Соопштенија
alt
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Кралството Холандија
Среда, 17 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (17 август) ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Сојузна Република Германија и на Кралството Холандија.

На средбата со амбасадорот на Сојузна Република Германија Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнакер, Претседателот Иванов и посака добредојде на Амбасадорот Штајнакер. Претседателот Иванов истакна дека Германија, како водечка европска држава и како еден од најзначајните економски партнери на Република Македонија, е исклучително важен пријател на Република Македонија. Претседателот, на средбата со Амбасадорот Штајнакер, изјави дека за Република Македонија продолжувањето на евро-атланските интеграции претставува стратегиска одлука и единствена перспектива за натамошен економски и политички развој. Претседателот високо ја оцени улогата на Германија во интегративните процеси на Македонија и во регионот, и изрази надеж дека и соalt својот личен ангажман Амбасадорот Штајнакер ќе придонесе кон натамошно продлабочување на односите и засилување на соработката меѓу двете земји.

На средбата со Н.Е. г-ѓа Мариа Хенриет Шурман, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, Претседателот Иванов високо ги оцени односите и пријателството меѓу двете држави. Соработката во голем број на развојни проекти во Република Македонија во областите на економијата, технолошкиот напредок, образованието, туризмот и други области, на средбата беше оценета како исклучително важен придонес на Кралството Холандија. Претседателот Иванов изрази благодарност за постојната и силна поддршка на Кралството Холандија за реализирањето на стратегиските цели на Република Македонија – членството во НАТО и во Европската Унија – за чие реализирање оцени дека ќе даде непроценлив придонес и кон просперитетот и стабилноста на целиот регион.

 

alt
Проштална средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Петар Соренсен
Среда, 17 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес (17 август) го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија Н.Е: г-дин Петар Соренсен на проштална средба.

Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од интензивната соработка во изминатиот период. Претседателот Иванов му се заблагодари и му честиташе на Амбасадорот Соренсен за конструктивната и позитивната улога која ја одигра во поддршка на реформските процеси. Претседателот го поздрави и неговиот придонес и поддршка за значајни конкретни проекти од соработката меѓу Република Македонија и Европската Унија.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Европската Унија, а особено за процесот на интегрирање на Република Македонија во Унијата од аспект на спроведувањето на најзначајните реформи и атмосферата во Унијата. Претседателот Иванов и Амбасадорот Соренсен разговараа и за претстојниот извештај за напредокот на Македонија.

Тема на средбата беа и актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и улогата на Република Македонија во регионалната соработка. Претседателот Иванов истакна дека продолжувањето на европските интегративни процеси и инфраструктурното поврзување на земјите од регионот се од исклучителна важност за напредување на регионот.

Амбасадорот Соренсен на средбата потенцираше дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во овие области. Амбасадорот изрази задоволство од неговиот ангажман во Република Македонија и истакна дека високо ја цени улогата на Претседателот Иванов. Претседателот Иванов изрази надеж дека Амбасадорот Соренсен ќе продолжи да го дава својот придонес за интегративните процеси и проширувањето на Европската Унија и од новата позиција на која заминува.

alt
Средба со професорите Ванечек и Сусман од Универзитетот Норвич во Вермонт
Вторник, 16 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид оствари средба со професорите Франк Ванечек и Филип Сусман од Универзитетот Норвич во американската сојузна држава Вермонт.

На средбата, Претседателот Иванов и професорите Сусман и Ванечек разговараа за можностите за отворање на студиски програми на Универзитетот Норвич во Македонија, во области на современата технологија, каде што овој американски универзитет располага со значително искуство. Претседателот Иванов на средбата ја истакна добрата соработка меѓу Република Македонија и властите на американската сојузна држава Вермонт, особено во областа на одбраната и стратегиската соработка меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт.

Претседателот Иванов изрази задоволство од интензивирањето на соработката со Универзитетот Норвич, кој Претседателот го посети во 2009 година, и особено од подготвеноста на Универзитетот Норвич да прими кадети од Воената Академија на Република Македонија и подготвеноста за соработка со македонските образовни институции воопшто. Професорот Сусман беше предавач на минатогодишната Школа за млади лидери под покровителство на Претседателот Иванов.

 

alt
Претседателот Иванов го потпиша указот за нов Началник на Генералштабот на АРМ
Вторник, 16 Август 2011

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов денес (16 август) го потпиша указот за разрешување на Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал - потполковник Мирослав Стојановски заради истек на мандатот. На денешната средба во Охрид Претседателот Иванов му изрази благодарност на генерал - потполковник Стојановски за неговиот професионален ангажман во вршењето на високата должност во Армијата на Република Македонија.

Претседателот Иванов ги потпиша указите за поставување на бригадниот генерал Горанчо Котески, сегашен командант на Здружената оперативна команда, за Началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, како и за негово унапредување во чин генерал - мајор. Претседателот изрази очекување дека како Началник на Генералштабот, генерал Котески ќе ги продолжи реформите на АРМ со цел нејзино натамошно етаблирање како модерна и ефикасна сила и гарант на мирот и стабилноста.

Претседателот Иванов потпиша указ за унапредување во чин бригаден - генерал за командантот на 2-ата механизирана пешадиска бригада полковникот Методија Величковски.

Свеченото примопредавање на должноста Началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија ќе се одржи на Денот на АРМ, 18 август, во Центарот за обука во Охрид.
 

alt
Честитка по повод 2-ри Август - Ден на Републиката
Вторник, 02 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод 2-ри Август - Ден на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Македонија и сите Македонци ширум светот.

Почитувани,

Денес Република Македонија одбележува 108 години од Илинденското востание и 67 години од второто заседание на АСНОМ. Денес сите македонски граѓани имаат причина за славење и гордост. Денес празнуваат сите Македонци ширум светот, денес празнува секој слободољубец и хуманист, секој правдољубив демократ.

Прославувајќи го 2 Август, Денот на Републиката имаме извонредна можност да им се заблагодариме на сите херои од сите периоди и историски премрежија на нашиот народ кои идеалите за слобода, рамноправност и демократија ги преточија во стварност.

Она што беше прокламирано во крушевскиот Манифест и етаблирано во одлуките на АСНОМ веќе 20 години е наше секојдневие.

Врз цврстите темели што ги поставија нашите предци, Република Македонија, слободна и независна продолжува со својот развој и напредок. Пред нас претстои континуирана работа во која македонските граѓани обединети ќе работат на изградбата на современо и просперитетно општество.

Да е честит и вековит празникот!

Д-р Ѓорге Иванов

alt
Средби со Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Министерот за одбрана и Министерот за надворешни работи на Република Македонија
Понеделник, 01 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Министерот за одбрана и Министерот за надворешни работи на Република Македонија.

На средбата со г-дин Муса Џафери, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковен договор се разговараше за координацијата во правец на одбележувањето на 10 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и активностите кои се предвидени во рамки на одбележувањето, за кои носител ќе биде Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а ќе бидат под покровителство на Претседателот на Република Македонија.alt

На средбата со новоименуваниот Министер за одбрана на Република Македонија г-дин Фатмир Бесими беше разговарано за развојните и реформските процеси во Министерството за одбрана. На средбата беше констатирано дека е неопходно и натаму да се унапредува тесната соработка меѓу Министерството и Кабинетот на Претседателот, согласно ингеренциите на Претседателот Иванов како врховен командант на Вооружените сили на АРМ. Соговорниците на средбата го повторија заклучокот дека Република Македонија ги постигна бараните реформи и го достигна нивото за полноправно членство во НАТО, а влезот во Северно-атлантската Алијанса останува врвен приоритет на македонската надворешна и безбедносна политика. На средбата стана збор и за подготовките за претстојното одбележување на Денот на Армијата - 18 август.

altПретседателот Иванов на средбата со г-дин Никола Попоски, новоименуваниот Министер за надворешни работи, имајќи предвид дека со МНР Претседателот на Република Македонија остварува исклучително тесна соработка, изрази очекување за продолжеток и унапредување на оваа соработка. Претседателот Иванов се заложи кај министерот Попоски за поголемо влијание и зголемување на ефикасноста и квалитетот на работата на Министерството, како и за проактивен однос на македонската дипломатија, со цел остварување на стратегиските приоритети на Република Македонија - полноправно членство во НАТО и во Европската Унија.

Претседателот Иванов на тројцата новоименувани членови на Владата на Република Македонија им го честита изборот и им посака успешно и одговорно вршење на функциите.

 
Почеток < Пред 151 152 153 154 155 156 157 158 159 160 Следно > Крај
Страница 155 од 175