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Претседателот Иванов оцени дека тоа ќе биде чекор кој ќе придонесе кон просперитетот, стабилноста и демократскиот развој на регионот – цели кои ги делат и Соединетите Држави и во чие реализирање инвестираа значителни ресурси.

На крајот, Претседателот Иванов ја искористи приликата да му го честита на амбасадорот Рикер националниот празник на САД, Денот на независност – 4 јули.
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 157 од 175