Соопштенија
alt
Честитка по повод започнувањето на рамазанските пости
Понеделник, 01 Август 2011

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод започнувањето на рамазанските пости упати честитка до Ријасетот на Исламската верска заедница во Република Македонија.

Почитуван Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

Дозволете ми од мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, посакувајќи да ги поминете во мир, здравје и благосостојба, во духот и традицијата на Вашата вера.

Соработката и соживотот се основа на нашето општество и како такви тие се пример за целиот свет. Цврсто сум убеден дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи со својата активност да придонесува Република Македонија и понатаму да биде пример за заедничко живеење во мир и меѓусебно разбирање и почитување на сите граѓани без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Возвишениот месец Рамазан нека биде исполнет со радост, хармонија, добрина  и солидарност.

Со почит,
Д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија

alt
Писмо со сочувство по повод трагичните настани во Норвешка
Понеделник, 25 Јули 2011
alt
Младите имаат капацитет да ја преземат одговорноста за иднината на татковината – средба со лидерите на партиските подмладоци
Петок, 22 Јули 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Охрид по втор пат ги прими лидерите на младинските организации на политичките партии, кои присуствуваа на првата средба со Претседателот во пресрет на предвремените парламентарни избори, одржани во јуни 2011.

Иницијативата за повторно среќавање беше покрената уште при првиот разговор, кога Претседателот Иванов ги повика младите лидери да го развиваат политичкиот дијалог и активно да придонесат во спроведувањето фер, демократски и мирни избори без насилство и изборни инциденти.

Целта на втората средба со претставниците на партиските подмладоци беше, пред сè, да се даде заедничка оценка за начинот на кој беа спроведени изборите и како младите политички лидери придонесоа кон нивната успешност. Тие на Претседателот Иванов му ги презентираа своите искуства од текот на предизборната кампања, предизвиците со кои се соочувале на терен, како и нивниот општ впечаток за изборниот процес.

„Во демократијата изборите доаѓаат и поминуваат, и тие ги легитимираат оние кои ја преземаат одговорноста за државата. Сите ние треба да учествуваме во афирмирање и промовирање на Република Македонија како држава во која живеат и дејствуваат квалитетни, талентирани и кадарни млади луѓе, кои поседуваат голем капацитет и потенцијал и кои се спремни да ја преземат одговорноста за иднината на својата татковина во свои раце со практикување на јавна пристојност,“ изјави Претседателот Иванов. Тој воедно нагласи дека младата и отворена политичка мисла, која стреми кон подобрувања и промени клучни за демократската и политичка стабилност и развој на Република Македонија, секогаш ќе ја има неговата полна поддршка.

Имајќи ја предвид потребата за континуирано зацврстување на јавната и политичка свест кај младите, Претседателот Иванов уште еднаш ја нагласи отвореноста овие средби да прераснат во традиција, кога самите подмладоци ќе ја преземат обврската да имаат редовни меѓусебни средби.
 

alt
Прием на група претставници на семејства на лица исчезнати во воениот конфликт во 2001 година
Четврток, 21 Јули 2011
alt
Писмо до Претседателот Саркози по повод Националниот празник на Француската Република
Четврток, 14 Јули 2011

По повод 14 јули - Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Француската Република, Никола Саркози.

Почитуван господине Претседателе,

По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам лично и на сите граѓани на Вашата земја, Ви упатувам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и за благосостојба на пријателскиот народ на Франција.

Важноста на 14 јули 1789 година, за Франција, но и за Европа и светот е голема. Тоа е славење на идеалите на Француската револуција - слобода, еднаквост, братство, како и идеалите зацртани во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот - слободата, правото на сопственост, безбедност, правото на борба против угнетувањето. Идеали кои во континуитет претставуваат инспирација за луѓето и народите ширум светот во својот стремеж за остварување на природните права на човекот. Идеали кои пред две децении ги исполни и Република Македонија.

Дозволете ми да ја искористам оваа свечена пригода да изразам задоволство од досегашниот развој на односите кои се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Сеќавајќи се на визионерските зборови на големиот Французин и Европеец, Жан Моне - „да се гради Европа значи да се гради мир“ - сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја и ја дава на Република Македонија во оваа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

Д-р Ѓорге Иванов
 

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 156 од 175